Стигма па пендрек

31.07.2024 14:50
Стигма па пендрек

 

Ширум Европа правото на мирен собир е под сериозен напад зашто државите сè повеќе ги стигматизираат, криминализираат и насилно ги сузбиваат протестите, наметнуваат неоправдани и казнени рестрикции и посегнуваат кон сè порепресивни средства за да ги загушат дисидентските ставови. На целиот континент е видлива матрицата на репресивните закони, користењето непотребна или претерана сила, арбитрарни апсења и прогони, неоправдани или дискриминаторни рестрикции, како и сè позачестената употреба на инвазивни технологии за надзор, што сè заедно резултира со системско гушење на правото на протест. Ова е заклучокот на опсежното истражување спроведено од организацијата Амнести Интернешнел (AI) од декември 2022 до септември 2023 година. Тоа е првиот сеопфатен преглед на состојбата на правото на протест на европскиот континент, а за таа цел AI спроведе детално истражување во 21 држава, водејќи сметка примерокот да биде географски што порепрезентативен. Тие држави се Австрија, Белгија, Чешка, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Ирска, Италија, Луксембург, Холандија, Полска, Португалија, Србија, Словенија, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Труција и Обединетото кралство. Истражувањето се фокусира на девет аспекти релевантни за уживањето на правото на протест на луѓето кои живеат во Европа, а во сите тие аспекти организацијата забележала сериозно кршење на националните, регионалните и меѓународните правни стандарди.

Амнести Интернешнел наведува дека правото на мирен протест е темелен инструмент со кој луѓето во минатото се бореле за правда и човекови права. Затоа ова право е заштитено со низа обврзувачки меѓународни документи, некои од нив се меѓународни (на ОН) пактови за граѓански и политички права и за економски, социјални и културни права, меѓународни конвенции за забрана на тортура, за правата на децата, за укинување на сите облици дискриминација на жените и на дискриминацијата генерално и Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, како и Повелбата за основните права на Европската унија.

Сите европски држави опфатени со истражувањето ги ратификувале меѓународните документи со кои се штити правото на протест, сите имаат уставна заштита на ова право, како и национална легислатива која го поддржува ова право. Но во последно време, наведува организацијата, во низа држави е забележителен тренд на донесување нови или дополнувања на постојните закони, со што се создава сè порестриктивен контекст за уживање на правото на протест. Така, на пример, во Обединетото кралство во 2022 и 2023 година се донесени нови закони за полицијата и јавниот ред и мир со кои се воведени повеќе нови казнени дела, како „попречување на работата на клучната национална инфраструктура“, со предвидена затворска казна. Слични мерки донесоа уште некои држави, додека претходната власт во Шпанија го укина казненото дело бунт, но и го одби предлогот да се забрани користењето гумени куршуми за време на јавни собири и појасно го дефинира прекршокот „непочитување, непослушност и отпор кон претставниците на власта“.

Со носењето рестриктивни закони и мерки, AI пишува и дека во сите држави е забележлива „стигматизација и негативна реторика“ околу темите како што се солидарност со Палестинците, правата на жените, на ЛГБТ популацијата, мигрантите и бегалците, антивоените односно анти-НАТО и антифашистичките протести и особено климатските протести во кои учесниците рутински се дифамираат како терористи, закана за националната безбедност, (еко)фашисти, странски агенти и шпиони.

Не поминуваат подобро ни пропалестинските собири, на пример во Обединетото кралство, каде министрите ги нарекуваа „маршови на омраза“ и во Германија каде се забранувани со лажни обвинувања за антисемитизам. Во Полска политичарите на позиции на моќ најмногу навреди упатуваа на протестите за правата на жените и ЛГБТ лицата и дури воведоа „слободни зони од ЛГБТ луѓе“, додека во Грција левичарските демонстранти стандардно се нарекуваат хулигани, терористи и анархисти. Во некои држави таквите дифамации станаа и законски предлози, на пример во Италија, каде во мај Министерството за култура предложи санкционирање на „еко вандалите“ кои се впуштаат во „сквернавење на културното наследство“.

Малцинствата, а особено странците, зачестено се подложни на дискриминаторно постапување од страна на полицијата иако дел од државите имаат прописи со кои на сите им се гарантира правото на протест. Но Германија и Грција ова право им го гарантираат само на „Германците“ односно „Грците“, Франција, Ирска, Португалија и Србија само на „државјаните“, односно „граѓаните“, а додека во Австрија, Унгарија и Турција на странците им е забрането да учествуваат во организирање протести. Освен тоа, расното профилирање за време на полициското дејствување е присутно во сите држави со небелечко население, исто како и арбитрарните притворања и забранувањето собири заради политички цели. На пример, во Србија е забранета акцијата на Иницијативата на младите за човекови права за отстранување на муралот на Ратко Младиќ, а во Холандија масовно се апсеа климатски активисти, за разлика од учесниците на протестите на земјоделците. Климатските активисти се жртви на диспропорционална полициска репресија во сите држави во кои се одржуваат такви протести.

Во поглавјето кое ги анализира процедурите за организирање јавни собири Амнести Интернешнел наведува дека во повеќето држави постои законска обврска за организаторите да ги пријават собирите во одреден рок и за нив да добијат дозвола, иако, како што наведуваат, тоа не е компатибилно со меѓународните стандарди на човековите права. Претходното известување е доброволно единствено во Ирска, додека 12 држави предвидуваат казнени санкции за одржување непријавени собири иако тоа претставува кршење на меѓународното право. Спонтаните собири исто така се правно заштитени, но и покрај тоа повеќе од половина држави имаат закони кои предвидуваат санкции за таквите собири.

Организацијата наведува и дека според насоките на Венециската комисија на Советот на Европа, од организаторите не смее да се бара да се грижат за јавната безбедност за време на собирите, ниту смеат да бидат санкционирани заради евентуалното незаконско однесување на учесниците. Не би смеело да постојат ни временски ни просторни ограничувања, на пример во близина на институциите на власта, што е случај во речиси сите членки, или пак надвор од богатите квартови на главниот град, што често се случува во Франција.

Кога станува збор за неодамнешните собири за солидарност со Палестинците, властите во низа држави наметнуваа различни рестрикции, вклучувајќи и забрана на одредени симболи (знамиња, марами итн.), а прекумерна употреба на сила и арбитрарни притворања се забележани во Белгија, Франција, Германија, Грција и Италија. Во Германија превентивно се забранети повеќе собири заради наводно поттикнување антисемитизам и насилство, пропалестински собири се забранувани и во Швајцарија и Австрија, а во Франција таквата одлука на министерот за полиција падна на суд. Слични забрани се случуваа и за време на протестите против пандемските рестрикции, кога низа држави со декрет воведоа мерки против јавни собири. Дел од овие мерки сè уште се на сила Во Италија и Холандија.

Амнести Интернешнел во својот извештај најмногу простор посветува на легислативата и практиките кои се однесуваат на функционирањето на репресивниот систем за време на јавни собири. Организацијата за почеток констатира дека секоја употреба на сила од страна на полицијата мора да биде усогласена со принципите на ОН кои го регулираат тоа и строго да се држат до тестот за законитост, нужност и пропорционалност. Гужвите, попречувањето на сообраќајот или изолираните случаи на насилство не можат да бидат повод собирот да се прогласи за насилен, а обврска на полицијата секогаш е деескалацијата, за што повеќето држави немаат разработени стратегии. Истите критериуми би требало да се применуваат и кај одлуките за растерување на демонстрантите, кои би требало да се толерираат само во случаи како што е повеќедневната блокада на есенцијалните услуги како што се болниците.

Со меѓународното право се заштитени и чиновите на граѓанска непослушност иако тие вклучуваат намерно кршење на законите. И покрај тоа, 16 од 21 држава имаат закони со кои ова право експлицитно или имплицитно се ограничува. Во некои држави граѓанската непослушност се третира како тероризам или загрозување на националната безбедност (Германија, Италија, Шпанија, Турција), за што се предвидени повеќемесечни затворски казни.

И превентивниот притвор на демонстрантите е во конфликт со меѓународното право и не би требало да се користи никогаш, но тоа исто така се прави сè почесто, особено во случаите со климатските промени (Германија, Франција). Половина држави со закон дозволуваат и претрес на демонстрантите, иако и тоа е во спротивност со меѓународните конвенции. Употребата на „помалку смртоносно оружје“, како гумените куршуми, хемиските иританси и водените топови исто така се строго регулирани со меѓународните документи, но Амнести Интернешнел бележи „сè пораспространета злоупотреба“, заради што бара во рамки на ОН да се донесе меѓународен регулаторен договор.

Во Белгија, Франција, Грција, Холандија, Полска, Србија, Шпанија, Турција и Обединетото кралство имало повеќе случаи на сериозни, често и трајни повреди како што се изгореници, дислокации и фрактури на коски, заби и глава, губење рака, око и тестис, а забележани се и смртни случаи. На почетокот на 2023 година за време на протестите против проширувањето на рудниците за јаглен во германското село Луцерат едно лице загина, а осум беа хоспитализирани заради полициско насилство, додека полицијата на Србија со пендреци тепала дури и деца на протест против ковид мерките во 2020 година. Повеќето држави имаат „генерички“ регулативи за употреба на помалку смртоносно оружје, а во Шпанија правилникот за користење такво оружје е класифициран податок.

Иако законско, проблематично е и користењето „зауздување“, тактика на опкружување група луѓе со полициски кордон која понекогаш се користи и со цел собирање разузнавачки податоци. Во протестите на селаните во Франција во 2021 полицијата на тој начин со часови држела десетици членови на синдикатот на Селанската конфедерација, а биле пуштени дури откако им земале податоци и им одредиле глоби. Кога станува збор за употребата на војската, таа е законски забранета во Белгија и Велика Британија, а во десетина држави е дозволена во „исклучителни ситуации“, што исто така претставува кршење на меѓународните норми. Амнести Интернешнел наведува и дека во повеќето држави е присутна системска неказнивост на полицајците кои користат прекумерна сила. А кога ќе се случат судења, товарот на докажувањето, спротивно на утврдената практика, е на жртвата, а интерните и парламентарните истраги по правило не доведуваат до адекватни санкции.

Во последното поглавје организацијата се занимава со злоупотребата на методите за надзор, од тајните полициски операции, преку надзорот на социјалните мрежи со инвазивни алати, па до собирањето биометриски податоци, на пример со технологијата за препознавање лица. Еден од поеклатантните примери е Грција, во која казнениот закон експлицитно дозволува употреба на системот за надзор на протести. Надзорот на луѓе кои го остваруваат правото на протест е во директен конфликт со правата на приватност, мирно собирање и изразување, заради што организацијата смета дека би требало да се забрани во националните легислативи.

Посебниот претставник на ОН за слобода на мислењето и изразувањето повика на воведување мораториум на употребата на технологијата за препознавање лица зашто таа доведува до дискриминација на одредени групи луѓе. На почетокот на годината Европската унија донесе Закон за вештачка интелигенција, но со него не се забранува употребата на технологијата за препознавање. Парламентарната група на зелените неодамна спроведе истражување кое покажа дека 11 членки на ЕУ веќе ја користат оваа технологија, додека осум од нив имаат намера да го прават тоа.

Слики: Laust Højgaard

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.portalnovosti.com/

Слични содржини

Општество / Активизам / Европа / Свет
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Европа / Свет
Општество / Активизам / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото