Предрасудите на намислената апокалипса

05.08.2024 10:21
Предрасудите на намислената апокалипса

(Кон претставата „Ангели во Америка: геј фантазија за национални теми“ по текст на Тони Кушнер, во продукција на Мини Театарот од Љубљана, а во режија на Ивица Буљан. Главни улоги: Роберт Валтл, Тимон Штурбеј, Нејц Цијан Гарлати, Нина Виолиќ, Петја Лабович и др.)

„Ангели во Америка“ е масивен текст на Тони Кушнер кој претставува своевидна епопеја на модерните социјални недоразбирања и надоаѓачкиот вирус СИДА, кој на почетокот на деведесеттите години, кога се појавува оваа пиеса направи голема мешаница во скриените страсти на естаблишментот најпрво во Америка, а потоа и во останатиот дел од светот. Овој круцијален текст на современата светска драматика ги следи линиите на националните предавства во САД вплеткани во пулсирачките придвижувања на анемозитетот кон хомосексуалците кој подоцна прераснува во отворена или сокриена, т.н. „хомофобија“. Кушнеровата драма е амбивалентна во таа насока и длабоко загазува во општествените престројувања (вториот дел од пиесата е насловена какао „Перестројка“) наметнати од „хомосексуализмот“ за кој, со голема доза на потсмешливост би рекле дека „како божем да го немало дотогаш“.

Но како и да е, Кушнер во оваа пиеса користи и вистински ликови од непристојната историја на САД како што е озлогласениот адвокат Рој Кон кој одиграл значајна улога во гонењето на брачниот пар Џулиус и Етел Розенберг заради шпионажа и оддавање на државни тајни на руските авторитети. За него Роџер Стоун, политички консултант, инаку голем пуританец, ќе каже дека: „Рој Кон не бил хомосексуалец, тој само сакал да има секс со мажи, што не е исто.“ Тони Кушнер својата епохална пиеса ја посветува токму на различноста на афинитетите и нивната општествена сакралност и бласфемичност. Сите ликови на оваа пиеса се на некој начин и фантазмагорични и секој од нив во одреден момент од пиесата го гледаат ангелот кој се појавува над нив, како спасение или како проклетство. Овие две прашања на подобност и религиска релевантност се координатите на оваа фантазија која во своите фундаменти ја носи токму љубовта и нејзиниот облик.

Триесет години по објавувањето на двата дела од „Ангели во Америка“, пиеса која е овенчана со големи награди, меѓу кои и Пулицеровата, во светот започнува Парадата на гордоста, како и ЛГБТ територијата која на многу места е означувата како маргинализирана заедница. Но, што е од особена важност кога оваа пиеса ќе замине на сцената, кога ќе се отелотвори и кога од неа ќе произлезат пораките кон публиката, кон луѓето, кон граѓаните, кон припадниците на политичките субјекти, кон социјалните политики? Гледајќи ја претставата на Мини театарот имате впечаток дека во јадрото на оваа многузначна пиеса е токму заедничкиот простор на кој Кушнер не се осврнува, но тоа, од режисерка гледна точка е театарски и филозофски многу релевантно. Сите ликови и сиитуации се метаболизираат на една територија и гледајќи ги заедно имате можност да компарирате, да негирате, да се согласувате, а и да се соживувате. Оваа полухипиевска констелација на Буљан има за цел да ги реконтекстуалириза сите линии на драматургијата на текстот и од нив да направи една, сложена, контроверзна (затоа што во дваесет и првиот век слободата станува контроверза), недостижна и многу посакувана екумена во која и Рој Кон и Џо Пит; Луис и Прајор, Белизе и Хана Пит, мајката на Џо ќе си ги вмрежат траумите и ќе го најават она што сега, во новиот дваесет и први век го чувствуваме како социјален галиматијас, се чини најмногу заради нашата лична и колективна хипокризија. Кажавме дека пиесата на Кушнер е комплексна, но таа е во многу наврати и метафорична, па токму таа метафоричност е на некој начин координатата на режисеркиот концепт на Ивица Буљан кој камерниот сегмент на оваа претстава го раширува во публиката, па и надвор од зградата на театарот за да ја потенцира токму погоре споменатата амбивалентност на текстот и на ликовите кои остануваат како парадигми во новиот свет на интерпретација на љубовта, но и на лажниот општествен и политички реалитет.

Она што импонира и одушевува во оваа претстава покрај режисерското видување е актерската игра. Осумте актери и актерки со својот сензибилитет градат извонредни ликови чија живост е на некој начин антипод на метафората која со себе ја носи визуелноста и концепцијата на целата петчасовна претстава. Роберт Валтл ликот на Рој Кон го гради скоро натуралистички, со вистинска емоција, со вистинско соживување, со вистински став, со прецизна актерска изразност, со енергија која едноставно го изнедрува овој исклучително ригиден лик од Американската понова историја. Неговите скриени трауми и страсти, соништата и намислените стравови кои заедно со сидата стануваат неизлечива фантазмагорија се неговиот духовен затвор кој Роберт Валтл го одигрува посветено до крај, до секој негов здив, градејќи улога која се чини дека ќе остане запаметена во Словенечкиот театарски простор. Секако, како лик кој најмногу страда и најмногу се прекршува во својата основа е оној на Џо Пит кој младиот Тимон Штурбеј го натопува со емоции создавајќи млад и наивен човек кој тргнал по патот на својата кариера, но неговата латентност му ги отвора амбисите на недореченоста и неодлучноста. Овој малд и талентиран актер го донесува овој лик со сите негови детали, цврсто и јасно, со целиот негов раскошен талент кој восхитува. Нина Виолиќ, големата дама на Хрватскиот театар која Хана Пит, мајката на Џо ја одигрува со голема доза на пуританизам, за подоцна да ѝ ја прсиспита целата нејзина сексуалност. Ова е уште една фантастична улога во театрографијата на оваа голема актерска дива, уште еден незаборавен лик кој овојпат беше обложен со густите дилеми на амерканска мајка која сестрано ги крие своите внатрешни демони.

Она што е многу различно од досегашните инсценации на „Ангели во Америка“, па ако сакаме и во телевизиската верзија е ликот на Белизе, имагинарен лик кој за време на претставата не е само халуцинација на Харпер Пит, туку и на сите други ликови. Петја Лабович од овој лик прави една многу остра травестија која му дава еден поинаков шмек на целата претстава. Имено, овој Белизе не е комплекс од различни сегменти на Американската држава како што тоа беше во телевизиската интерпретација на Мајк Николс, ниту е само гола имагинација како што беше во концептот на Мариен Елиот, туку е сè она што е травестијата денес, сè она што носи поетиката на Drag Queen, но и сè она што значи опскурна варијанта на flowers powers митовите. Петја Лабович создавајќи го овој лик, создава повеќе кроки ликови, динамично распоредени во еден комплекс чија органика е совршено добро стокмена. Неговата изведба импонира токму со импресивната динамика на различноста која повремено е контрастна, а повремено симултана. Одличен лик кој, би рекол дека во својата основа ја носи пораката за разминувањето на односите во заедницата, декади по драмскиот текст на Кушнер. Секако дека не можеме а да не го спомнеме двоецот Луис и Прајор во одличните интерпретации на Домен Валич и Нејц Цијан Гарлати, едниот длабоко рационален, а другиот погоден од сидата со голема емоционална гама, актерски партии кои на некој начин се столбовите и на Кушнеротвата драматургија, но и на концептот на Буљан. Со голема елоквентност овие двајца актери создаваат два антиподи кои или го рушат овој свет, или се обидуваат да го спасат. Во нивните соврешно точни интерпретации лежи дилемата на целата пиеса и егзактноста на нивниот израз е на некој начин лакмусот на целата претстава. Онаа која скита низ лавиринтите на недоразбирањето и која се обидува да се потпре на логиката на своите желби и потреби е сопругата на Џо Пит, Харпер која во одличната изведба на Саша Павлин Стошиќ е лик на изневерена и неисполнета жена, која на некој начин се обидува да стане жена во вистинска смисла на зборот, млада и сексуално реализирана.

„Ангели во Америка“ е пиеса на контраверзи и метафори, пиеса која има митолошка позадина и на некој древен начин е блиска и со нас, но и со минатото на човековата цивилизација кое ги префрла своите еха во иднината, а која пак, од друга страна не можеме да ја предвидиме колку и да сакаме тоа да го направиме со технолошкиот развој. Визуелниот аспект на претставата е во реквизитите и камерната назнака направени од американската симболика и меморабилија убаво подредени и вклопени во сценографијата на Александар Дениќ, но и во костимографијата на Ана Савиќ Гецан која се движи од фундаментално реалистична, до фантазмагорично контраверзна, колоритна и доста импактна. Кога сме веќе кај влијателноста, ќе ја споменеме и прилично јарката музичка илустрација на Митја Врховник Смрекар.

Се чини дека Тони Кушнер ја напишал „Ангели во Америка“ во вистинското време. Во оваа пиеса тој ја сублимирал целата Американска траума и нејзиното прелевање во другиот дел од светот. Стравот од апокалипсата е почетна иницијација на пречистувањето на човековото духовно тело од предрасудите. Кушнер, но и Буљан зборуваат за предрасудите на еден многу пластичен јазик не заборавајќи дека суптилноста е она што ќе го смири гневот на оној кој својата хипокризија ќе ја стави пред љубовта и слободата. Ангелите во делото на Кушнер и во концептот на Буљан се врата кон еден нов свет кој исто така ќе треба време за да се опипа, да се согледа, да се восприеми и да се отфрли, зашто вчера отфрлениот живот, денес е најприфатлив. За тоа Кушнер зборува и во своите други пиеси.