Почина ирската писателка Една О‘Брајан

31.07.2024 11:50
Почина ирската писателка Една О‘Брајан

По долго боледување, на 93 годишна возраст почина ирската писателка Една О’Брајан (1930–2024), авторка која во своето богато дело ги истражуваше убавините и тешкотиите, противречностите на животот на жените, нивното место во светот на мажите, нивните надежи и разочарувања, преку проза во чија атмосфера може да се препознае наследството на Џојсовите „Даблинци”. Една О’Брајан се сметаше за ирски Солженицин, бидејќи имаше храброст да пишува за сите проблеми на ирското општество во нејзината кариера, која траеше повеќе од половина век.

Покрај наративната проза, таа пишуваше драми и есеи, а за нејзината збирка раскази „Светци и грешници”, крунисана е со меѓународната награда за расказ „Френк О’Конор”. Нејзините приказни ја тематизираат сиромаштијата, лицемерието на руралниот живот, наметнатите ограничувања, особено на жените, од конзервативната католичка средина. Други теми кои се присутни во нејзините дела се и модерноста и традицијата, абортусот, сигурноста на домот и бегството кон слободата, алкохолизмот и чувството на егзистенцијална несигурност.

Нејзината прва книга „Девојка од провинција” од 1960 година, е дел од истоимената трилогија, заедно со романите „Осамена девојка” од 1962 година и „Девојки во среќното пристаниште” од 1964 година. Оваа трилогија беше забранета во Ирска, дури и јавно запалена, поради прикажување на сексуалниот живот на ликовите, но беше почитувана во странство. „Фабер”, издавачот на Една О’Брајан, истакнува дека таа донела револуционерни промени во ирската литература, ставајќи ги во фокус животите на жените и комплексноста на човековото постоење, во проза која зрачи со независност и светлина и која влијаела на многу помлади автори.

„Пркосна и храбра по дух, Една постојано се стремеше кон нови уметнички основи, вистинито пишување, со длабока чувствителност. Виталноста на нејзината проза ја одразуваше нејзината желба за живот; беше одлично друштво, љубезна, дарежлива, палава. Ни беше драга пријателка и многу ни недостига. Голема привилегија на „Фабер” е што ги објави нејзините книги, а нејзината смела и брилијантна работа го продолжува својот живот”, се зборовите на издавачот на Една.

А нејзиното дело „Светци и грешници” го прикажува сензуалниот и внатрешен свет на хероите, полн со живот, кои поради својата страсна природа може да се сметаат за грешници, но поради начинот на кој се соочуваат со вистината, можат да бидат и светци…

„…Слушнав како зборуваат за жените – за тоа колку ги сакаат, колку ги идеализираат – ги слушнав како зборуваат за вратот, за наклонот на рамената, за задникот, за глуждовите… сѐ звучеше многу далечно… речиси клинички .. татко ми ниту еднаш не ја спомна мајка ми, Алана. Истакнаа дека одредени дела ги потсетуваат на тајни средби со одредени жени, затоа што таа музика свирела на грамофонот во гостинската соба на некоја госпоѓа или поради некоја побанална причина, драга моја…” , е извадок од еден од расказите од книгата „Светци и грешници”.

Меѓу нејзините позабележителни книги се „Август е грешен месец”, „Примитивно место”, „Едвај те познавав, Џони”, „Враќањето”, „Крајот на реката”, „Во шумата”. Таа има добиено бројни награди за нејзиното книжевно дело, вклучувајќи ја наградата за животно дело на Ирскиот ПЕН, Медалот Улис, а ирскиот претседател Мајкл Д. Хигинс ѝ ја додели највисоката книжевна награда на нацијата, нарекувајќи ја бестрашен кажувач на вистината, истакнувајќи дека таа им дала глас на различни генерации ирски жени, имајќи морална храброст да се спротивстави на ирското општество и долго потиснуваната реалност.

„Една О’Брајан ги пишува најубавите приказни на светот”, рече еднаш Нобеловката Алис Манро, додека Филип Рот ја нарече најталентираната жена што напишала проза на англиски јазик.

Една О’Брајан е родена во округот Клер во 1930 година, како најмало дете во големо семејство, со татко кој бил алкохоличар и коцкар во долгови. Се школувала во манастирот „Сестрите на милосрдието”, каде што се чувствувала ограничена. Откако ја добила својата диплома по фармација во 1950 година, таа се омажила за писателот Ернест Геблер, против желбата на нејзиното семејство, во она што таа го опиша како бегство од еден тип на контрола во друг. Кога се преселила во Лондон со сопругот и двата сина во 1959 година, почнала да работи во издавачката куќа „Хачинсон”, од која набрзо ја ангажирале да напише роман. За три недели ја завршува книгата „Провинциски девојки”, следејќи ги нејзините хероини кои фантазираат за љубовта, од интернат до одење во Даблин. Низ Ирска оваа книга предизвикува вознемиреност.

Една подоцна признава дека добивала заканувачки анонимни писма, додека неколку примероци од книгата биле запалени пред парохиската куќа во Лимерик, на барање на свештеник. Романот веднаш бил забранет, како и шест последователни дела на Една О’Брајан. Нејзиниот брак завршува во 1967 година, а со текот на времето таа станува како еден ликовите од нејзината проза, млада девојка заведена од свештеник, жена која поминува низ тежок развод, борејќи се за старателството над своите синови. Очигледно, животот на самохрана мајка во голема мера влијаел на нејзината проза. Сепак, во однос на автобиографските елементи во нејзините книги, таа на едно место вели: „Дали романот е автобиографски или не, не е важно. Она што е важно е вистината во него и начинот на кој таа вистина се изразува”.

Фото: Jane Bown

Извор: https://nezavisen.mk

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото