Туѓо тело (пет микро раскази)

07.08.2024 14:58
Туѓо тело (пет микро раскази)

Во пресрет на деветтото издание на книжевниот фестивал „Друга приказна“ (30.08. - 01.09.) распишан е конкурс за краток расказ и песна на тема „Туѓо тело“. Повеќе за конкурсот овде.

Во продолжение пренесуваме пет микро раскази, како поттик.

Манфред Рембел

Малцинство

Всушност, никој немаше ништо против нив. Беа луѓе како и сите други. Само малку поинакви. Јасно е, сепак, дека постојат разлики меѓу луѓето. Тие не можат да се превидат или порекнат, тие се во сржта на работите. Затоа и не може секој да ги бара истите права. Бидејќи битно е кој е кој. А тие беа помалку вредни. Всушност, тие не вредеа воопшто.

Заправо, самите си беа криви за сè. Отсекогаш се издвојуваа. Отсекогаш мислеа дека се подобри. Самите се направија неомилени. Беа дрски и не знаеја за граници. Веќе не знаеја што им припаѓа. Секогаш сакале премногу.

Што е многу, многу е. Беа некаков тип оптоварување, насекаде пречеа, секогаш некому на пат и ништо не можеше со нив да се направи. Никому од корист, беа одвишни.

Всушност, одамна се несимпатични. Одамна од нив сите се дистанцирани. Никој не сака да има работа со нив. Се знае дека лошо ќе завршат. Никогаш никој не им верувал. Заправо, одамна на сите им се трн во око. Отсекогаш сакале некој да им го покаже нивниот бог.

Всушност, отсекогаш сите сме против нив.

 


Давид Албахари

Недоверба

Нашиот град е недоверлив спрема странците. Ништо не им зборуваме, во ништо не ги попречуваме, единствено што некој секогаш внимава што прават тие, по кои улици минуваат, во кои ресторани јадат а во кои само пијат кафе и листаат весници. И, се разбира, насекаде децата недоверливо ѕурат во нив, ѕурат сè додека странците не почнат да се вртат, мислејќи дека сите тие деца ѕурат во нешто зад нивниот грб или, дури, надвор од овој свет. Но залудно се вртат, таму нема никого, а потоа, кога сфаќаат во кого ѕурат децата, стануваат и си заминуваат.

 

Жан Тардие

Злоупотреба на довербата

Јас живеам тука во една куќа што е во сите детали слична на мојата: распоредот на собите, мирисот на претсобјето, покуќнината, светлината ‒ искосена наутро, помека напладне, подмолна навечер ‒ сè е исто, дури и патеките и дрвјата во дворот, и старата порта наполу скршена, и калдрмата крај влезот.

Исто така, часовите и минутите на времето што минува прилегаат на часовите и минутите на мојот живот. Во миговите кога тие кружат околу мене си велам: „Колку тие имаат вистински изглед. Колку тие прилегаат на вистинските часови што јас ги живеам во овој момент!“

Што се однесува до мене, макар што сум исфрлил од куќата секаков вид површина што прави одрази, ако сепак неизбежното стакло на некој прозорец тврдоглаво ми го следи одразот, сосема добро гледам дека таму стои некој што ми прилега. Да, некој што многу ми прилега, се согласувам!

Но нека никој не ми тврди дека тоа сум јас! Тамам работа! Сè е лажно тука. Кога ќе ми ја вратат мојата куќа и мојот живот ‒ тогаш одново ќе го најдам своето вистинско лице.

Превод: Влада Урошевиќ

 

Лидија Дејвис

Двајца погребници

Еден погребник во Франција, превезувајќи по автопатот кон север некој покојник, застанува да руча во еден од рестораните крај патот. Таму среќава друг погребник, колега што го познава, кој исто така застанал да руча, и кој друго тело превезува на југ. Решаваат да седнат на иста маса и да ручаат заедно.

Сведок на средбата на двајцата професионалци е Ролан Барт. Неговата покојна мајка е онаа што ја возат на југ. Тој го посматра сето тоа седејќи на засебна маса, заедно со својата сестра. Неговата мајка, се разбира, лежи надвор во погребната кола.


Алексеј Ремизов

Под вода

Се крена бура на морето, а јас седев во чамец оти мојот сопатник е бестрашен веслач. Но кога стигнавме до длабоко место, веслачот ги собра веслата и, потсмешливо гледајќи ме во очи, се крена и ме фати за околувратникот, како мачка, и ме фрли во водата. Ги пролетав сите подводни слоеви – зелените, матните, црните, густо-црните, и повторно – матните, зелените... И пак се најдов во чамецот. Пловевме како ништо да не било, но дојдовме до една точка кога мојот веслач ги собра веслата и сè почна одново да се повторува. Се чини дека нема крај и нема одмор – зелените, матните, црните, густо-црните.

Слики: The Royal Art Lodge

Избор и превод: П. Вулкански

Слични содржини

Книжевност / Култура / Уметност
Општество / Книжевност
Општество / Активизам / Книжевност
Книжевност
Општество / Активизам / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото