Балканот зад Африка

03.03.2011 12:14
Балканот зад Африка

Народите од земјите на Блискиот исток и во северна Африка го изненадија остатокот на светот. Западниот свет во кој не само географски спаѓаат Србија и нејзините соседи – без разлика на тоа колку овој факт кај многумина ќе предизвика тажна насмевка – беше затечен од енергијата на Арапите, која со децении беше угнетувана, а кои беа желни за промени и слобода. Западните сили, заплеткани во настаните во арапските држави уште од времето на колонијалната експанзија, немаа одговор на прашањето што се случува. Се најдоа пред дилема: дали да ги заштитат диктаторите – сојузниците кои им гарантираа остварување на економските интереси и поддршка во борбата против екстремистите – или да ги поддржат масите.

Се чини дека главно се определија за второто решение. Промените траат сè уште и предизвикуваат контроверзи. Меѓу другото, се поставува и прашањето дали демонстрациите се поттикнати однадвор и дали промените ќе донесат исламисти на власт. Но неоспорно е дека смената на до неодамна неприкосновените, самоволни и потонати во корупција владетели претставува промена на подобро. Како и претпоставката за понатамошните суштински промени, кои се потешкиот дел од приказната и кои, ако се спроведат, ќе покажат дека младите арапски нации се во состојба да изградат држави кои сами ќе одлучуваат за својата судбина. Почетокот на секоја револуција, па и оваа, арапската, е насилен, блескав и ветувачки. Подоцна се можни секакви исходи. Но во овие мигови младите арапски револуционери се, кажано со речник од минатите времиња, симбол на слободољубивиот свет.

Спореден со нив, Балканот изгледа декадентно. Демонстрации во Србија и соседството последниве години можат да предизвикат само т.н. национални прашања. Последен пример се нередите во Загреб: поради случајот Пурда бесот е насочен кон Србите и „четниците“ во партијата ХДЗ. Во Србија последните два пати масовно се излезе на улиците поради Косово и апсењето на Караџиќ. Екстремистите во Србија најавуваат дека политички ќе се организираат. Во февруари во Македонија – која Груевски несопирливо ја води по патот на бизарна антиквизација – избија меѓуетнички судири поради изградбата на музеј-црква. Бериша не ја дава власта, додека Албанија е закочена на патот кон евроинтеграцијата, како и Босна. Во Црна Гора прашањето на националниот идентитет сè повеќе станува извор на судири, а илузијата за политички промени го илустрира фактот дека Ѓукановиќ сè уште е претседател на владејачката партија ДПС, своевиден Врховен лидер, кој на прашањето дали повторно ќе биде премиер, одговара „здравје боже, ќе видиме“.

Се разбира, во Србија и соседството е воспоставена демократијата. Диктатори, веројатно, повеќе нема. Но знаеме дека формалното воведување на институции и владеењето на правото не се крајот на наследените проблеми, ниту се доволно силна брана против создавањето нови, во кои спаѓаат оттуѓувањето на власта од избирачите, симбиозата меѓу политиката и бизнисот, и отворањето простор за екстремизмот. Една од силните брани се – би требало да бидат – токму граѓаните и граѓанското општество чиј глас овде слабо се слуша.

Извор: danas.rs

Слика: Paweł Kuczyński