1014 hPa
32 %
32 °C
Скопје - Саб, 07.09.2024 17:59
Недела, 21 јули, беше најтоплиот ден забележан досега откако се мери температурата.
Прелиминарните податоци на Европската климатска агенција Коперникус покажуваат дека просечната глобална температура во неделата била 17,09 степени целзиусови (62,76 степени фаренхајтови), соборувајќи го рекордот поставен минатата година на 6 јули 2023 година за 0,01 Целзиусови степени (0,02 степени фаренхајтови).
Овој, како и минатогодишниот рекорд, значително го надминаа претходниот рекорд од просечни 16,8 степени целзиусови (62,24 степени фаренхајтови) на ниво на земјината топка, поставен во 2016 година.
Годинава ќе биде најжешката досега
Без климатските промени предизвикани од човекот, рекордите би се уривале многу поретко, а новите ладни рекорди би се поставувале исто толку често колку и топлите.
„Она што е навистина неверојатно е разликата меѓу температурата последниве 13 месеци и претходните температурни рекорди. Сега навистина сме на непознат терен“, изјави директорот на Коперникус, Карло Бонтемпо.
Во внатрешноста на Калифорнија беа измерени трицифрени фаренхајтови температури, кои предизвикаа повеќе од дваесетина пожари во западниот дел на САД. Во исто време Европа се соочуваше со смртоносен топлотен бран.
„Тоа е секако загрижувачки знак, овие 13 последователни месеци рекордни температури“, рече Зак Хаусфатер, климатски научник од Беркли, кој сега проценува дека има 92 отсто шанси 2024 година да биде потопла од 2023 година, најтоплата година досега.
Рекорд во последните 120.000 години
Јули е генерално најтоплиот месец во годината, главно зашто има повеќе копно на северната хемисфера, па сезонските обрасци таму влијаат на глобалните температури.
Белешките и мерењата на Коперникус досегаат до 1940 година, но другите глобални податоци собрани од владите на Соединетите Држави и Обединетото Кралство се враќаат уште подалеку, во 1880 година. Многу научници, земајќи ги предвид овие податоци, велат дека минатогодишните температурни рекорди се највисоки што планетата ги доживеала последните околу 120.000 години. Во првите шест месеци од 2024 година соборени се и тие рекорди.
За ваквите екстремни температури научниците најмногу ги обвинуваат климатските промени, предизвикани од согорувањето на јаглен, нафта и природен гас, како и сточарството. Другите фактори го вклучуваат климатскиот феномен Ел Нињо, кој го загрева централниот дел на Пацификот.
Загадувањето на морињата со горива, како и подводните вулкански ерупции, исто така, предизвикуваат дополнително затоплување, но тие не се толку важни како стакленичките гасови што ја задржуваат топлината.
Извор: https://www.copernicus.eu/en