Лотосот и лотофагот

07.08.2024 01:37
Лотосот и лотофагот

Во политички ретко разумен пресврт на настаните, претседателот Бајден се повлече и претседателската трка ѝ ја препушти на потпретседателката Камала Харис. Одлуката сосема го поништи ефектот на атентатот врз Трамп: сега се натпреваруваат расата (поим кој постои само условно, за да го објасни расизмот), сојот и институционално потврдената праведност (Камала беше државна обвинителка), значи природните жртви и изворите на симпатија на една страна и дозволеното злосторство, расизмот, сексизмот и простаклукот на другата. Во своето уверување дека ќе победи Камала сметам на конечниот бес на Американките пред толкавата количина сексизам и мизогинија: тоа е единственото што Трамп може да го искористи против неа, а почна со сета сила - уште полошо, со него во плукањето се натпреварува неговиот главен помагач/превртливец Венс, кој е млад, убав и бесконечно одвратен. Двоглав патријархат во најлош облик... Мора да функционира!

Тоа секако не значи дека ја одобрувам американската надворешна милитаристичка и империјална политика и не верувам дека Камала трајно би ја променила. Но кога за време на говорот на „Наци-њаху“ (еден од транспарентите на демонстрантите) пред Капитол ќе се појават повеќе илјади Евреи, од бунтовни студенти до најрадикалните стари рабини од разни теолошки школи и бара да се прекине геноцидот во Газа, Камала нема да може да остане глува - тоа се нејзините, другите... Неспоредливо поконзервативната Хилари Клинтон бројно го победи Трамп, но победата ѝ ја одзеде комисијата која е лесно да се поткупи. Тоа може да ѝ се случи и на Камала, но истиот трик ретко успева двапати. Накратко, се кладам на Камала. Најпосле, кампањата ја започна со убиствената изјава дека во својата судска кариера запознала многу типови како Трамп, моментално обвинет или веќе во судски процес заради прикривање даноци, корупција, поткуп, измама, обиди за државен удар, злоупотреба на проститутки, обиди за силување... За жал, блудот веќе не се смета, барем не кај машкиот сој: на Камала веднаш ѝ припишаа дека имала (замисли) љубовен живот!

Мојата главна тема се митовите, како се создаваат и како функционираат - значи и перформанс на она што го нарекувам митургија: функционирањето и дејствувањето на митот. Во случајов, основата се нуди во името (можеби) на идната претседателка. Нејзиното име означува Лотос, цвет кој во старата индиска митологија е поврзан со убавината, чистотата и изобилството, накратко со божицата Лакшми. Убаво име, несомнено. На другата страна е нешто што би можело да се поврзе со лотосот. Во хомеровата Одисеја, во деветтото пеење, Одисеј и другарите на лаѓата северниот ветар ги фрла од најдолгиот прст на Пелопонез до непознат остров, на кој живеат необични жители, инаку мирољубиви, на кои понекогаш им се случува да јадат лотос. Од растението стануваат сосема летаргични, паѓаат во некој вид наркоза, не ги интересира ништо - освен понатамошното уживање во лотосот. Инаку, Одисеј имал многу искуства со дрога и магија, хипноза и други облици на доброволно или недоброволно менување на човечката природа. Лотосираните другари на сила ги однел на лаѓата полека да се освестат. Античките автори островот го идентификувале различно, некои како денешна Џерба, место за опуштање и уживање. Херодот споменува дека Египќаните од лотосот правеле опоен пијалак, а тоа го потврдиле египтолозите.

Каква врска би можело да има тоа со Трамп? Дали неговото однесување не е потполна спротивност на летаргијата на лотофазите односно лотојадачите? Постојат и други толкувања за лотојадачите: Вилијам Сомерсет Мом, во приказната со исто име (Lotus-Eater) ja раскажува судбината на човекот кој одлучил во најдобрите помлади години да оди да живее на Капри и да ужива од својата рента. Некаде во најдобрите постари години рентата секнала, а тој се задолжува на островот и најпосле одлучува да се убие. Самоубиството не успева и тој со оштетена свест деновите ги поминува хранејќи ги животните на фармата на некој селанец кој се сожалил на него. Најпосле, го наоѓаат мртов на местото каде погледот од Капри е најубав... Врската помеѓу сите тие навидум неповрзани нарации може да се најде во психологијата; тоа секако го правам како аматер, но митовите не обрнуваат многу внимание на научните дисциплини. Без никаква врска со лотосите, играчите на голф често се жртви на АЛС (амиотрофична латерална склероза), порано познато како Лу Геригова болест, заради пестицидите и формалдехидот на кои се изложени - претежно машките играчи. Другите можности повеќе се поврзани со летаргичните состојби, но и со голфот - да речеме мрзеливоста, со многу варијанти, од кои особено интересна е прокрастринацијата (латински „оставање на нештата за утре“). Фрустрациите кои настануваат од конфликтите на желбите, особено за задоволствата, и напнатоста што ја создава мрзеливоста, често се изразуваат како АДХД (Attention Deficit Hyperactivity Disorder), синдром кој најчесто го поврзуваме со хиперактивните деца, но може да се појави и кај старите. Мрзеливоста и оддавањето на задоволствата се карактеристични за богаташките деца кои бараат начини како да владеат над своите попаметни и поуспешни врсници и притоа користат сè што им е при рака, најчесто пари и моќ, при што наоѓаат нови задоволства во понижувањето на другите, сè до садизмот. Преминот од лотос-фазата во агресивност, остварен и заради лесниот пристап до дрогите и уверувањето дека летаргијата била само извор на победоносен ум и други способности е релативно лесен; дали Трамп не изјави дека неказнено би можел да убие човек среде бел ден на Петтата авенија? И дали во најтешките моменти за државата не одеше да игра голф?

Да потсетам, митот е спротивност на религијата, авторитетот и правилата: митот е лага, но не ја сокрива вистината и не ослепува; митот не може без верзии и секој може да измисли своја; смртта на митот настанува кога ќе се неметне една верзија.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Marian Kamensky

Извор: https://pescanik.net/