Алгоритамско обликување на психичкиот живот

01.08.2024 00:51
Алгоритамско обликување на психичкиот живот

За да можат психолозите да ја разберат анатомијата на психата го разложиле психичкиот живот на поединечни психички функции и секоја функција претставува дел од една сложувалка која е составена од следните делови: внимание, забележување, размислување, памтење, учење, интелигенција, нагони, емоции, волја и моралност.

Алгоритмите, особено оние кои се користат на дигиталните платформи и во модерната технологија можат да имаат значајно, суптилно и длабинско влијание на речиси секоја психичка функција.

Највпечатлив пример за алгоритамско влијание е оној што се однесува на вниманието, каде алгоритмите се дизајнирани да го привлекуваат и задржуваат вниманието на корисниците колку што е можно подолго. Колку пати се случило да го земете телефонот на кратко, а да останете многу подолго од планираното? На тој начин алгоритамот ја ослабува и вашата волја за функционирање во реалноста, а ја зајакнува волјата да останете во виртуелниот свет.

Дали на крајот од секој ден ја проверувате статистиката за користење на телефонот и дали доследно и одново се запрепастувате од вкупната количина време поминато на телефонот?

Алгоритамот како хипнотизер влијае и на нашата перцепција, односно на забележувањето и размислувањето, зашто врши селекција на информациите фаворизирајќи одредени содржини.

Создавајќи персонализирана содржина за корисниците, алгоритамот прави таканаречени ехо комори или филтер балони во кои сте изложени само на оние информации кои ги потврдуваат вашите постоечки убедувања. Ехо коморите се создаваат кога корисниците ќе се опкружат со истомисленици, а филтер балоните кога алгоритмите дополнително ја интензивираат селекцијата со предлагање слична содржина.

Моќта на алгоритмите се крие и во можноста за обликување на моралните и политичките ставови и однесувања преку селективно прикажување на содржините кои се во склад со одредени морални вредности. Корисниците можат да се поттикнуваат да ги формираат посакуваните морални и политички ставови, но и предрасудите на родова, верска или национална основа.

Алгоритамот може да го персонализира и олесни процесот на учење прилагодувајќи се на способностите и потребите на секој ученик или студент, но и да ја намали моќта на критичкото размислување, зашто корисниците не можат премногу да се потпрат на технологиите кога е во прашање решавањето проблеми или донесувањето важни одлуки. Колку пати сме ѝ верувале на навигацијата која нè вртела во круг?

Врз основа на анализа на потрошувачкото однесување алгоритмите можат да го предвидат или поттикнат купувањето или консумирањето одредена содржина, што влијае на нагонската и емоционалната психичка функција. Највирални содржини стануваат оние кои целат на емоциите страв, радост, тага или бес.

Свеста е највисоката сознајна функција на човекот и има интегративна улога во психичкиот живот. Таа е лепило кое ги поврзува деловите од сложувалката. Доколку константно работиме на обликување на својата свесност, помала е веројатноста да дозволиме да ја обликува некој алгоритам.

Кога следен пат ќе му дозволите на алгоритамот да избере музика наместо вас или да предложи серија или филм, поставете си го прашањето дали можеби алгоритамот ве познава подобро, отколку што се познавате себеси?

Со цел проширување на свесноста можете да си го поставите и прашањето дали алгоритамот е тука за да го олесни вашето функционирање или да го контролира.

За секоја одредена психича функција постои и нејзино пореметување. Алгоритамот најверојатно нема да доведе до драстично оштетување на психичките функции, но важно е да се знае дека тој функционира на многу посуптилно ниво, каде нежно ја обликува вашата когниција, вашите емоции и однесувањето. Ако тоа ни го прави нам, на возрасните и формирани поединци, замислете само што им прави на децата. Зошто го дозволуваме тоа?

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Jean Jullien

Извор: https://www.danas.rs/

ОкоБоли главаВицФото