1018 hPa
70 %

4 °C
Скопје - Саб, 15.02.2025 20:59
Кога Раја Мана открила подрум полн со фотографии на нејзиниот татко, таа се зафатила со тешката задача да ги архивира материјалите. Раја Мана е палестинска фотографка која живее помеѓу Истанбул и Палестина. Пораснала во палестинското село во Горна Галилеја наречено Мајд Ал-Курум.
Токму во тоа село расте едно од најстарите маслинови дрвја во Палестина. Дрвото е старо околу 4.000-5.000 години. „Мајд Ал-Курум” се преведува како „Слава на шумата”. Начинот на кој Раја со радост се сеќава на селото од нејзиното детство продолжува додека почнува да ја раскажува приказната за фото-архивата на нејзиниот татко.
Таткото на Раја, Махмуд Мана, го отворил фото студиото „Ал-Амин” во раните шеесетти, со што станал првиот фотограф во Галилеја кој имал свое студио. Махмуд е самоук фотограф. Тој ја започнал својата практика на документирање на работата на комунистичката партија во Беир Ел-Сабија (јужна Палестина), продолжувајќи да го развива својот стил преку улична фотографија.
Махмуд конечно се скрасил на тој начин што почнал да работи како свадбен фотограф во шеесеттите, а во следните триесет години документирал „над 2.500 венчавки и свршувачки веселби и стотици семејни портрети“, раскажува Раја.
Махмуд „беше добар фотограф, но не и умешен бизнисмен“, продолжува таа. Голем дел од неговите клиенти избегнувале да ги платат неговите такси и никогаш не ги земале своите фотографии. Иако тоа довело до евентуален банкрот на студиото во деведесеттите години, исто така придонело за целокупното богатство на колекцијата фотографии што Раја сега почнува да ја архивира.
Организирањето на визуелното наследство на Махмуд било, во многу аспекти, збунувачко искуство за Раја. Во времето кога открила околу 10.000 негативи и принтови во подрумот на нејзината семејна куќа, ситуацијата дополнително се искомплицирала бидејќи на нејзиниот татко му била дијагностицирана Алцхајмерова болест во рана фаза.
За жал, Махмуд „не се сеќава на ништо во врска со периодот кога работел како фотограф“, вели Раја. Така, составувањето на огромната колекција на слики кои ретко се бележени со датуми или натписи ѝ донело на Раја особено напорна задача.
Раја се надева дека ќе најде професионален визуелен истражувач кој ќе ѝ помогне со архивата. Но, таа веќе се покажува како многу остроумна архиварка. Внимателно ја разгледува секоја слика, пресметувајќи го „приближниот временски период според облеката и споредувајќи го со други скенирани материјали”.
Така, полека, Раја успева да конструира линеарна нарација од најплодните фотографски години на Махмуд. Приказната што се развива е драгоцена. Архивата „Ал-Амин” претставува потсетник на златниот период на свадбени церемонии во Галилеја.
„Во текот на доцните педесетти и раните шеесетти, израелската воена управа беше укината и Палестинците добија можност за слободно движење за прв пат од Накба во 1948 година”, објаснува Раја.
Моментот во кој била основана државата Израел во 1948 година, кога се случувало присилно раселување и уништување на стотици палестински села, голем број Палестинци го паметат како „Накба” или „катастрофа”. Преку документирање на овој период на стекнување на поголема слобода по Накба, фотографиите на Махмуд се сведоштво за вистинска прослава во палестински стил - извлекувајќи незапирливо радосни прилики дури и кога ресурсите биле ограничени.
Раја ја доловува атмосферата: „свадбите не беа одвоени според полот и вклучуваа големи количини на алкохол, свадбена пејачка и група музичари кои се неопходни за да се комплетира атмосферата на палестинската свадба во Галилеја”.
Кога Раја ја прелистувала архивата, забележала дека Махмуд постојано го користел зборот „Монтаза” за да ги прибележи фотографиите. „Монтаза” значи „градина“ и е името на единствената свадбена сала во Мајд Ал-Курум до деведесеттите.
Овој дел од историјата е зачуван преку јазикот на свадбите во Галилеја денес – „луѓето сè уште го нарекуваат главниот настан на свадбата „Монтаза” според го местото каде што некогаш се одржувала, иако во денешно време има многу сали за венчавки во областа и „Монтаза” е најмалку познат меѓу нив”.
Изненадувачки искрените фотографии од ритуалите како „Хамам ел Арес”, кога пријателите на младоженецот му помагаат да се тушира, заедно со мали фрагменти од приказните од минатото, како што е значењето на зборот монтаза, се некои од работите што ја прават архивата на „Ал-Амин” толку посебна.
Зачувувањето на овие моменти на веселост, наклонетост и радост е важна задача преземена од страна на Раја, особено ако се набљудува во паралела со актуелните мејнстрим медиуми кои често погрешно ја прикажуваат енергичната култура, како и неволјите на Палестинците.
Извор: https://www.itsnicethat.com