1020 hPa
93 %
2 °C
Скопје - Пет, 24.01.2025 06:59
Петтото издание на фестивалот на анимирани филмови „Flipbook” ќе се одржи од 8 до 11 август во Кинотеката на Македонија и ќе прикаже близу 100 филмови во главната, студентската, селекцијата на анимиран документарец, на анимирани музички видеа и европската панорама.
Првата половина на август веќе е редовен термин за одржување на фестивалот „Flipbook”, кој годинава бележи мал јубилеј, а од година во година сѐ повеќе го привлекува вниманието на љубителите на овој специфичен филмски жанр.
Во главната селекција на „Flipbook” ќе бидат прикажани наградуваните филмови од светските филмски фестивали од изминатата година, меѓу другите и филмот „27” на унгарската режисерка Флора Ана Буда, победник на минатогодишните филмски фестивали во Кан, Анеси, Клермон Феран, на „Санденс” и на Европските филмски награди, понатаму рускиот „Хармс” инспириран од творештвото на познатиот писател Данил Хармс, хрватските „Фустан за финале” и „Жарко, ќе го расипеш детето” на Мартина Мештровиќ, како и филмови од португалска, германска, британска, данска продукција.
Во студентската селекција ќе бидат прикажани филмови од најдобрите европски школи за анимиран филм, британскиот „Bunnyhood”, селектиран на годинашниот Кански фестивал, „Уште еден ден во Лисабон”, во кој како еден од режисерите се јавува македонскиот автор Диме Ѓорѓиевски, кој работеше заедно со Негар Мотевалимеиданшах и Марјам Калилзадебин, како и наградуваниот полски филм „Последниот човек на земјата”.
Во категоријата анимиран документарен филм ќе бидат прикажани седум наслови, меѓу кои и годинашниот победник на „Анимафест” во Загреб и на фестивалот во Анеси, „Персебес” на португалските авторки Александра Рамирез и Лаура Гончалвес, германскиот „Чекање”, прикажан на Берлинале итн. Во селекцијата на анимирани музички спотови ќе бидат прикажани вкупно петнаесет наслови, меѓу другите и „Онти” на наградуваниот српски автор Милош Томиќ.
Во рамки на фестивалот ќе бидат реализирани и неколку работилници за производство на анимиран филм и флип-бук, а ќе бидат промовирани и книгите „Predavanja o filmskom modernizmu” на историчарот на филм и професор на загрепскиот универзитет Никица Гилиќ, кој ќе биде дел од жирито, книгата „Michael Dudok de Wit: A life in Animation”, издание на „CRC Focus” од авторката Андријана Ружиќ, теоретичарка и историчарка на анимиран филм, дел од овогодинашното жири, двојазичниот роман „Евацид”, придружен со изложба на нашиот писател и визуелен уметник Никола Радуловиќ, минатогодишен добитник на наградата за најдобар анимиран спот и овогодишен член на жири, и книгата со карикатури на доајенот на македонската карикатура и анимација Тоде Ристо Блажевски, исто така придружена со изложба.
Во жирито годинава членови ќе бидат и селекторката и кураторка на ВР-програмата на фестивалот Анеси” во Франција, Гала Фрекон, филмскиот критичар Влатко Галевски и режисерката Ана Опачиќ.
Годинашното издание на фестивалот „Flipbook” е поддржано од организацијата „Еко свест”, која ќе додели награда за најдобар филм со еколошка тема, Кинотеката и Агенцијата за филм.