1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Сузан како мало девојче во Те Ароха, 1959 година. Фотографија: Даг Кинг
Сузан Те Кахуранги Кинг е родена во 1951 година во мало село во Нов Зеланд, како второ од дванаесетте деца. Нејзиниот татко бил учител и страстен претставник на јазикот и културата на Маорите, поради што сите негови деца го имале Те Кахуранги како средно име (во буквален превод: скапоцени).
До тригодишна возраст Сузан сакала да зборува, да пее и да имитира сѐ што ќе слушне и види. Во четвртата година зборувала сè помалку, само повремено потпевнувала во кревет, а веќе на осум години целосно замолчела. Кога имала десет години, нејзините баба и дедо разговарале за погребот на кој присуствувале, а Сузан неочекувано изустила: „Мртва. Мртви. Мртви.” Тоа било последното нешто што го изговорила.Кога тргнала на училиште, нејзиниот учител забележал дека поседува извонредна дарба да пренесува комплексни фигури на хартија. Таа била во состојба со часови фокусирано да црта. Веќе на седумгодишна возраст се покажал развиениот талент на младата уметница.
Кога ја претставувале на другите, членовите на нејзиното семејство знаеле да кажат: „Ова е Сузан. Таа не зборува, но е голема уметница”. Додека учителот станувал сè позагрижен поради тоа што Сузан не зборува, семејството се преселило во Окленд каде што Сузан продолжила да посетува училиште за деца со пречки во развојот.
Цртежите на Сузан се погласни од зборовите. Тие прикажуваат цврсто поделени форми, лица и делови од телото, а сè наликува на голема сложувалка. Цртежите од детството откриваат кошмарни забави населени со хероите на Дизни (најприсутен во нив е Паја Паторот).
Додека работи, Сузан изгледа како да препишува нешто. Таа никогаш не планира и никогаш не користи гума за бришење. На голем дел од нејзините цртежи можат да се забележат фалусни форми.
„Кој знае што таа гледа?”, се прашувала нејзината помлада сестра Петита кога ги откриле овие мотиви.
„Знаете, кога беше во психијатриска клиника, персоналот правеше сѐ само за да извлече некаква реакција од неа”, вели нивната мајка.
„Тато понекогаш знаеше да шета гол под туш. Ги гледала тато и помалите браќа. Како рамнотежа на тие цртежи, ги има и сите тие величествени птици и инсекти”, вели Петита.
И покрај нацртаните насмевки, во делата на Сузан има нешто вознемирувачко и мрачно. Меѓу светлите бои има простор за понежни потези со молив, а понекогаш од хаосот изнурнува тивка и мирна фигура. Понекогаш Сузан црта со бел молив на бела хартија, или со црна боја на црна позадина, како со врвот на моливот да бара приватност.
Во раните деведесетти, Сузан престанала да црта и паузата траела две децении. Повторливото однесување почнало да се манифестира во нејзиниот секојдневен живот. Таа непрестајно ги затворала прозорците и била опседната со разлабавените нишки од ткаенините низ целата куќа.
Ги влечела, ги сечела, ги поправала и ги намотувала. Неколку години подоцна, Петита го открива делото на Џудит Скот и помислува: - Мили Боже, никогаш не видовме уметност во она што го прави Сузан! Но, Сузан тоа не го правела со насмевка на лицето, туку покажувала знаци на вознемиреност: како да мора постојано да ја намотува извлечената нишка и макотрпно да ја бара следната и следната...
Кога во 2008 година бил снимен документарниот филм посветен на нејзината уметност, Сузан повторно го зема моливот во раце.
Сите нејзини дела од детството се зачувани - семејството ги архивирало со надеж дека ќе можат подобро да ја разберат: „Ако докторот го види ова, можеби ќе има објаснување”, се надевале тие.
Цртежите биле расфрлани во стари кутии и фиоки, а еден од помалите браќа го прекршил семејното правило и направил колаж од неколку дела на Сузан. Петита ги собирала и подредувала. Сузан ја имала својата прва изложба во 2012 година, а брзо после тој важен настан, нејзините цртежи го наоѓаат својот пат до публиката ширум светот.
Петита почнала да работи како учителка за деца со аутизам и почнала сè подобро ја разбира состојбата на својата сестра. Таа претпоставувала дека и Сузан е дел од спектарот. Пред две години, кога Сузан имала 64 години, ѝ бил дијагностициран аутизам.
Сузан сè уште црта, се подготвуваат и нови изложби, а со неа одвреме-навреме се организираат и часови по цртање, каде работата во тишина е единствено правило за учесниците.
Извор:https://www.theguardian.com