1008 hPa
41 %
31 °C
Скопје - Пон, 09.09.2024 13:59
Во текот на Олимписките игри случајот на алжирската боксерка Иман Халиф, која настапува во женска категорија иако тоа претходно ѝ било ускратено на некои други светски натпреварувања, ја запали и публиката која воопшто не ја интересира спортот. Имено, уште во март 2023 година Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА), која исто така се смета за контроверзна поради низа други причини, издаде сопштение во кое беше објаснето дека нејзината дисквалификација не следела по анализа на нивото на тестостерон туку се темелела на друг признаен тест кој не е именуван заради доверливоста на податоците. Според ИБА, тој тест недвосмислено утврдил дека Халиф и уште една натпреварувачка не ги задоволуваат условите за натпреварување во женска конкуренција зашто било утврдено дека имаат компаративна предност во однос на останатите натпреварувачки. Подоцна, челникот на ИБА, Умар Кремлев изјави дека Халиф има генотип XY што во биолошка смисла е генотип на маж.
Овој случај не е прв во историјата на Олимписките игри и воопшто на спортските натпревари. Има добро познати примери кога подоцна, понекогаш дури и децении по освојувањето на медалите, било откриено дека лице со машки полови карактеристики и/или генотип се натпреварувало во женска конкуренција. На крајот на краиштата, затоа беа воведени прегледи за суспектните натпреварувачи кои, како што сè повеќе се дознаваше за различните родови дисморфизми и нивните генетски основи, стануваа сè пософистицирани. Порано на тие „машки“ натпреварувачи (денес апсолутно политички некоректна придавка) само ќе им се смееле, но денес социјалната клима е сосема поинаква. Затоа многу брзо случајот Халиф од почетокот на текстот премина од сферата на спортот во пошироката социјална сфера. Тоа го коментираа многумина, од италијанската премиерка Џорџа Мелони, Илон Маск и Џ.К. Роулинг на едната страна од вредносниот спектар, до „воук“ и другите борци за правата на сексуалните/родовите малцинства од другата. Така, овој случај се прелеа во домашниот јавен простор и целата работа се оддалечи од меритумот, а во спортот тоа е „категоризацијата“ на учесниците на натпреварувањата.
Поделбите по категории во спортот отсекогаш постоеле и тоа не само за машките и женските натпреварувачи, туку и за другите параметри како возраста и тежината, и тоа воопшто не е спорно поради оправданите физиолошки разлики. На крајот на краиштата, и целиот концепт на Параолимпијадата е дел од оваа приказна. Меѓутоа, заради појавата на природни исклучоци, лица кои поради некоја хромозомска аберација или мутација на гените кои се суштински за постигнување спортска предност во однос на конкуренцијата (а најчесто тоа се аберации во нивото на машкиот полов хормон тестостерон), како и трансродовите лица, таквите случаи на пошироката општествена сцена ги извлекуваат биолошките варијации кои се многу запаливи за светогледите.
Спортската физиологија е посебна област на човечката физиологија која се изучува многу години. Секој подобар учебник по физиологија има неколку посебни поглавја посветени на оваа тема. Со право, зашто е јасно дека во елитниот спорт границите на човечките можности веќе одамна се достигнати и дека малите разлики во физиологијата на поединците ја овозможуваат уште помалата разлика која некој велосипедист, тркач или некој друг спортист можат да го направат победник за дел од милисекунда или секунда. За да се достигнат границите на човековите способности, во подготвителните тимови се вклучени огромен број стручњаци, од тренери до специјалисти по спортска медицина, физиотерапевти, нутриционисти и психолози. Секако, најдобрите и најбогатите можат да си дозволат и целни научни истражувања во кои учествуваат научници од најпрестижните центри како Харвард и други почитувани институции.
Во моментов спортската ендокринологија е многу проминентно и добро спонзорирано подрачје за научни истражувања. Има многу спортови, а физиолошките карактеристики кои можат да им помогнат на некои, а на други да им наштетат се многубројни.
Ова поле всушност е на самиот почеток поради новите можности што се отворија со воведувањето молекуларно-генетски и биохемиски анализи. Секако, зборуваме за легални начини на подготовка на спортистите колку што е можно подобро и да се извлече максимумот од нив во моментот кога е најважно. Употребата на нелегални стимуланси или допинг е другата страна на медалот, која исто така интензивно се развива и вообичаено е чекор понапред од она што моментално се тестира кај спортистите. На почетокот се работело за супстанци кои физиолошки ги нема во организмот, но со текот на времето целата област еволуираше и со употребата на ендогени молекули кои се присутни во човечкото тело и затоа е малку потешко да се докаже дека се додавани однадвор заради допинг. Меѓутоа, токму зашто полето на тестирање ја следи допинг индустријата, примероците од спортистите земени за допинг тестирање се чуваат многу години, а може и ретроактивно да се тестираат доколку постои сомневање за некој нов агенс што се користи за допинг.
Но, да се вратиме во легалната сфера на спортската физиологија. Јасно е дека во градбата на некој елитен спортист, како и во неговата физиологија, мора да постои нешто што му дава предност пред останатите. Поделбата на машка и женска категорија е разбирлива зашто емпириски, врз основа на спортските резултати, е утврдено дека жените и мажите не постигнуваат идентични важни спортски параметри. За тоа во најголема мера е виновен тестостеронот чии нивоа се значително повисоки кај мажите отколку кај жените (да се присетиме дека и жените создаваат тестостерон), кој е анаболик - да се изразиме колоквијално, тој учествува во „пумпањето“ на мускулната маса. Затоа речиси никогаш нема да се случи жените, иако вежбаат до изнемоштеност, да набијат мускулна маса во иста мера како и мажите. Се разбира, станува збор за физиолошки параметри кои доаѓаат во спектар па така е јасно дека постојат и мажи со мала мускулна маса како и жените набилдани до максимум, но, кога зборуваме за просекот на популацијата јасно е дека тоа се исклучоци.
Денес веќе знаеме кој вид мускулни влакна даваат предност во некоја од спортските дисциплини, па дури и за кои генетски варијации се работи кои го кодираат тоа. Исто така, знаеме дека некои поединци може да имаат поголема издржливост или пократко закрепнување од атлетските напори заради нивните специфичности во метаболизмот на кислородот или транспортот на лактатите. Мерењата покажаа дека, на пример, Ленс Армстронг и Мајкл Фелпс имаат пониски нивоа на лактат во крвотокот за време на интензивните напори во споредба со нивните конкуренти, што им дава метаболичка предност оти тие подобро го користат во митохондриите за производство на енергија. Знаеме и дека хормонот за раст е важен за многу аспекти на мускулната кондиција и дека луѓето кои имаат физиолошки повисоки нивоа на овој хормон (или им се дава како допинг) на тој начин добиваат предност во однос на конкуренцијата.
Се поставува прашањето каде да се повлече линија. Кај надворешното додавање ендогени активни молекули јасно е дека се работи за допинг но тоа можеби е потешко да се докаже поради „природното“ присуство на овие молекули. Аберациите на надворешните хромозоми, анализата на генотипот и нивоата на тестостерон како и некои други биохемиски параметри се одредени како критериум за категоризирање во натпреварувачките машко/женски категории.
Овие биолошки параметри се јасни и недвосмислени, а водата ја матат општествените категории и светогледот. До неодамна, олимписките критериуми за транс натпреварувачите кои сакаат да се натпреваруваат во женска конкуренција, како што беше случај со Лорел Хабард на Летните олимписки игри во Токио, пропишуваа дека мора да имаат ниско ниво на тестостерон во текот на претходните 12 месеци, до што се доаѓа со терапија. Притоа треба да се забележи дека дури и пониските дозволени нивоа на тестостерон беа петпати повисоки од вообичаените за жените. Кога се подложени на оваа терапија, транс жените губат сила и брзина, нивното ниво на хемоглобин опаѓа во однос на нивоата типични за мажите до оние карактеристични за жените, што е исто така важно за многу спортови во кои е важна издржливоста. Сепак, дури и кога ги исполниле овие параметри, транс жените сè уште имале преостаната предност во силата, но поради малиот број такви натпреварувачи, уште не се знае колкава е предноста и дали претставува нелојална конкуренција за другите натпреварувачи. Она што е познато е дека, ако транзицијата настанала по пубертетот, луѓето, без оглед на терапевтското намалување на тестостеронот, сепак имаат специфични физиолошки предности што им ги дава структурата создадена под влијание на тестостеронот, како што е поголемо срце, помалку масно ткиво и поголем капацитет на белите дробови.
Сепак, овие правила беа променети по игрите во Токио во 2021 година и од натпреварувачите веќе не се бара да се подложат на вакви третмани, сè со цел вклучување и недискриминација врз основа на родов идентитет и сексуални варијации. Аргументот за овој потег беше следен: поделбата на категории во спортот се случува кога разликата во биолошката предност меѓу учесниците е таква што на некои им дава нефер предност. Бидејќи уште не е јасно дали биолошката предност на транс жените е толку голема за да биде нефер, со дозволата тие да можат да учествуваат во женската категорија тоа ќе може да се утврди и емпириски. Со слично образложение и врз основа на овој документ, на Иман Халиф ѝ беше одобрено учество во женска конкуренција.
Иако се чини дека ова е проблем кој ги засега само елитните спортисти, категоризацијата во спортот е присутна на сите нивоа, сè до аматерските и училишните натпревари. Што ќе правиме со овој проблем на пониските нивоа, дали ќе се водиме од инклузивноста зашто е поважна општествена вредност или ќе се водиме од нефер спортската предност, тоа се тешки прашања кои ќе се решат во пракса на многу пониски нивоа од елитните олимписки. Многу пластично можеме да го замислиме губењето на спортските стипендии поради неможноста на жените да победат во својата категорија, а тоа исто така не е само спортски проблем и веќе почна да се случува. Како да ѝ се објасни на некоја цис индивидуа од генотипот XX, која така се чувствува, дека заради инклузивност во нејзината категорија ќе победи транс жена, која исто така ќе ѝ ги одземе можностите за понатамошно образование заради релативно неодамнешната промена на правилата. Можеме да тврдиме дека има малку такви случаи, што е точно за општата популација, но процентот на такви луѓе се зголемува кога во равенката се вклучени спортските натпревари, особено оние од повисоките нивоа.
Половата/родовата дисморфија не е честа, се смета дека се појавува кај 1 од 12.000 мажи и 1 од 30.000 жени, но се поставува прашањето дали овие нови правила ќе поттикнат некои од нив стратешки да се одлучат за полот што им дава предност. Ни овој концепт не е историски туѓ, оти и на нашиве балкански простори жените понекогаш добивале машки идентитет од културни причини поради што полесно се пробивале низ животот, а таквата практика е присутна и во други култури и историски периоди.
Но, да му се вратиме на спортот и да се запрашаме што ќе правиме со натпреварувачите кои имаат предност пред другите заради мутациите на некои други гени суштински за спортските перформанси, кои можеби уште не се ни откриени? Дали е фер или е нелојална конкуренција за другите конкуренти? Веројатно на сите им е јасно дека мора да постои нешто во мускулните влакна или метаболизмот или некоја друга физичка или дури и психичка предиспозиција на врвниот спортист што е резултат на неговата генетска позадина. Зашто не постои таков стручен тим кој од мене би направил маратонка, а камоли врвна; но за човек кој ја има потребната генетска предиспозиција во структурата и физиологијата, тоа е друга приказна. Најпосле, секоја способност што ја имаме се заснова на нашата генетска основа, која потоа ја надоградуваме со сопствената активност и влијанието на околината. Оти што ни вреди потенцијално да станеме уште една Јаница Костелиќ ако живееме во сиромаштија во Сахара. Тој потенцијал никогаш нема да биде изразен. Но, ваквото расудување важи и за секој друг успех и неуспех во животот. Затоа воведувањето спортски категории и дисквалификувањето на учесниците врз основа на концептот за нефер предност добива сосема поинакво значење во ерата на молекуларното генетско тестирање, а спортските натпревари најверојатно ги чекаат големи трансформации во иднина.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://ideje.hr/