Анри Матис

24.07.2024 23:13
Анри Матис

Радоста на живеењето

Анри Матис (1896-1954) е француски уметникој кој ја напуштил правната кариера и на дванаесет години заминал во Париз за да учи сликарство во ателјето на Густав Моро, во чија работилница се собирале повеќето тогашни млади сликари кои подоцна биле дел од движењето фовизам.

Студирал на Ecole des Beaux-Arts и паралелно учел кај Густав Моро. Според неговото сфаќање сликата не ја прикажува перцепцијата на реалноста, туку таа е ритмичка организација на линии и бои на рамна површина. Истражувал колку далеку може да се оди во стеснувањето на облиците од природата, а да не се нарушат нејзините темелни обележја и сликата да не стане само површински украс.

Станал корисник на инвалидска количка по операција од рак. Не дозволил губењето на мобилноста да му го потисне духот. Напротив, повторно добил енергија и последните 14 години од својот живот ги нарекол „une seconde vie“ или втор живот. Почувствувал дека периодот во инвалидска количка му дозволил да ги преиспита своите приоритети и да се ослободи себеси за да го прави она што го сака.

Танц

Матис ги адаптирал своите уметнички методи за да одговараат на неговиот живот во инвалидска количка. Иако неговата подвижност била ограничена можел да талка низ градините во форма на неговите уметнички дела. Не можејќи да патува како порано, Матис можел да ја доживее убавината околу себе преку уметноста што ја создавал со сопствените раце.

Во подоцнежните години никогаш не дозволил инвалидската количка да го спречи да твори. Само го сменил својот медиум. Го започнал она што го нарекува „сликање со ножици“.

Значењето на Матис во уметноста е неспорно, но не е целосно сфатено. „Би сакал луѓето кои се чувствуваат вознемирено, потиштено и преморено да почувствуваат спокој додека ги гледаат моите слики“. Таква била намерата на Матис. А денес, осврнувајќи се на неговото долго животно дело можеме да се увериме дека тоа сведочи за континуираниот развоен пат кон таквата најавена цел, при што неговите дела од последните 15-20 години најмногу се приближуваат до посакуваниот идеал.

Жена со шапка

Успехот на Матис се темели на неговото користење - во контекст на современата западна уметност тоа би можело да се нарече и негово откритие - чисти бои. Чистата боја, како што ја сфаќал Матис, немала ништо заедничко со апстрактната боја. Повеќепати изјавувал дека бојата „мора да му служи на изразот“.

Можеби неговата генијалност најдобро можеме да ја објасниме ако го споредиме со некои од неговите современици, кои исто така биле преокупирани со боите. Боите на Бонар се разлеваат, правејќи ги неговите предмети недофатливи и носталгични. Боите на Матис тешко би можеле да бидат поприсутни и светкави, па повторно успеваат да го доловат спокојот во кој нема ни трошка носталгија. Брак ја култивирал сетилноста сè додека таа не станала извештачена. Матис ја зголемувал сетилноста сè додека не станала широка како распонот на неговите бои, велејќи дека не сака неговата уметност да наликува „на некоја удобна фотелја“. Дифи со Матис споделувал исто чувство на уживање, па боите му биле радосни како веселбите што ги сликал, но боите на Матис, не помалку светли, ја надминуваат обичната радост за да ја афирмираат спокојната среќа. Единствен уметник кој како колорист би можел да се споредува со Матис бил Леже. Меѓутоа, неговите цели толку се разликувале што тешко можеме да ги споредуваме. Леже бил епски, граѓански уметник; Матис во суштина бил лирски, сосема индивидуален творец.

Зелена линија

Точно е дека мерилата на Матис за креативноста и вкусот му припаѓале на светот на француската haute bourgeoisie (висока буржоазија). Ниедна друга класа од модерниот свет не уживала таква приватност, деликатност и раскош како што тоа го доловува делото на Матис. Токму стеснетоста на духот го спасила од негативните и деструктивни убедувања на класата на која припаѓала неговата уметност. Стеснетоста на духот му дозволила да ужива во такво опкружување, а притоа да не биде извалкан од него, ниту кон него да стане критичен.

Размислувал и забележувал само кога се работело за свилени ткаенини, прекрасен мебел, светлината на Азурниот брег која се пробива низ шалоните, жените кои немаат што да прават освен да се излежуваат на тревата или теписите пред восхитувачките погледи на мажите, леите со цвеќиња, домашните аквариуми, накитот, модните креации и совршеното овошје, небаре таквите радости и достигнувања, неизвалкани од споменувањето на цената, сè уште ги олицетворувале копнежите и стремежите на целиот свет. Но од таквите визии ги влечел искуствата на сетилното уживање кои, независно од околностите на нивното настанување, во себе имаат нешто универзално.

Кога му дијагностицирале рак на цревата, веќе не можел да се движи. Но тоа не го спречило сè уште да твори, па така со помош на соработниците правел колажи. Тие боеле големи парчиња со гваш техника, а потоа тој ги сецкал со ножици во разни облици и го правел конечниот изглед на сликите или понекогаш литографиите.

Починал од срцев удар на возраст од 84 години на 3 ноември 1954 година, а закопан е на гробиштата на манастирот Нотр Дам од Симиез, во близина на Ница.

Сини актови

Приредил: Алек Кузмановски

ОкоБоли главаВицФото