Илија Прокопиев добитник на наградата за ликовна критика „Ладислав Баришиќ“

30.07.2024 15:02
Илија Прокопиев добитник на наградата за ликовна критика „Ладислав Баришиќ“

Комисијата на Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија, по разгледувањето на доставените предлози за наградата за ликовна критика „Ладислав Баришиќ“ за 2024 година, донесе одлука да го награди предлог истражувачкиот проект „Раскинување со уметноста (каква што ја знаеме)“ на Илија Прокопиев.

„Избраниот предлог-проект на Прокопиев се издвојува со својот иновативен пристап, прониклива анализа и критички ангажман. Преку имплементирање на критичките перспективи и ангажираниот стил на пишување, победничкиот запис на Илија Прокопиев служи како доказ за моќта на уметничката критика во расветлувањето на комплексноста на современите уметнички практики и преосмислувањето на нивните импликации во однос на пошироките културни дискурси. Предлог проектот ја детектира неопходноста од преосмислувањето на уметничката работа, во зависност од општествените и економските случувања, која доаѓа како потреба во времиња кога овие две категории почнуваат да стануваат нестабилни“, велат од Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија.

„Имајќи ја предвид богатата уметничка и кураторска пракса на авторот, како и можноста предложениот истражувачки проект да отвори нови читања за уметничките потенцијали преку концептите за самогрижа и општествена надградба, вон денешното поимање за тоа што е уметничката работа, сметаме дека овогодишната награда на „AICA“ заслужено е доделена на Илија Прокопиев“, стои во образложението на комисијата на АИКА.

Членови на Комисијата се историчарите на уметноста и куратори Мелентие Пандиловски, Маја Чанкуловска и Јованка Попова.

Илија Прокопиев (1985) е куратор, издавач и визуелен уметник, кој живее и работи во Скопје и Љубљана. Ко-основач е на PrivatePrint, издавачка куќа за уметнички книги и студио за интердисциплинарни истражувања и практики во современата уметност. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2008 година, а во 2014 година магистрира на Интердисциплинарните културолошки студии на Институтот за македонска литература во Скопје. Автор е на книгата „Атлас на човековото тело по Аристотел“ уметнички проект реализиран во 2015, а ко-автор на „Незавршена монографија: Јелена Ристеска“ интерпретација на творештвото на македонската уметница Јелена Ристеска, 2016. Во 2011 ја добива наградата „Денес“ (YVAA) за најдобар млад уметник, за делото „Студии за многу големи цртежи“. Во периодот 2023-2024 е гостин-куратор на галеријата Равникар во Љубљана, каде поставува изложби на словенечки уметници.

ОкоБоли главаВицФото