1026 hPa
86 %
0 °C
Скопје - Пон, 20.01.2025 16:59
Кога Израел зборува за масакрот, тоа значи 7 октомври и само 7 октомври. Терминот „масакр“ владее со нашиот дискурс и е синоним за октомврискиот напад. Очигледно, тоа беше масакр. Но само еден. Друг немало, а нема ни сега. Наспроти тоа, Шоа (холокаустот) бил еден и единствен, а „авторските права“ на терминот се исклучиво резервирани за еврејскиот народ и државата Израел. Засекогаш. Ниту Ерменија, ниту Руанда, или не дај Боже да му се случи на некој друг народ, авторските права се само наши. Шоа е само еврејски, исто како што масакрот може да биде само над Израелци.
Но, додека Шоа навистина претставува демонско, незамисливо ниво на сатанизам, и во неговото планирање и во обемот на убивањето, зборувањето за масакрот на 7 октомври како единствен масакр е уште еден знак за исклучување на Израел од реалноста. Ова е размислување според кое се брои само еврејската крв, ова е перење мозок и оправдување на злосторствата поради задушувањето на другиот, многу поголем масакр во Газа, и негирањето на таа катастрофа.
Речиси секој човек во светот, кога зборува за масакрот, освен израелската пропаганда, размислува и за тоа што Израел прави во Газа. Речиси секој човек во Израел ќе ја види употребата на зборот масакр кога се зборува за Газа како израз на антисемитизам. Евреите никогаш не можат да направат масакр, тие се секогаш жртви. Кога ги слушам Израелците како зборуваат и го спомнуваат масакрот, понекогаш доаѓам во искушение да помислам дека нивните очи конечно се отвориле и тие размислуваат што правиме ние во Газа. Нема шанси. Разочарувањето е миговно, речиси секогаш.
Се разбира дека имаше страшен масакр на 7 октомври, што не може да се негира. Но, Израел оттогаш го запре времето и веќе не може да разликува што се случило оттогаш, а се случува десеткратно поголем масакр. Ако не и поголем. Ова не го велам да ги омаловажам 7 октомври и неговите ужаси.
Но, деветте месеци што следеа ја претворија Газа во кланица со линии за масовни убиства, а Отеф Аза во слика што се заборава. Не поминува ден без десетици убиени Палестинци, од кои повеќето се жени и деца. Морален минимум е да се признае постоењето на овој масакр. Можеме да го оправдаме, можеме да го прикажеме како нужно зло, има неколкумина кои се среќни и сакаат да продолжи, но непризнавањето на неговото постоење е грозоморна лага.
Поради многуте негирања на реалноста, Израел одбива да признае дека и двете се можни: да бидеш шокиран од настаните од 7 октомври и од она што Израел го направи оттогаш. Така се однесува секој чесен човек. Израел стравува дека означувањето на неговите акции во Газа како масакр би можело да го задуши интензитетот на ужасот од 7 октомври и да го направи обичен.
Токму тоа се случи во светот. Заради вториот масакр, многу поголем по димензии и еднаков по суровоста со претходниот, ако може да се спореди суровоста, споменот на првиот избледе до речиси целосен заборав. Тоа не е антисемитизам, туку обемот на масакрот. Крвопролевањето кое не престанува е предизвикано од силната држава која се впушти во одмаздничка кампања за казнување на незаштитено население од кое потекнуваат извршителите на масакрот во Отеф Аза. Но, кога веќе ќе разбереме дека еден масакр не потиснува друг.
Денес во светот е тешко да се зборува за 7 октомври, за убиените или дури и за киднапираните Израелци. По речиси 40 илјади убиени луѓе во Газа, речиси 8 илјади деца и илјадници киднапирани Палестинци кои се во Израел, тешко е да се разбудат симпатии. Сочувството што го следеше Израел во раните денови беше избришано со сопствените постапки на Израел. Не е тешко тоа да се разбере.
Потребно е само да се погледне надвор, преку лепливиот оклоп на израелската медиумска пропаганда, во деновите на најголемиот пад и срам: Газа е уништена, нејзиното население нема ништо, а Израел продолжува да ги убива без милост. Кога велиме масакр во јули 2024 година - на тоа мислиме. Сега веќе само на тоа.
Карикатури: Ahmad Qaddura
Извор: Haarec
Превод: Н. Г.