1025 hPa
58 %
11 °C
Скопје - Вто, 12.11.2024 14:14
Нема ништо полошо од оставинска расправа меѓу раскарани роднини кои наследуваат голем покојник. Некако успеваат да го поделат материјалното богатство, но затоа околу духовните добра се караат на нож и крв. Така стојат работите меѓу народи во кои духовните луѓе секогаш се на цена, народи кои толку се грижат за интелектуалните достигнувања што за нив се спремни и да се заколат.
Поминаа три децении од убиството на СФРЈ, а Србите и Хрватите уште не можат да се договорат чиј е некој писател и научник. Неодамна изби скандал заради текстот во Вечерњи лист во кој пишуваше дека Милутин Миланковиќ е „хрватски научник“. По тој повод со соодветно соопштение се огласи САНУ, велејќи дека „со неверување и огорченост го следат присвојувањето на српските научници и уметници, засновано на неприфатливи аргументи“. Непосредно пред овој инцидент писателот и универзитетски професор Слободан Владушиќ разоткри опасен заговор во каталогот на Народната библиотека на Србија, каде дубровничката книжевност е категоризирана како хрватска. Вечерње новости на Вучелиќ веднаш се зафатија со оваа горлива национална тема, предупредувајќи на опасноста која демне од каталогот на библиотеката, обвинувајќи ги библиотекарите за уништување на наследството со врескачки текст „Држиќ го водат како хрватски книжевник: сериозен пропуст во Народната библиотека“.
Чија е дубровничката книжевност
Всушност, станува збор за технички, би можело да се каже бирократски проблем кој настана по распадот на Југославија. Бранителите на српското наследство не споменуваат дека, на пример, изданијата на поетските книги на Тин Ујевиќ објавени во Белград се каталогизирани како српска книжевност, или дека „Баладите на Петрица Керемпух“ на Мирослав Крлежа еднаш се српска, еднаш хрватска книжевност, зависно од местата на публикување. Иако, којзнае, тешко е да се разберат сложените прашања на националните поделби, можеби следните стихови навистина се напишани на српски: „Karv, ta slana kmetska, / stubičanska karv, / ta čarna, čerlena, / vonjhava gosta karv, / zakaj curi ta gluha, /masna, slepa, / strahotno mlačna karv? / Kmična, gliboka, čemerna, kam, zakaj kaple kri?“
Препукувањата околу дубровничката книжевност се случуваат одвреме навреме, научниците никако да се договорат кому му припаѓа литературата неколку векови постара од сите нации, вклучувајќи ги и српската и хрватската. На почетокот на мај Матица хрватска ја обвини Матица српска за присвојување на хрватското книжевно наследство, заради објавување на делото на Марин Држиќ во едицијата „Десет века српска книжевност“. Кога го читав „Дундо Марое“ на Држиќ и самиот често бев збунет, а верувам дека и други читатели го имале моето искуство. Еве, на пример, просто не знам како да категоризирам една типична реплика од оваа драма, во српската или хрватската книжевност: „ Signor Ugo, a gintelomini pari toi non si conviene far queste cose.“ Можеби е најдобро читателот сам да пресуди, јас се колебам: час ми делува некако баш српски, а кога ќе погледнам од друга страна, ми изгледа сосема хрватски. А има стотици слични примери.
Нималку не е полесно ни со репликите напишани со италијански дијалект на српско-хрватски јазик, да речеме оваа на Помет: „Jesu njeki ki mi se razumiju; kažu s dva kujusa: ‘Ergo approbitur’, istom per littera govore kako i papagali, a na ožet su – ne imaju ništa!“ Среќа што „Дундо Марое“ е напишана на чист српски, односно хрватски јазик, па издавачите од двете култури не мораат многу да се мачат: доволно е да напишат 950 фусноти со преводи на одредени реплики и да додадат мал речник од дваесетина страници со едвај 1000 поими, па ова дело да стане колку-толку разбирливо за ученикот што го чита како лектира: како што би рекол Џиво Гундулиќ, уште еден писател околу кој кршат копја академиците од двете страни на границата: „Ah, čijem si se zahvalila, tašta ljudska oholоsti? Sve što više stereš krila, sve ćeš paka niže pasti!“
Распарчување на великаните
Жестоки борби на научниот фронт се водат и околу Никола Тесла, кражбата трае веќе со години, едни се фаќаат за неговото родно место, други за националната припадност, па го растргнуваат покојникот со сета сила, добро е што досега не го парчосаа сервирајќи им го на академиците врз опашките. За време на последниот вербален конфликт околу Тесла можеби најдобар коментар даде дизајнерот Мирко Илиќ: „Не знам дали знаете, јас сум Американец кој речиси перфектно го зборува вашиот јазик и на сите можам да ви кажам дека Тесла е американски. Тој работел овде, овде му дале пари, овде му дале можности. Не можете да присвоите некој што ве напуштил. Многу просто.“
Српско-хрватските научници не можат да се договорат ни околу Руѓер Бошковиќ. Овој филозоф, астроном, матемаричар, физичар и поет од 18-иот век зад себе остави огромно дело, доволно да ги задоволи незаситните духовни потреби на двете нации. Можеби нашите национал-културци би можеле еднакво да го поделат неговото наследство. Доволно е човек лишен од националистички страсти да ги погледне само насловите на знаменитите книги на Бошковиќ и веднаш ќе му стане јасно кои му припаѓаат на српското, а кои на хрватското културно наследство.
Сосема е сигурно дека делата „Opera pertinentia ad opticam et astronomiam“ и „Trigonometria sphaerica“ спаѓаат во хрватското, а „De annusi fixarum aberrationibus“ и „De viribus vivis“ во српското културно наследство, тоа му е јасно и на ќоравиот. Единствено збунува што големиот научник своите дела ги објавувал со името Rogerio Josepho Boscovich, но можеме да поминеме преку оваа загатка. Најважно е што неговите дела се достапни за секој Хрват и Србин, што може да се забележи од наведените наслови, а станува уште поочигледно кога ќе погледнете во некоја негова книга.
Југословенските народи водат тешки борби за да докажат дека некој великан им припаѓа само ним, а не и на другиот. И многу други писатели се предмет на спор и присвојување: Иво Андриќ, Меша Селимовиќ, Ранко Маринковиќ, Владан Десница... Нежните читачки души едноставно не можат да им се изначудат на соблазнивите глетки кои често можат да се видат меѓу професорите, докторите, научниците, писателите, академиците: една група го дофатила Десница за левицата, друга го грабнала за десницата, па го развлекуваат несреќниот писател небаре тегнат јаже. Па кој што ќе откине. Кога веќе успеаја да го поделат јазикот, слична постапка би можеле да спроведат и со книжевните дела на спорните писатели. Фино нека ги распарчат, па секоја страна нека ги земе зборовите што ѝ припаѓаат, а интерпункциските знаци можат да ги извлекуваат со ждрепка.
Национални тотеми и фетиши
Провинцијалниот, националистички грабеж кој великаните би ги свел според националната припадност и џуџестата мерка е комичен во својот мизерија. Небаре писателите и научниците се сточни грла, па разни купувачи на национални добра со нив можат да располагаат како што ќе си посакаат. Небаре писателите и научниците ги создавале своите дела само за толпа племенски врачеви кои никогаш не создале нешто вредно да можат да се грабаат за нивните научни и книжевни дела. Книжевните дела не се нешто живо што се однесува и на нас, писателите не се луѓе со кои може да се разговара, да се спори, чии дела можат да се толкуваат - тие се добри само како национални тотеми, како фетиши на кои ќе им се поклонуваме. Затоа е важно некој великан да ѝ припаѓа на нашата национална група, зашто ни ја крева цената, сите останати припадници на нацијата ги прави повредни, небаре и тие имаат учество во неговото дело, небаре и тие на некој волшебен начин учествувале во создавањето на тие дела.
Особено комичен е националистичкиот грабеж на големите писатели и научници. Од аспект на национализмот, човек е вреден зашто е Србин, Хрват, Унгарец, Полјак... Национализмот тврди дека човека го одредуваат крвта, тлото, потеклото - она што е дадено, а не зададеното. Националистичкиот катехезис вели дека човекот го одредува националноста која не може дури ни да ја избира, а не неговите дела. А големите писатели и научници се важни не зашто биле Срби или Хрвати, туку поради она што го создале. Нивните дела имаат универзално значење и далеку ја надминуваат секоја теснограда националистичка оптика. Србите или Хрватите не ги напишале „Пролетите на Иван Галеб“, „Киклоп“ или „Novela od Stanca“ - тоа го направиле Десница, Маринковиќ и Држиќ. Со тоа немаат ништо ни српската ни хрватската нација. Она што го напишале писателите им припаѓа само ним. И, евентуално, на нивните најсериозни, најтемелни читатели, оние кои во духот се сретнале со големите претходници и го продолжиле нивното дело.
Приказната за преподобниот Саламан
Присвојувањето на големите луѓе не е карактеристично само за национализмот, туку и за некои други светогледи со кои тоа би требало да е сосема неспоиво. Да речеме, христијанството. Праобразецот на овој наш грабеж околу великаните може да се пронајде во „Богољубивата историја“ на Теодорит Кирски од петтиот век. Едно поглавје на ова дело во кое Теодорит ја пишува историјата на светите подвижници е посветено на преподобниот Саламан молчаник. За тоа пишува професорот на катедрата за психологија на Филозофскиот факултет Петар Јевремовиќ во текстот „Теодоритовата огледална фуга“, преведувајќи од старогрчки и делови од приказната за Саламан.
„Кој бил Саламан? Локален харизматичен човек. Чудак. Свет човек. Посветеник во духовните нешта. Ексцентрик. Аскет. Затворник“, пишува Јевремовиќ. Саламан е роден на брегот на Еуфрат, во селото Каперсана. Преминал во селото на другата страна на брегот за да му се посвети на подвижничкиот живот. Таму нашол колиба во која се заѕидал, без врати и прозорци и го прифатил „животот тихователен“, во молчење. Тоа било време на големи аскети и анахорети, пустиници кои не јаделе речиси ништо, столпници што живееле на столбови, време на „луѓе опиени од Бога“, како што вели Жак Лакариер. Саламан бил еден од нив. Теодорит вели дека Саламан само еднаш годишно го отворал малиот отвор на заѕиданата колиба за селаните да му дотурат храна за следната година, што е невозможно, но не е важно за оваа приказна, жанрот на хагиографијата ионака многу не се надева на вистинитоста на секој детаљ.
„Саламан (буквално) живее надвор од светот. На самата граница на цивилизацијата. На уреденото општество. На државата и црквата. Надвор од политиката. Не го интересира светот. Мртов е за светот. Светот е мртов за него“, пишува Јевремовиќ. За него се шират легенди, се множат приказни за неговиот подвиг, се шират по целата област, на крајот доаѓаат и до епископот. „И архиерејот од градот кому му припаѓало селото /во кое живеел Саламан/, слушајќи за доблестите на овој човек, дошол со намера да му подари /чин/ свештенослужење“, пишува Теодорит Кирски во преводот на Јевремовиќ. Епископот наредил да се пробие отвор во ѕидот, ги положил рацете кон Саламан, му објаснил каков благодет го снашол, но залудно: Саламан уште молчел, сосема незаинтересиран за нештата од овој свет. По одбивањето на почеста, славата на Саламан се зголемила уште повеќе. И тука доаѓаме до клучните настани. Луѓето од неговото родно село една ноќ ја преминале реката, ја срушиле колибата, го грабнале Саламан и го однеле во Каперсана. Потоа му изградиле нова колиба и го заѕидале во неа. За сето тоа време Саламан само молчел, не пружал отпор, рамнодушен кон сè, сосема незаинтересиран за земските настани.
Кражбата и повторната кражба на подвижниците
Јевремовиќ продолжува: „Приказната не завршува. Мешаница на другата страна на реката. Тревога во ограбеното село. Светиот човек е изгубен. Ограбени се. Светиот човек треба повторно да се врати.“ Веднаш потоа жителите од другата страна на реката среде ноќ влегле во Каперсана, ја срушиле новата колиба и го вратиле Саламан во своето село, на старото место, во старата колиба, од каде бил грабнат. „Ни овојпат“, пишува Теодорит, „нималку не се противел, не молел да го остават, но не изразил ни подготвеност да се пресели на ново место.“ Саламан е незаинтересиран за светот, за неговите ситни интереси, за местото во кое живее, зашто тој е Божји човек, неговата татковина е Царството небесно. „Околу него се случува светот. Тој е во епицентарот на случувањата во тој свет. Го игнорира. Упорно одбива да се вклучи во него. Тој е другаде“, пишува Јевремовиќ.
Како што пред 15 векови жителите на Каперсана и селата на брегот од другата страна на Еуфрат го краделе преподобниот Саламан, така и денес нашите национал-фетишисти едни од други крадат писатели и научници, подвижници на модерната доба. Не знаејќи дека тоа е залудно, зашто и писателите и научниците, баш како Саламан, се другаде. Не знаејќи дури ни дека не можат да присвојат ништо освен празнина. Таа е нивниот единствен траен посед.
Слики: Alexey Kondakov
Превод: Алек Кузмановски