1009 hPa
41 %
31 °C
Скопје - Пон, 09.09.2024 12:59
Денес е меѓународниот ден на мачките. Во таа чест објавуваме четири акварели од Елизабета Костова, од циклусот „Девојче и маче”, придружени со песната „Што сѐ е бело” од необјавената збирка песни за деца „Патувaње на Белото Маче”.
Што сѐ е бело
Белото Маче се замисли
сакаше и гатанки да измисли
што сѐ е бело
како неговoтo крзно и тело.
И направи голема листа
Но со една јасна мисла:
„Како мене бела нема иста
- прва сум на таа ранг листа”.
И пиша:
„Дечиња во бели туники, расцветани бели перуники.
Кокиче, бел слез и бела рада,
бели зајачиња, бела шампита и бела чоколада.
Бели лисици, бели мечки и бели волнени влечки.
Цели бели глувчиња
и пиленца со пердувчиња.
Бели лебеди и бели кози
и зумбули и бели рози,
Кокошка и бели јајца и бела Т мајца.
Снегулки, снег и снешко,
пеликан со голем мешко.
Сиренце во питулици и снегче во виулици.
Бели пачки во балет и плочки во тоалет.
Штрк без црно елече и бело перниче во креветче,
порцелански бокал со рачка и голема бела квачка.
Бели листови во тетратка,
бело лукче во салатка.
И облаче бело и јорганче меко,
кокосово, пресно и кисело млеко.
Но моето крзно е најбело и најмеко.
На списокот му нема крај,
Но јас сум бела нај, нај,
бела нај нај.”
И листата нарасна како тесто
бидејки не му беше секому таму место
порасна како слон,
натежна еден тон
и ќе пукнеше ко балон
ако Белото Маче не се замисли
и подлабоко размисли:
„На самобендисаноста ѝ нема крај,
може секој да е нај, нај.
И не е ич чесно
без натпревар да сум на прво место”.
Eлизабета Костова е родена 1953 година во Скопје. Основно и средно образование завршила во Скопје. Дипломирала на Филозофскиот Факултет во Љубљана, отсек психологија. Реализирала повеќе самостојни изложби во Дом на АРМ, Скопје (1989 и 1991 г.), Галерија на ДЛУМ, Скопје (2002 г.), во Домот на култура Иван Мазов – Климе, Кавадарци (2020 г.), како и во Галерија КО-РА, Скопје (2019, 2020 и 2023 г.) Учествувала и на повеќе групни изложби.