1009 hPa
41 %
31 °C
Скопје - Пон, 09.09.2024 12:59
Карима Ашаду, Машински момчиња, 2024, видеокадар. Со учтивост на уметникот, Фондација Меѓу уметничкиот филм
Странци насекаде на 60. Венециско биенале на уметноста; 20 април – 24 ноември, 2024 г., Џардини, Арсенале, и на различни локации во градот Венеција.
Расправајќи за капитализмот, модернизмот и постмодернизмот, за револуционерниот карактер на уметноста, британскиот филозоф и критичар – Тери Иглтон [Terry Eagleton], посочува дека противречностите на модернизмот би можеле да добијат „поексплицитно политичко светло“ само доколку пристапат од поученоста дека политичкото делување значи „трансформирана рационалност“, сѐ друго би значело заглавеност во чисто естетскиот домен и „авантуристичкиот“ стремеж за ослободување од традицијата на уметноста. Трансформативната кураторска методологија на Адријано Педроса ги соочува најразвиените, најрецентните ликовни практики (ВангШуи: кинетички светлосни скулптури, Гвереиро до Дивино Амор: дигитални инсталации) со фрагментираните и парцелизираните (на домородните народи и отуѓените уметници), поставувајќи ги во еден дискурс на движење-на-колективната свест кој овозможува нивното прво претставување во светот на уметноста да се одвива сега, нивното контекстуално читање да се одвива денес.
Значителен број од застапените уметници на Меѓународната изложба родени во 1990-тите при официјална селекција добиле можност да ја изложат својата уметност на почетокот или во подемот на нивните уметнички кариери. Дел од овие проекти го потврдуваат потенцијалот на ликовното изразување, подготвеноста за експерименталност во медиумска смисла, поставувањето на релевантни теми и семиотичко-ликовни синтагми низ трансдисциплинарни методологии кои ги доведуваат уметничкото промислување, конципирање, реализација (предефинирање/проширување на постојните медиуми) и претставување на рамниште на проблемска категорија.
Проектот Машински момчиња (2024) на Карима Ашаду (Лондон, Хамбург, Лагос), награден со Сребрен лав за надежен млад учесник, е еден од најсвежите (во современа смисла) погледи на претставувањето на избраната тема во видеомедиумот. Портретирањето на мотоциклистичките таксисти познати како „окада“ во мегалополисот Лагос, е близок приказ на сцена од ритуалното возење специфично за мотоциклистите чијашто машкост е пренагласена преку нивното „моќно“ однесување на улиците, доведувајќи ги на рамниште на разголеност нигериските патријархални идеали и ранливоста на машкиот субјект како припадник на прекаријатната работничка класа. Начинот на излагање е во пурпурна соба хроматски извлечена од трепкачките фарови на мотоциклистите. Вториот дел од проектот го дополнува месингана скулптура изработена како релјеф чија структура налик на гумена плетка, зазема облик на медалјон – потсетник за недостижните легитимни вредности.
Аманда Зиемеле, О дење и ноќе, но ова е чудесно чудно... и затоа како странец поздравете го, 2023
Во латвискиот павилјон излага уметницата Аманда Зиемеле, претставувајќи го сликарството „како перформативен чин“. Зиемеле ги истражува можностите на проширување на сликарскиот медиум како „сликарски амбиент“, разместувајќи ја и вообичаената положба на ѕидниот медиум, по подовите, плафоните, артикулирајќи во сооднос со просторните специфики, оставајќи ги видливи и структурните делови, односно преобмислената штафелајна конструкција со карактеристики на архитектоничност, но не и скулптуралност. Фокусот е на монохроматските површини, на текстурите и на тактилноста на сликарската површина. Концепцијата дадена во насловот – О дење и ноќе но ова е чудесно чудно... и затоа како странец поздравете го ја следи „Шекспировата нишка“ од романот Рамна земја на Едвин А. Абот од 1884 година.
Изложбената архитектура е проектирана од Јулијана Сибел, дизајнерка и на проектот „Архиви на непослушноста“ (активизам на дијаспората и родовата непослушност), конципиран од уметникот Марко Скотини. Проектот вклучува дела од триесет и девет уметници и колективи кои твореле помеѓу 1975 и 2023 година. Скотини ги развива дијалозите помеѓу уметничките практики и активизмот преку видеоархиви.
Архиви на непослушноста, 2010
Архиви на непослушноста, како видеоархива која континуирано се дополнува и развива, ја поставува средишната точка на интерес помеѓу уметничките практики и политичкото дејствување. Поставувајќи две поголеми целини: Активизмот на дисјапората и Родова непослушност, генеративниот метод е предложен преку медиумот на предфилмска машина и анимација на слики, истражувајќи ги можните начини на претставување на движењето и центрифугалните простори.
Јаел Бартана, Ерсан Монтаг, Мајкл Аксталер, Никол Л'Уилје, Роберт Липок, Јан Ст. Вернер, Прагови, 2024, ликовен проект во три сценарија
Германскиот павилјон уште од надворешноста задржува внимание со „затрупаната земја/руини“ потпрена на фасадата на изложбениот објект. Проектот Прагови го создаваат шест уметници, означувајќи го просторот меѓу минатото во исчезнување и нејасната иднина. Фокусот е на „загарантираните политички разлики“ меѓу доминантните општества и миграцијата која останува растргната меѓу различните припадности. Претставени се три сценарија: денешницата, како катастрофална и деструктивна; монументален простор за малите наративи; мостот до островот Ла Чертоса како простор на привремена и просторна транзиција.
Славица Јанашлиева, Inter Spem Et Metum, 2024, 60 кг пердуви од патка и ЛЕД-неонски знаци, димензии варијабилни
Во македонскиот павилјон ликовниот проект Inter spem et metum на Славица Јанашлиева јадровито кореспондира не само со општата тема Странци насекаде туку и со следственото надоврзување на претходните уметнички практики на авторката и нејзиниот искуствено изграден ликовен ракопис и сензибилитет, со јасна читливост и концептуалистички предложена загатливост при втемелување на наративот и перформативност на визуелната морфологија (концептуално-визуелен паноптикон – според кураторката Ана Франговска). Конотиран преку латинска инскрипција, пректот со насловеност Inter spem et metum (Помеѓу надежта и стравот) повикува на внатрешна и индивидуална потрага кај преобразливото битие, кај секој од нас, посочувајќи на потенцијалот содржан во различностите.
Џон Акомфрах, Слушајќи го дождот цела ноќ, 2024
Ликовно-семиотичка структура конституирана од звучни и видеоамбиенти е претставена во британскиот павилјон, конципирана низ ликовниот проект на Џон Акомфрах – Слушајќи го дождот цела ноќ (2024) со содржинска гравитација кон постколонијализмот, екологијата и политиките на естетиката, заснована на чинот на слушање како активизам.
CATPC (Уметнички круг на работници на плантажи од Конго), Меѓународната прослава на богохулењето и светото
Во холандскиот павилјон е претставен проектот на колектив од двесет и пет уметници коишто творат и излагаат под акронимот CATPC (Уметнички круг на работници на плантажи од Конго /Cercle d’Art des Travailleurs de Plantation Congolaise). Нивната главна преокупација е грижата за експлоатација на шумите и општествата, чие уништување води до нарушен биодиверзитет и екстремни сиромаштии. Кураторот Ренцо Мартенс и колективот конципираат целина конституирана од т.н. „Бела коцка“ (2017) и скулптурите од дрво, какао, палмино масло и шеќер, во една организирана целина – Меѓународната прослава на богохулењето и светото.
Сандра Гамара Хешики, Мигрантска уметничка глаерија, 2024 година
Претставник на шпанскиот павилјон е Сандра Гамара Хешики, со проектот Мигрантска уметничка галерија, која ја втемелува репрезентативната логика во интертекстуалноста, цитирањето и преземањето на слики и иконографии кои припаѓаат на шпанското национално наследство. Истражувајќи го отсуството на деколонијалните наративи во музеологијата, Хешики ги соочува колонизаторите и колонизираните, движејќи се по патеката на социологијата, политиката, историјата на уметноста и реинтерпретацијата.
Александар Дениќ, Колонијална изложба, 2024
Во српскиот павилјон претставен е проектот Колонијална изложба на Александар Дениќ, со втемеленост на сценографската иконографија во поп-уметничкото наследство и косумеристичкиот културолошки импакт врз општествената слика, посочувајќи на економските и колонијалистичките дискурси. Мотивот (а преку него и содржината) на ова ликовно дело – проект, е типично „балкански“ идиом, кој транзитира од автомаргинализирачките поетики до западноцентристичките императиви на ликовната уметност.
Бухра Калили, Проектот за мапирано патување, 2008–11, видео кадар
Проектот за мапирано патување (2008–11) на мароканската уметница со живеалиште во Виена – Бухра Калили, се издвојува според визуелната впечатливост на просторното артикулирање, естетски обмислено постепено да го воведува гледачот во далбочините на семиотичкиот конотатив и слоевите на наративот. Посветувајќи три години на темата „медитерански миграции“, Калили документирала партиципативни приказни од мигранти кои ги затекнала на железничките станици и во други јавни простори. Значенски сложен и визуелно редуциран, Проектот... содржи осум силк-скрин панели, кои во преден план содржат приказ на „раката на нараторот“ во гест на покажување/посочување кон рутата на движење на мигрантите. Семиотички прониклива, Калили не ја ослонува сопствената гледна точка само на документот како визуелен исказ туку ја преобразува визуелната нарација спојувајќи ја со констелација од ѕвезди и референци од античката астрономија и митологија.
Адријано Педроса не се појавува само како куратор на Биеналето туку и како селектор на едно веќе курирано дело – Спиралата на стравот (2022) на уметникот од Ангола – Килуанџи Киа Хенда.
Џулија Андреани, Училиштето за сечење и шиење, 2023 година, акварел на хартија, 140 x 300 см. Фото Чарлс Дупра и Дарио Лазањи. Со учтивост на уметницата; Галерија Макс Хецлер Берлин, Париз, Лондон
Венециската уметница Јулија Андреани работејќи во градација на монохроматски акварел, адресира теми поврзани со женското движење на суфражетките од Британија на преминот на дваесеттиот век, поврзувајќи ги феминизмот и спиритуализмот.
Според теоретичарката и критичарка Линда Хачон [Linda Hutcheon] крајот на постмодернизмот се поклопува со падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, кога започнува одбројувањето на современиот период и почетокот на преуредувањето на светот. Оваа година, Меѓународната изложба е добар потсетник дека сѐ уште постојат и други невидливи ѕидови, множество згаснати утопии и надежи, правејќи го видлив „дисконтинуитетот на историскиот развој“ на уметноста (Фредрик Џејмсон [Fredric Jameson]). Според Џејмисон кодовите на модернизмот стануваат знаци во постмодернизмот, а денес, знаците од постмодернизмот преобразени во порака во специфичен културолошки и општествен миг сведочат за испрекинатост на означувачкиот синџир и фрагментираност на значењето денотирано од големите означители во недовршениот, пост–пост–капиталистички поредок.
Меѓународната изложба Странци насекаде [Stranieri Ovunque] евидентира дека инсталациите во простор сѐ уште се доминантни, но како репрезентација во типичен средновековен медиум реализиран преку нови сликарски и ткајачки техники „и технологии“: таписерии, текстил, ткаенини проткаени/извезени со/од т.н. „мали наративи“ од денешницата. Модерната уметност, постмодерната и современата се преклопуваат, без (пре)нагласен стремеж за иновативност – фокусот е на пораката. Малиот наратив, според Жан-Франсоа Лиотар [Jean-François Lyotard], останува доминантен облик што зазема позиција на „инвентивно откритие“, како што оваа изложба покажува дека малите наративи ги замениле големите наративи, станувајќи доминантни во новото удвојување на префиксите: пост–пост–модернизам, паралелизам што не исклучува преклопување и едновремено постоење или пак исклучување на претходните хронолошки недовршени етапи на уметноста.
Крај.