1012 hPa
39 %

24 °C
Скопје - Саб, 19.04.2025 16:59
Еден обичен ден во септември 1993 година, Ричард Томсон со своите колеги бил во акција за чистење на плажата на островот Ман, еден од британските острови во Ирското море на северозападниот брег на Англија. И така, додека го расчистувале ѓубрето на брегот, вниманието на Томсон го привлекле разнобојните фрагменти кои личеле на песок. Научникот бил толку фасциниран што морал да ги испита фрагментите во лабораториски услови и да потврди дека навистина не се зрнца песок туку многу ситни парчиња пластика.
Професорот Томсон својата понатамошна истражувачка работа ја насочил кон испитување на овие пластични честички. За дистрибуцијата на помалите честички со големина до пет микрометри кои ги нарекол микропластика и нивното влијание во океанот, првпат извести во својата револуционерна студија од 2004 година. Освен во океаните, научниците докажуваат дека микропластиката е присутна и во другите животни средини како што се земјиштето, воздухот па дури и човечкото тело.
Според изворот, микропластиката ја делиме на примарна и секундарна. Примарната микропластика се создава во директното производство на ситни пластични честички во козметичката индустрија, производството на пасти за заби, детергенти итн. Секундарната микропластика се создава откако пластичниот отпад ќе влезе во животната средина и трпи механичко абење под влијание на ветерот, водата и други фактори. Тоа се помали парчиња пластика за кои најчесто станува збор кога зборуваме за загадување на земјиштето.
Се покажало дека во земјиштето има многу повеќе микропластика отколку во океаните и тоа четири до дваесет и три пати повеќе. Земјиштето е разновидно и во однос на текстурата, хранливите материи, присуството на микроорганизми, а и микропластиката има разни својства, така што треба да се решат сите сложени интеракции помеѓу земјиштето и микропластиката и во тоа можат да помогнат техниките за машинско учење.
Истражувачите предводени од професорот на корејскиот универзитет Јонг Сик Ок користеле методи на машинско учење за да добијат квантитативен увид во промената на својствата на земјиштето под влијание на пластичниот отпад. Овие истражувачи ги обединиле податоците од четириесет и осум научни трудови објавени помеѓу 2017 и 2022 година, ги обработиле со алгоритми, а добиените резултати ги објавиле во журналот Environmental Pollution.
Во истражувањето кое го предводел професорот Јонг Сик Ок докажано е дека големината на микропластиката е доминантен фактор кој влијае на хемиските својства на земјиштето: активноста на ензимите на киселата фосфатаза (соединение кое растенијата ги снабдува со фосфор од земјиштето), ПХ (вредност која ни кажува дали земјиштето е кисело или базно што е значајно зашто влијае на тоа дали растението ќе ги зема хранливите материи од земјиштето) и кислородот.
Истражувањето покажало дека на хемиските својства на земјиштето исто така влијаат и обликот, видот и дозата микропластика. Нивното истражување открива и дека појавата на разни видови микропластика како што се полиетиленот, полистренот, полиамидот, полимлечната киселина... ги намалува богатството и разновидноста на бактериските заедници во земјиштето. Дури се покажало и дека микропластиката го менува составот на микробните заедници во земјиштето.
Присуството на микропластика во земјиштето не е само еколошки туку и здравствен проблем. Покрај тоа што драстично ги менува својствата на земјиштето, се покажува дека и растенијата можат да апсорбираат микропластика преку корењата. На тој начин пластиката влегува во човечкиот ланец на исхрана и доведува до здравствени компликации. Микропластиката може да се поврзе и да пренесува токсични материи па имаме и причина повеќе да се загрижиме за безбедноста на храната. Правени се истражувања кои покажале дека канцерогениот и токсичен тежок метал кадмиум се врзува за микропластиката и како таков се таложи во пченицата. Прекумерниот внес на кадмиум го нарушува здравјето на белите дробови, бубрезите, црниот дроб и коските на човекот, а неговото таложење во човечките органи предизвикува разни болести како што се емфиземот (болест на белите дробови), дисфункција на бубрезите и црниот дроб, остеопороза и кардиоваскуларни болести.
Истражувањето кое го предводел професорот Јонг Сик Ок претставува пионерски потфат кога станува збор за примената на техниките на машинското учење во проучувањето на влијанието на микропластиката на својствата на земјиштето.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Fabrice Monteiro
Извор: https://naukakrozprice.rs/