Новата десница

24.07.2024 17:07
Новата десница

 

Крајна десница? Тврда десница? Радикална десница? Или само десница? Успехот на партиите како Национален собор на Марин Ле Пен (поранешниот Национален фронт) и Алтернатива за Германија (AfD) на неодамнешните избори за Европскиот парламент ја отвори дебатата за тоа дали терминот „крајна десница“ треба да се пензионира оти, како што тврди Фрејзер Нелсон, уредник на Обсервер, многу од партиите за кои до неодамна се користеше тој опис оттогаш „станаа дел од политичкиот мејнстрим, сосема поразлично од она што беше пред 15 години“.

Нелсон верува дека таквите партии всушност треба да се класифицираат како „нова десница“. Италијанската премиерка Џорџија Мелони, чија партија Браќата на Италија е следбеник на фашистичка организација, во пракса покажала дека не е радикална, туку припаѓа на „десниот центар“. „Бесмислено е нејзината партија да се нарекува ’постфашистичка’“, продолжува Нелсон, „или да се тврди дека сите различни партии на ’новата десница’ припаѓаат на еден блок од ’крајната’ или радикалната десница“.
Вистина е дека терминот „крајна десница“ се користи прелесно и дека кога крајно десничарските политичари ја освојуваат власта тие главно не владеат како Мусолини од новото време, туку како технократи со реакционерна агенда. Но, она што е погрешно во овој аргумент е недостигот на разбирање дека продолжувањето на нормализирањето на ставовите на крајната десница ќе мора да ги отвори прашањата не само за нејзиниот карактер, туку и за карактерот на главниот тек на политичкиот живот.

Како што заклучуваат Џон Блумфилд и Дејвид Едгар во новата полемичка критика на „популистичката десница“, организациите кои се опишуваат како „крајна десница“ вклучуваат најмалку три различни групи. Најпрвин тука се „бесрамно неофашистичките партии“, како што се германската Татковина или, NPD, и Златна зора во Грција. Тие можат да бидат закана на улиците, но не ја уживаат поддршката од пошироката јавност.

Потоа тука се „партиите што го наследуваат фашизмот“, произлезени од старите фашистички партии, како што се Браќата на Италија и француската RN; некои од нив се обидуваат да се „детоксираат“ за да постигнат подобри изборни резултати. Конечно, има нови партии како што е AfD, основана во 2013 година како опозиција на проектот на ЕУ (во тоа време беше опишана како „партија на професори“ и „буржоаска протестна партија“ поради бројните професори во нејзинaта хиерархија), или Партијата на слободата на Герт Вилдерс (PVV), основана во Холандија во 2006 година врз програмата за борба против имиграцијата и исламот, која триумфираше на општите избори минатата година.

Зголемениот успех на крајно десничарските партии или „новата десница“ не е знак за црни кошули на улиците или враќање на фашизмот од 1930-тите. Фашистичките партии од меѓувоениот период се појавија во време на жестоки класни конфликти и конфронтација меѓу капиталот и трудот. Денешната „нова десница“ ја произведуваат токму спротивни општествени услови.

Последните 40 години организациите на работничката класа се распаднаа, класните конфликти се слабо видливи и голем дел од јавноста изгуби интерес за политичкиот процес. Во време кога економските и општествените случувања, од несигурноста на работата до наметнувањето мерки за штедење, го направија животот на работничката класа многу понеизвесен, социјалдемократските партии се оддалечија од традиционалната работничка база, што кај многу гласачи остави чувство дека им е одземен политичкиот глас.

Во меѓувреме, класната политика е заменета со идентитетска политика. Класата е сè помалку политичка или економска категорија, а сè повеќе културна, па дури и расна одредница. Политичарите и новинарите често зборуваат за „белата работничка класа“, но ретко ја спомнуваат „црната работничка класа“ или „муслиманската работничка класа“, иако црнците и муслиманите сочинуваат многу поголем дел од работничката класа.

Наместо тоа, коментаторите како Метју Гудвин, академски истражувач на десничарскиот популизам кој стана нивен приврзаник, зборува за „неформален сојуз на белите елити, корпорации и малцинства, против белата работничка класа“, со што истовремено ги исклучува малцинските групи од редовите на работничката класа и ја промовира идејата дека белите работници се најголемите жртви. Сето ова го отвори патот за реакционерните движења да го преобликуваат политичкиот пејзаж преку поврзување на расистичките идентитетските политики, вкоренети во непријателството кон мигрантите и муслиманите, и економските и социјалните политики кои некогаш припаѓале на левицата: одбрана на работните места, поддршка на социјалната држава, спротивставување на мерките за штедење.

Во пракса политичарите од „новата десница“ се залагаат за мерки кои суштински се во конфликт со интересите на работничката класа, од напади врз граѓанските слободи до ограничувања на синдикалните права. Но, откако социјалдемократските партии ја напуштија работничката класа, голем дел од работничката класа ги напушти социјалдемократските партии. Многумина од нив побараа засолниште во партиите на радикалната десница.
Успаничени од тековното политичко престројување, политичарите од центарот лесно прифаќаат многу од темите на екстремната десница. Од масовното притворање и депортирање на мигранти без документи до инсистирање за обработка на барањата за азил во странски земји. Идеите кои не толку одамна беа ограничени на маргините на политичкиот спектар сега се воведуваат како официјални државни политики. Истакнати фигури од десниот центар нашироко ги рециклираат крајнодесничарските начела, како што е теоријата на заговор за „одлична замена“ на белите Европејци со мигранти и шират паника поради опаѓањето на наталитетот на „домородните“ Европејци.

„Позициите кои беа осудени, отфрлени, омаловажувани и третирани со презир во минатото стануваат универзално прифатени“, изјави за новинарите во 2016 година унгарскиот премиер Виктор Орбан, политичка икона на многу претставници на „новата десница“. „Луѓето кои имаат такви ставови денес се добредојдени како рамноправни партнери.“ Осум години подоцна неговите изјави звучат уште повистинито.

Кога Урсула фон дер Лајен беше избрана за претседателка на Европската комисија во 2019 година, еден од нејзините први потези беше да го преименува заменик-претседателот задолжен за миграциските политики во „комесар за промовирање на нашиот европски начин на живот“, со што стави до знаење дека мигрантите се егзистенцијална закана за европската култура и идентитет. Нејзиниот потег, се радуваше Ле Пен, „ја потврдува нашата идеолошка победа“.
Многу критичари одговараат дека нема ништо „крајно десничарско“ или „расистичко“ во тоа да се сака да се ограничи имиграцијата или да се привлече внимание на опасностите од радикалниот исламизам. Вистина е. Сепак, има нешто длабоко поразително во демонизацијата на мигрантите кога зборуваме за приливот на баратели на азил како „инвазија“, или за муслиманите како популација што не може да се вклопи во западните општества, во опсесивното повторување дека „белците стануваат малцинство во Лондон“ и тврдењето дека имиграцијата ги принудила Британците „да ја предадат територијата без испукан куршум“, плашејќи се дека Европа „извршува самоубиство“. Тоа се темите на екстремната десница, кои сега со задоволство ги користат интелектуалците и политичарите од центарот.

Ако ви се чини дека деновиве ознаката „крајна десница“ станала излишна, тоа е најмногу зашто аргументите кои некогаш беа резервирани за маргиналните политички групи, денес стигнаа во центарот на политичката дебата.



Слики:
Owen Gent

The Guardian, 16.06.24.

Превод: Н. Г.

Слични содржини

Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Европа
Општество / Активизам / Европа / Свет
Општество / Активизам / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Психологија

ОкоБоли главаВицФото