Враќањето на канселираните

06.08.2024 10:36
Враќањето на канселираните

На комичарот Луис Ц.К. му беа потребни само девет месеци да се врати на сцената, откако голем број жени сведочеа дека сексуално ги вознемирувал, а сега ги полни театрите и нижи награди. Неговиот случај не е исклучок - од порно индустријата до високата мода, ви пренесуваме седум скици за приказната во која станува збор за тоа како културата на канселирање функционира во реалноста.

Документарниот филм на Њујорк Тајмс насловен „Sorry / Not Sorry“ сѐ уште не може да се види во нашиве простори, барем не легално, но позападно од нас, предизвика лавина реакции. На крајот на 2017 година, новинарите на „Њујорк Тајмс“ ја разоткрија јавната тајна на Луис Ц.К., ѕвезда на серијата „Луи“ и еден од најпопуларните светски стенд-ап комичари: човекот имал навика да мастурбира пред жени, без нивна согласност.

Речиси седум години подоцна, филмот го резимира случајот со архивски снимки, интервјуа со жртвите и соработниците на комичарот, но без учество на самиот Луис, кој не одговорил на повикот на новинарите. Убедливо најинтересен е последниот дел од приказната. Таму станува зборува за тоа колку лесно и колку брзо обесчестената суперѕвезда се враќа во бизнисот, пред распродадените места во театрите и во новите филмски проекти.

И додека на другата страна од досегот на платформата Apple TV, на која се прикажува филмот, ги бележиме првите случаи на т.н. култура на канселирање во регионот, можеби не е на одмет да се провери како будниот терор на културата на канселирање изгледа во пракса таму, во понапредниот Запад.

Ќе ги заобиколиме оние кои, како Харви Вајнштајн, Р. Кели или Дени Мастерсон (ѕвездата од „Лудите седумдесетти“), завршија во затвор, бидејќи не се канселирани уметници, туку докажани криминалци. Ги заобиколуваме и оние кои, како Вуди Ален, Мајкл Џексон, Бил Козби, Џони Деп или Кевин Спејси, беа ослободени на суд, иако пред конечните пресуди видовме доволно докази за нивното - најблаго речено - проблематично однесување. Следуваат седум скици за приказната за тоа како озлогласената култура на канселирање функционира во реалноста. Предупредување за спојлер: не функционира.

Мел Гибсон

Почнуваме од древно време, многу порано од вандалскиот поход на движењето #MeToo. Запрашан во раните деведесетти да го даде своето мислење за геј заедницата за шпанскиот El País, мегапопуларниот Луди Макс Рокатански a.k.a. Мартин Ригс од „Смртоносно оружје“ објаснува: „Тие го примаат во задник!“ Посочувајќи со прст на сопствениот примерок, тој додава за секој случај: „Ова служи само за голема нужда!“

Петнаесет години подоцна, откако полицијата го застанала поради возење во пијана состојба, тој треснува нешто непромислено на сметка на „е*ените Евреи“ кои се „виновни за сите војни“. На тогашната девојка Оксана Григориева тој ѝ вреска по телефон дека самата ќе биде крива ако ја „силува глутница црнци“, а потоа добива забрана за приоѓање за неа и нивната ќерка поради физички напад.

Конечно, кон средината на 2000-те , Холивуд го става на тенок лед поради неговите постојани испади - добро, не баш на лед, но да речеме на поледица - за да направи големо враќање во 2016 година со режирање на филмот „Гребени на спасените“, кој освои два Оскари. Една година после тоа, ќе започне ерата на #MeToo, а враќањето на Гибсон станува нешто како форшпан на реалната практика на т.н. култура на откажување. Годинава го гледаме во „Boneyard“, го режираше „Flight Risk“, а следната година ќе го гледаме неговиот филм, што е сосема пригодно, за Христовото воскресение.

Џејмс Дин

Не се работи за грешка во типкање, Џејмс Дин е уметничкото име на Брајан Метју Севиља, еден од најпознатите порно актери во последните 15 години. Неговата поранешна приватна и актерска партнерка Стоја, во 2015 година на Твитер го обвинува за силување. Девет жени се придружуваат на обвиненијата, вклучувајќи и уште една поранешна девојка, Џоана Ангел.

Дин негира сè, но голем дел од индустријата не му верува: неколку продукциски компании ја прекинуваат соработката, списанието The Frisky ја укинува неговата колумна. Тој никогаш повеќе нема да добие некоја од порно наградите што ги добиваше за своите улоги, речиси секоја година. Сепак, Севиља без прекин продолжува да снима филмови до ден денес.

Две години пред движењето #MeToo, интервенцијата на Стоја нѐ потсети на фактите кои би требало да бидат очигледни: дури и ако некој е во љубовна врска, дури и ако е порно актерка, дури и ако снима филмови со својот партнер, дури и ако често снима сцени со груб секс, дури и ако игра сексуално покорни улоги, не секогаш значи не.

Ако некој очекуваше дека случајот од порно индустријата ќе предизвика некои пошироки промени, таа личност сè уште има превисоки очекувања од светот во кој живееме. Сепак моравме да ја дочекаме 2017 година, обвинувањата против Вајнштајн и оној познат твит на мејнстрим актерката Алиса Милано, што нè води до главниот анти-херој на документарецот на „Њујорк Тајмс“.

Луис Ц.К.

Во порозната јавна меморија тој е запаметен како изведувач кој, меѓу ретките, доста кохерентно реагираше на обвинувањата за сексуално вознемирување - веднаш признаваше сè, не бараше изговори во алкохолот или дрогата, завршувајќи го своето јавно писмо со пораката дека „тој сега ќе се повлече и долго ќе слуша што другите имаат да кажат“. Но, Луис Ц.К. во реалноста постапуваше значително поинаку.

Како што потсетува филмот „Sorry / Not Sorry“, тој првично ги негираше обвинувањата, но и гласините што кружеа години претходно. Тоа „повлекување и долго слушање“ траеше едвај девет месеци, колку што му требаше повторно да се врати на сцената. Тој го префрли целиот свој бизнис на сопствената веб-страница и може да се каже дека навистина му оди добро: за снимката на настапот „Со почит Луис Ц.К.“, во кој одеднаш ја менува приказната, зборува дека жените всушност се согласиле да го гледаат, се опишува себеси како жртва чија сексуална тајна сега сите ја знаат и во неколку наврати лежерно се шегува. Во 2022 година добива „Греми“ награда.

Токму така како што и последниот пат пред да започне скандалот во 2015 година ја доби наградата за албумот „Live At Madison Square Garden“ кој завршува со шега за тоа како сексизмот, за разлика од расизмот, никогаш нема да исчезне затоа што, едноставно е испреплетен со страста и љубовта.

Џејмс Франко

Во реално време, следиме како по стапките на Луис напредува уште едно популарно име. За позаборавните: ѕвездата на холивудските блокбастери, но и на уметнички поамбициозните филмови и серии, беше повикан поради сексуално вознемирување - меѓу другото - од голем број студентки на неговата приватна актерска школа. Франко негираше сѐ.

Затоа, во 2019 година две поранешни студентки го тужеа: случајот завршува со вонсудска спогодба, двете страни останаа на своите верзии, а актерот плати над два милиони долари за правосудна суспензија на скандалот. Во меѓувреме тој исчезна од екраните, а некои поранешни соработници како Сет Роген изјавија дека повеќе не планираат да снимаат со него.

Но, фановите не треба да се грижат: моментално има дури пет филмови во различни фази на продукција и постпродукција во кои глуми Франко, има уште два што тој ги режира и очигледно сѐ е подготвено за големото враќање.

Блејк Џенер

Се враќа и ѕвездата на некогаш популарната серија „Glee“ и комедијата на Ричард Линклејтер „Everybody Wants Some!!“. Го изгубивме во 2019 година, откако неговата поранешна сопруга, колешката од „Glee“ Мелиса Беноист, го обвини за постојано физичко малтретирање за време на нивниот брак. Во една прилика ѝ го фрлил телефонот и тешко ѝ го повредил окото, а покрај тоа ѝ удирал шлаканици, ја тепал, ја фрлал на ѕидови, ја давел...

Џенер, заобиколувајќи ги деталите, го призна насилството, инсистирајќи на тоа дека е взаемно: патем, тој е, барем така велат фан страниците, околу 15 сантиметри повисок и околу 20 килограми потежок од неа. Повторно е со нас од 2022 година во акциониот филм „Рајски град“, наскоро ќе го видите во некои други наслови, а ако сте трпеливи, за дваесеттина години ќе биде во Merrily We Roll Along, филм кој Линклејтер го снима од година на година, следејќи го стареењето на актерите во реално време, како што тоа го правеше во познатиот „Boyhood“.

Ако „Merrily...“ за две децении не го достигне нивото на својот претходник, барем повеќегодишниот ангажман на Џенер овојпат е загарантиран.

Крис Браун

Стриктно гледано, веројатно најпопуларниот R&B пејач на денешницата не можеме да го класифицираме меѓу оние кои се вратиле бидејќи никогаш не отишол никаде. Фактите се горе-долу познати: тој во 2009 година ја претепа својата тогашна партнерка Ријана и ѝ нанесе повреди поради кои таа заврши во болница.

Тогаш тој добива забрана за приоѓање, посетува задолжителни советувања и пет години условна казна, ветува дека ќе се подобри, па осум години подоцна ѝ се заканува на новата партнерка Каруече Тран. Бидејќи овој пат не премина од зборови на тело, се извлекува со нова забрана за приоѓање. И цело време тој нижи хитови, објавува албуми, прави милиони...

Александар Ванг

После Холивуд, порно индустријата, R&B и стенд ап комедијата, конечно да провериме колку е ефикасна културата на канселирање во светот на високата мода. Александар Ванг е поранешен дизајнерски вундеркинд, поранешен креативен директор на ексклузивната Belanciagе, но и автор на колекција за H&M и линијата на кондомите Тројан, како и чест гостин на дивите њујоршки забави.

Покрај тоа, познато е дека од 2020 година е склон кон сексуално вознемирување модели, главно мажи. Тој првично ги негираше прозивките и се закануваше со тужби, но кога се јавија повеќе жртви со необично слични приказни, тој објави извинување на Инстаграм и, сигурно погодувате, продолжи со кариерата како ништо да не се случило.

И тоа би било тоа: сетете се на него и неговите колеги следниот пат кога ќе слушнете дека сме изложени на теророт на вокерите и дека со целата таа култура на канселирање сепак се оди предалеку.

Превод: Елена Митреска

Извор: https://www.portalnovosti.com 

Слични содржини

Општество / Свет / Култура
Свет / Култура / Уметност / Теорија
Свет / Култура / Уметност / Теорија
Активизам / Свет / Култура / Уметност
Свет / Култура / Уметност / Теорија
Свет / Живот / Култура
Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото