1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 10:59
Клер Фонтејн, Странци насекаде (Тибетански), 2010, монтиран неон на ѕид или на прозорец, цевка Технолукс бр. 44s 8/10 mm, рамка, електронски трансформатор и кабли - поглед на инсталација, 48 x 32,5 x 45cm. Фото Флоријан Клајнфен. Со учтивост Клер Фонтен и Менур, Париз
Странци насекаде на 60. Венециско биенале на уметноста; 20 април – 24 ноември, 2024 г., Џардини, Арсенале, и на различни локации во градот Венеција.
Веројатно на почетокот би требало да биде предочено дека ова не е изложба на првенствено современи уметнички дела, туку на современо курирање на уметноста чие датирање се протега од 1915 до денес. Иако во предговорот е издвоено дека бразилскиот куратор на 60. Меѓународна изложба, Адријано Педроса, директор на Музејот на уметности во Сао Паоло (МАСП) беше повикан да ја пренесе неговата гледна точка на „современите“ уметности, читајќи ги различните култури како преку „обратен кинематографски кадар“ (Роберто Чикуто), сепак изложбата се темели на огромните истражувачки капацитети при одбир на ретките уметнички појави во дијалог со посовремените уметнички продукции. Неговото гледиште ѝ дава глас на изложбата којашто ги опфаќа маргинализираните или помалку познатите култури кои ѝ припаѓаат на дијаспората определена од историските процеси, различните и разликуваните во однос на традиционалните општествени вредности. Поаѓајќи од личното чувство на „отуѓеност“, првиот квир-куратор во историјата на Венециското биенале ја аргументира личната појдовна позиција како „обележан припадник“ на Третиот свет, артикулирајќи од името на мнозинството уметници од колонизираните Бразил и Латинска Америка кои историјата ги оставила на маргините на општествено-културалните и другите видови на идентитетски и уметнички категории. Општата тематска рамка на изложбата Странци насекаде [Stranieri Ovunque] е во дијалог со поединечните современи тематски предлози изразени низ рефлексиите на учесници од осумдесет и осум земји. Селекцијата на триесет колатерални настани го обележува плетивото на множеството конституирано од гласовите на различностите, давајќи им предност на уметниците коишто никогаш не учествувале на Меѓународната изложба.
Изложбата е конципирана во две поголеми секции: Современо јадро [Nucleo Contemporaneo] и Историско јадро [Nucleo Storico]. Целината на Современото јадро се расплетува низ неколку категории на уметнички субјекти: квир, маргинализиран, автодидакт, народен, домороден уметник, уметник третиран како странец во неговата земја.
Според кураторот Педроса, мостот од Историското до Современото јадро на ова биенале го прават истражувачките проекти од пошироките области на ликовната уметност, практиките во текстил, кои ги подвлекуваат занаетот, рачната изработка, мануелните техники, пренесувањето на ученото знаење во творечките практики засновани на традицијата и пренесувањето на знаењето во генерациска смисла.
Секцијата Биенале на колеџ уметноста [Biennale College Arte] по вторпат е конципирана како излагање вон официјалната конкуренција, на која се пријавиле над сто и педесет млади уметници под триесет години од триесет и седум земји од светот.
Насловот на изложбата е извлечен од едно од серијата дела на колективот Клер Фонтејн [Claire Fontaine] од Париз и Палермо, фраза/зборови материјализирани преку неонска инсталација, преведени на бројни јазици. Колективот составен од Фулвија Карневале [Fulvia Carnevale] и Џејмс Торнхил [James Thornhill] работи во доменот на постконцептуалистичките практики и апропријацијата од 2004 година, преземајќи критички ракурс во однос на авторитарните облици на уметноста низ различните етапи на доцниот капитализам, со експлицитна политички мотивирана позиција и естетизиран пристап заснован на „експропријација“, како и методи на доделување на „егзистенцијална употребна вредност на постоечки уметнички дела и содржини“. За Фонтејн „странските јазици во рамки на јазикот“, потенцијално генерираат нови значења, упатувајќи на отуѓувањето во однос на нешто или некого, некогаш во времето или некаде во нашите животи. Суштината на колективното делување/определба преку трето лице еднина во женски род (феминистичка позиција на колективот), е резултат на согледување на кризата на сингуларитетите и негацијата на индивидуалната вештина.
На ова биенале неколку проекти впечатливо се одвојуваат од останатите според артикулацијата на уметноста и особено според чујноста на уметничкот глас „помеѓу останатите“, имајќи предвид дека и наградите се лични, припишани на конкретни имиња и колективи составени од двајца или повеќе автори.
Арчи Мур, Kith and kin, 2024, фрагмент од мурал, креда на црна подлога
Наградата Златен лав за најдобро национално учество е доделена на националниот учесник – Австралија и уметникот Арчи Мур за инсталацијата насловена Kith and kin – фраза што вообичаено се употребува за да се појасни начинот на којшто повеќето мигранти се потпираат на нивните пријателски и роднински врски во битката за преживување. Посветен на Абориџините, Првите нации, првите народи на Австралија, сочинети од стотици групи кои имаат свој посебен склоп на јазици, истории и културни традиции, проектот на Мур е потсетник за статистичиот недостаток на податоци во историска смисла. Семејното стебло е изведено преку рачно испишување по ѕидовите и плафонот на павилјонот. Естестки, визеулната репрезентација – креда на црна подлога потсетува на Бојсовиот манир, додека текстот-како-семејно стебло наликува на концептуалистичка тавтолошка „замена за предметот“ во негово отсуство со неговата дефиниција (Кошутов манир). Муралот ги следи трагите на релациите помеѓу Камиларои и Бигамбул сè до 65 000 години наназад, вклучувајќи ги и заедничките претходници на целото човештво. Естетизацијата е структуирана преку муралот, преку архива на едукативни материјали изоставени од записите на историјата и бирократски документи во кои е запишана „направедноста“, опкружени со базен исполнет со мастило (можност за огледување), како симболична ознака за „празнината“, заземајќи облик на меморијален комплекс.
Историско јадро [Nucleo Storico]
Во Централниот павилјон е претставено Историско јадро коешто содржи ликовни дела создадени во дваесеттиот век во културите на Латинска Америка, Африка, Блискиот Исток и Азија, преку кои се промислуваат границите на модернизмот во глобални рамки наспроти модернизмот на Глобалниот југ како категорија на различностите и протегањето на модернизмот вон Европа по линијата на колонијалистичките траектории од т.н. Трет свет.
Историско јадро [Nucleo Storico]
Во склоп на Историското јадро се издвојуваат три поголеми тематски и жанровски целини: портрети (сто и дванаесет уметници коишто во поширок хронолошки лак од 1915 до 1990 година се застапени со сликарство, скулптура и цртеж); апстрактна уметност (триесет и седум уметници); и италијанската уметничка дијаспора (Италијанци насекаде) која творела во минатиот век (четириесет уметници чиешто творештво се вградувало во движењето на модернистичките наративи вон Италија). Референците на Педроса водат до поимот „антропофагија“ [antropofagia] според бразилскиот поет, романсиер и критичар, еден од основачите на бразилскиот модернизам Освалд де Андраде [Oswald de Аndrade]. Линијата на поврзување на поимот на Де Андраде и современиот објектив на Педроса е согледлива во модернистичката интелектуална парадигма од маргините на Европа присвоена од културата на метрополите, „канибализирана“ како своја/сопствена визави уникатниот модернизам од Глобалниот југ кој развива предзнак на лично и автентично кога дијалогизира со домородните наративи и локалните творечки практики.
Поглед на Музеј на уметности Сао Паоло (МАСП), 1970, Дизајн на Лина Бо Барди
Начинот на излагање, конципиран како просторна инсталација од ликовни дела (слики, фотографии), на стаклени паравани, е авторство на Лина Бо Барди, наградена со Златен лав за животно дело на Биеналето за архитектура во 2021 г.
Фрида Кало, Диего и Јас, 1949, масло на масонит, 30 х 22,4 см
Диего Ривера, Портрет на Рамон Гомез де ла Серна, 1915, масло на платно, 110 x 90 cm.
Меѓу пионерите на модернизмот, апстракцијата и футуризмот се застапени делата на Кармен Херера, Фрида Кало, Диего Ривера, Џино Северини. Десет керамички скулптури во иновативна теника на италијанската уметница Неда Гвиди (1927–2015) изложени во австриската оружарница и седум слики и седум колажи на бразилската уметница Беатрис Милхазес (1960) изложени во Арсенале, се издвоени според категоријата „специјални проекти“ на ова биенале.
Лево: Паоло Гаспарини, Милицијано, Тринидад, Куба, 1961/2014-15, желатин силвер-принт, 60 x 49 cm. Десно: Тина Модоти, Срп, кочан и држач за куршуми, 1928 година, желатин силвер-принт, 17 х 13, 5 см
Едновремено работник, револуционер, мигрант – Тина Модоти (1898–1942) е застапена со фотографии кои ги меморираат последиците од Мексиканската револуција (1910–1917). Симболите како срп, кочан и куршуми иконографски ја потврдуваат формалистичката преокупација во визуелното поле на фотографијата, денотирајќи ја комунистичката милитантност. Кога за првпат биле прикажани серијата фотографии со револуционерна содржина во Мексико, Модоти била протерана и обвинета поради сомнеж за вклученост во обидот за атентат на претседателот Паскал Ортиз Рубио.
Луиџи Доменико Гисмонди, Индијанец и девојче со етничка облека, 1917, желтин-сребро и хартија, 24 х 18 см
Покрај делото (експресионистички портрет од 1915) на бразилската модернистичка уметница Анита Малфати, едно од најрано датираните дела е фотографијата (желтин-сребро и хартија) од 1917 година на Луиџи Доменико Гисмонди од Боливија, која прикажува портрет на Индијанец и девојче во етничка облека од Перу во став кој го нагласува политичкиот авторитет на машката фигура во заедницата.
Рафа ал-Назири, Без наслов, 1971 година, пигмент на иверица, 100 x 105,5 см. Фото Хамад Јусеф. Со учтивост Махаф: Арапски музеј за модерна уметност, Доха, Катар
Експериментите во апстрактната уметност Рафа Ал-Назири, графичар од Ирак, резултираат со извртување на сликарските платна во облик на ромб, чие визуелно поле содржи чисти хроматски геометриски линии/ленти во комбинација со арапското писмо давајќи ја предноста на обликот на буквите, не на буквалното значење.
Фаик Хасан, Бедуински шатор,1950, масло на дрво, 58 х 74 см
Недоволната интеграција на македонската уметност во светските историзации на уметноста и културата, компаративно ја согледуваме во иконографското преклопување на делото на Фаик Хасан (1914–1992) од Багдад – Бедуински шатор (1950), со протокубистички начин на претставување, специфичен за делата создадени за време на Багдадскиот период (1959–1967) на македонскиот автор Борко Лазески (1917–1993). Ова биенале беше можност да се проникне и открие незастапената уметност од светските музеи и изложбени контексти, но исто така е и показател дека ние можеби не сме направиле доволно напор да бидеме присутни барем онаму од каде што би можела историјата да биде разгатната, откриена и за првпат изложена како што се наведува под бројните имиња на оваа изложба.