1008 hPa
83 %
18 °C
Скопје - Пет, 13.09.2024 03:59
Тешка е твојата љубов.
Можеби јас уште не умеам да пишувам,
но и ти уште не умееш да вдишуваш,
уште нема лек за твојата чума,
уште нема дрво за твојата шума.
Понекогаш на твојата улица
го среќавам дедо ми,
кој заедно со еден зајак
оди на училиште.
Твојот часовник не умее да отчукува
и затоа ти не умееш да старееш,
постојано неизграден
и гладен
ни водата (1962)
ни огнот (1689)
ни земјата (1963)
ни воздухот (-)
не можат
да ти го уништат
духот.
Ти си борецот што паѓа
од висококатница.
Бидејќи не знаеш да умираш,
сè што имаш е празен гроб
на твојот рид,
ти си суров,
како твојот јапонски ѕид.
Светиот смог
е твојот врховен Бог.
Како брутална нежност,
сива прегратка,
бетонска рака,
ти си тврдоглава жар-птица,
ти си сакан,
сечиј дом и бездомен град,
никогаш во неповрат,
секогаш во недостиг
и спасен во последен миг.
Јас сум твојата уморна младост
и ветувам дека ќе бидеш радост.
Моето копје засекогаш ја прободува маглата.