1032 hPa
86 %
-2 °C
Скопје - Саб, 14.12.2024 04:59
Во втората декада на јули продолжува силниот топлотен бран со максимални температури од 35 до 40 степени целзиусови и тропски ноќи во урбаните средини, феномен познат како „топлотна купола“, потврди климатологот Владимир Ѓурѓевиќ.
Што е топлотна купола?
„Во метеорологијата велиме стационарен антициклон во блокинг“, истакнува тој и објаснува што се случува.
„Во атмосферата, кога се гледа северната хемисфера, распоредени се таканаречени циркуларни системи кои влијаат на формирањето и преместувањето на воздушните маси - циклони и антициклони. И едните и другите имаат свое типично време, циклоните вообичаено се свежи и дождливи, антициклоните подразбираат топло, стабилно време. Тие се движат, патуваат од запад кон исток но се случува да заглават на едно место на подолг период. Кога антициклонот долго е стациониран на едно подрачје доаѓа до формирање таканаречена 'топлотна купола'. Имено, високиот притисок прави купола која го засилува ефектот, како поклопец кој ја задржува високата температура“, објаснува Ѓурѓевиќ, додавајќи дека се работи за уште еден феномен за кој се зборува дури во поново време, со растечкиот проблем на климатските промени.
Според неговите зборови, во моментов постојат три стационарни антициклони - центарот на актуелниов заради кој „се вариме“ се наоѓа над Мароко, но кракот продира во југоисточна Европа.
„Се протега од северот на Африка, преку Италија, па делумно кај нас. Заради структурата на антициклонот постојано имаме прилив на топол воздух од Африка“, открива Ѓурѓевиќ. Напоменува дека вообичаено таквите долги топли периоди нагло прекинуваат со продор на студен воздух.
Топлотната купола е метеоролошки феномен во кој голема маса топол воздух е „заробена“ над одредено подрачје, што предизвикува екстремни температури. Вообичаено е топлиот воздух заради тоа што е поредок од студениот, да има тенденција да се крева во висина. Меѓутоа, силниот систем на високиот притисок може да ги спречи кревањето и ширењето и да го присили топлиот воздух да остане „заробен“ до површината во одредено подрачје.
Во таа смисла системите на високиот притисок дејствуваат како поклопец или купола над одредено подрачје. Атмосферскиот физичар Бранко Грисоњо, професор на загребскиот Природно-математички факултет, вели дека „зголеменото таложење во силното антициклонско поле на воздухот не дозволува длабоко струење на топол воздух туку испарување, па со својот моќен 'поклопец' го прави спротивното - ги запира мешањето на воздухот и проветрувањето“.
„Тоа најчесто се случува кога млазната струја, поларна или суптропска, е преслаба, а тоа слабеење е нешто што се случува во актуелните климатски промени“, додава Грисоњо.
Сончевата енергија го загрева тлото, а потоа тлото го загрева воздухот над него. Без можност да се крене и распространи, загреаниот воздух останува блиску до тлото каде продолжува да се загрева. Се собира под куполата, а бидејќи неговата вкупна топлина е заробена во помал волумен, температурата расте дополнително.
Високиот притисок исто така го спречува формирањето облаци и врнежи, што значи дека подрачјето под топлотната купола останува суво и сончево, а тоа пак дополнително ја зголемува температурата.
Ќе бидат сè почести
Студијата објавена во журналот „Nature Climate Change“ ја анализирала топлотната купола од 2021 година во западна Канада и САД. Според неа, ако глобалните температури пораснат за 2 степени целзиусови над прединдустриското ниво, топлотните куполи, како онаа од 2021 година, би можеле да се појавуваат на секои десет години.
„Врската помеѓу екстремните жештини и просечната температура делумно може да се објасни со повратната врска помеѓу влажноста на тлото и атмосферата. Се очекува веројатноста за екстремни жештини слични на оние од 2021 година да се зголеми заради општото загревање, засилената повратна спрега помеѓу влажноста на тлото и атмосферата и слабата, но сепак значајно зголемена веројатност за циркулација слична на топлотната купола“, пишуваат авторите на студијата.
„Bulletin of the Atomic Scientists“ во 2023 година објави дека заради климатските промени топлотните куполи станаа петпати поверојатни.
Климатските промени влијаат на динамиката на атмосферата, вклучувајќи ги промените во обрасците на високиот и нискиот притисок. Посилниот и потрајниот систем на висок притисок можат да доведат до почесто формирање топлотни куполи. Исто така, климатските промени можат да ги ослабат млазните струи, што им овозможува на системите со висок притисок подолго да останат на едно место.
Како што се топат ледените покривки, а површините покриени со шуми и пасишта се заменуваат со површини како асфалтот и бетонот, рефлективноста на земјината површина се намалува. Потемните површини рефлектираат помалку топлина во вселената, односно апсорбираат повеќе, заради што повеќе се загрева воздухот над нив. Тоа, пак, може да поттикне почесто формирање и подолго траење на топлотните куполи.
Градовите заради урбаниот топлотен ефект дополнително ги влошуваат последиците од топлотните куполи. Бетонот, асфалтот и другите градежни материјали апсорбираат и задржуваат повеќе топлина од пасиштата и шумите, што може да го зголеми интензитетот на топлотните бранови во урбаните подрачја.
Климатските промени исто така придонесуваат за почести и поинтензивни суши. Сувото тло и недостатокот на влага ја намалуваат можноста за ладење на површината преку испарување, што повторно ги зголемува последиците од топлотните куполи. Недостатокот на влага во воздухот исто така ги намалува облаците, што овозможува уште повеќе сончева енергија да дојде до тлото и да го загрее.
Ќе траат сè подолго
Со климатските промени топлотните куполи би можеле да станат сè подолготрајни.
Како што веќе наведовме, климатските промени можат да предизвикаат ослабување на висинските струи и намалување на разликите во температурите и притисокот помеѓу поларните и тропските краишта зашто поларните краишта заради топењето на рефлексивниот мраз побрзо се загреваат.
Тоа, пак, може да предизвика побавно движење на атмосферските системи, што значи дека системите на високиот притисок, кои ги создаваат топлотните куполи, можат подолго да се задржуваат над одредени подрачја.
Продолжените суши ја намалуваат количината на влага во земјата, што дополнително го стабилизира високиот притисок и на топлотните куполи им овозможува да траат подолго.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Toni Hamel
Извор: https://www.danas.rs/