1020 hPa
34 %

17 °C
Скопје - Саб, 22.03.2025 11:59
Преносите на уводните олимписки ритуали ги гледам само кога се изведува „Олимписката химна“. Ја напишал Костис Паламас, еден од најголемите грчки поети на модерната доба. Цел ми е здраво да се исплачам над она во што се претворија современите олимпијади, над неразбирањето на „бесмртниот дух“ од неговото перо и над незаслужената ароганција на власта во светот. А таму, на сцената, уште пред работите да се затркалаат, првата тема гласи: „Ќе биде добро, ќе биде добро...“ (Можеби поточниот превод е „Море ќе мора да заминат, ќе мора да заминат...“) Станува збор за вистинска народна, поточно улична песна на француската револуција; следните стихови се „Благородниците на бандери, благородници, сите ќе висите!“ Сè заедно е рефрен, а во песната се наведува дека доста беа 300 години угнетување и фрази и дека народот веќе нема да умира од глад (пее Едит Пјаф). Добар почеток, велам, и се усидрувам за следните четири часа. Признавам, завршното гленди („забава“) на атинската олимпијада беше достојно за внимание, имаше и неколку симпатични скечеви на лондонската, но какво гленди е тоа кога ќе се појави самата кралица, во белградскиот сленг од минатиот век позната како „квињара“? И тоа уште во друштво на најлошиот од сите бондови, Даниел Крег, за кого одамна напишав дека личи на невротична игуана?
Реакциите на француската десница, кои се појавија истата ноќ, ја потврдија мојата одлука: полудеа од бес. Коментарите на фејсбук од сите поранешни југословенски републики беа единствени во едно: сите сакаа во студената Сена да ги фрлат своите локални коментатори. Се придружувам од братска Словенија. Тоа пластично ја покажува состојбата на општото образование, познавањето на европската историја и култура, а особено француската: словенечките водители ја добија програмата на француски, и последично не успеаја да ги идентификуваат половината ликови и асоцијации. Кога станува збор за десничарите, ништо помалку туку: сатанизам, педофилија, трансфобија, самиот добар бог збеснал и испратил дилувијален дожд кон грешниците, бласфемија, морална паника, Содома и Гомора. Секогаш практична, Марија ги хакирала возовите. Накусо, сума гревови.
Прво, и најважно: за разлика од сите други ритуални почетоци, прославата бесплатно ја гледаа барем милион луѓе, покрај 300.000 кои платија влезница. Пријатели од Париз, кои инаку сè проследија со цинизам со сув мраз но без осудување, велат дека, покрај спонтаните забави со свое друштво, некои луѓе изнајмувале станови/соби со балкон/прозорец крај Сена, во должина од шест километри. Добар бизнис! Второ, пријатно беше да се гледаат спортистите како се нишаат на бранови, наместо само да мавтаат - некои едвај се држеа. Ниеден досаден момент и изобилство светли моменти, особено кога во програмата на прославата се појави мракот (obscurite)!
Да резимираме: сјаен беше патот на олимпискиот факел, со по некој лик од авантуристичката бранша на француската популарна култура (Лагардер, Д'Артањан, Белфагор, Картуш, Фанфан Лала, Црното Лале, Родолф, Арсен Лупен, Фантомас и многу други, со нежното сеќавање на Жан Маре и Жан-Пол Белмондо), во лудачки паркур кој нè носи од покривите до катакомбите и канализацијата (со задолжителниот крокодил), крај Лувр, каде нацртани луѓе се наведнуваат низ прозорците за да ја гледаат забавата, преку работилницата за медали, сè додека на крајот ликот не излезе од клоаката пред Зидан.
Денес во Франција се обидуваат да го откријат идентитетот на сјајниот спортист или на неколкумина од нив, можеби и жени - а ефектот е постигнат, еднаков на Мистериите на Париз на Ежен Сиј, писател што го ценел и Карл Маркс, барем како добра основа за општествена критика. Епизодата со Мињоните беше легендарна, зашто за првпат на прославата има лик - барем цртан - кој прдна: што друго да се очекува од крадливците на Мона Лиза!
Линијата „Ќе биде добро, ќе биде добро!“ продолжи со панорамата на Консиержијата, некогашниот суд а потоа затвор за кралското семејство, украсена за таа прилика со Марија Антоанета и нејзината глава, со клучната песна, со црвен чад и ленти, и преубавиот глас на оперската пејчака Марина Виоти, проследен со метал групата Гожира, а продолжи со аријата за љубовта од Кармен. И тука се измешаа двата програмски дела, слободата и љубовта: од експлозијата која божем го уништи влезот во Институтот (француската Академија), излезе Аја Накамура, Французинка по потекло од Мали, со сугестивен танц, особено со колковите, ја продолжи точката со членовите на оркестарот и хорот на Републиканската гарда, кои не ја криеја среќата. Некои академии можат да си го дозволат тоа, особено оваа, која влезот го отвора за нови дури кога некој во неа ќе умре.
А потоа - љубовта, кога конечно дознаваме што е тоа што Париз го прави место на љубовта: јок рози и мега срценца, туку слободата на љубовта, тројката меѓусебно заљубени од два соја. Најпосле се појави и сестринството (со малку офуцаното братство од примарната револуционерна формула), со кревање од вода на славните борки за женските права и достоинството (тесен избор), додека од водата веќе зјапаа познатите жени од славните слики. И најпосле, похотата на различноста, со славните квирови и квирки, лудата младина, модата која може да служи само за едно нешто - хм, да речеме за луд танц. Патем беа вплеткани и француските триумфи и изуми: фотографијата, филмот, авијацијата, занаетите, атомската физика и хемија, и неколку отмени спортови на мини версајски сплав, каде нè израдува полскиот контратенор/рапер Отлински: барокната музика одлично ја следи брејкденсот, новата олимписка дисциплина!
Френетичниот танц заврши со паѓањето на младите на крвавиот подиум и потоа со Imagine од Џон Ленон, колку да се потсетиме зошто и како денес треба да се плаче. Завршното признание на врвниот занает беше правењето автомат во вид на сребрен коњ на кој јавачката галопира шест километри до предавањето на знамето. Коњот, животно поврзано со водата, е божицата на Сена, женскиот елемент, водата. Сон на вода и дожд.
Честитки за Макрон кој кажа само една кратка реченица. И, „Химната на љубовта“ на Едит Пјаф, можеше да ја испее само Селин Дион. Лејди Гага, сокриј се во гардеробата и заклучи ја вратата. Значењето е јасно, после сите слики, станува збор само за една љубов - слободната љубов.
На крајот, очекувано, се крева монголфјерата, повторно француски изум, од истото место каде првпат полетала. Знам двајца, од кои едниот би го направил тоа, а вториот лудо би уживал во сите тие чудесии - Леонардо и Рабле. Но творец е некој млад човек од Руан, Тома Жоли. Од него се излеа куп знаење и референци вредни за иронизирање и уживање. Гарант нема да влезе во Академијата.
Ја дочекав и „Олимписката химна“ и се расплакав, зашто овојпат некој го прочита текстот, да речеме споменатиот Тома Жоли: сон, но за сите. Во него се чекори, јава и плови шест километри, стануваме свесни за времето и просторот, благодарни што на планетата уште врне дожд. Во него никогаш не победува десницата, што го покажува самата со својот тврдоглав, замастен светоглед. Ониризмот, структурниот дел на револуцијата, ги менува обичаите и никогаш не исчезнува целосно. А можен е само кога некоја градска власт сака и кога некоја улица постојано упаѓа; накусо, тоа мора да биде во Париз. Блажено да ви е утрешното воздивнување, спортисти!
На фотографиите се сцени од отворањето на Олимпијадата во Париз, 2024.
Превод: А. К.
Извор за текстот: https://pescanik.net/