1008 hPa
38 %
31 °C
Скопје - Пон, 09.09.2024 14:59
Западните вредности ја вклучуваат априори неказнивоста на западните елити. Што е уште една причина зошто кон тие вредности денес можеме да ги придодадеме и (очигледните) воени злосторства, (многу веројатните) злосторства против човештвото, и (можниот) геноцид - барем додека судот тоа не го потврди или одбие. Исто така, не треба да се заборават и затворањето луѓе кои не биле обвинети или осудени за ништо, употребата на разни видови тортура, споредлива со средновековните мачења, државниот и парадржавен прогон на новинарите. Тука е и незаконското лишување од живот на луѓе на територии на други држави. Обама, на пример, не само што ја продолжи практиката на Буш на убиства со беспилотни летала на територијата на Авганистан, Пакистан, Сомалија, Јемен, Либија и на други места, често во режија и егзекуција на НАТО, туку и далеку го надмина својот претходник, што со живот го платија стотици невини цивили. Во само еден таков напад во Јемен загинаа над педесет луѓе, меѓу кои дваесет и едно дете (десет на возраст под 5 години), дванаесет жени, од кои пет беа бремени. Се разбира, не се само САД одговорни за ова. Се работи за вистински евроатлански вредности. Татковината на Урсула фон дер Лајен и нејзините зелени гласачи, Германија, каде Јосип Перковиќ отслужува доживотна казна затвор за вакви злосторства, активно учествуваше во нелегални воени интервенции, прекројување на границите во Европа и уништување на меѓународниот поредок кој сега наводно се брани во Украина и тоа, со зборовите на зелената министерка за надворешни работи, Анален Баербок, „до конечна победа“. А како навистина изгледа таквата „победа“ на неговите возвишени вредности, Западот - не само Израел! - ни демонстрира денес во Газа. Броевите одамна изгубиле секакво значење. Не е важно дали ќе бидат убиени илјада, десет илјади или педесет илјади деца. Победата на западните вредности нема цена. Се разбира, меѓу победниците нема да има ниту еден злосторник. Сè саде херои, над детски гробови... и по некоја зелена хероина. А кога ќе почне победничкото славење на евроатлантската сцена, ќе му аплаудира и нашиот Можемо!, од триесет и третиот ред десно. Хрватска секогаш била на победничката страна.
Денешниот глас за Зелените во Европскиот парламент е глас за војна. Не само на Блискиот Исток и Украина. Германски фрегати денес патролираат по Јужнокнеското море, испратени од германската влада со нејзините зелени министри. Зелениот воен ветеран Јошка Фишер, кој фрлаше камења врз полицијата во својата левичарска младост, денес се залага за нуклеарно вооружување на Европа. Некогаш партија на мирот, Зелените, низ неговиот лик ја рекапитулираа својата четириесетгодишна политичка онтогенеза како филогенеза на целата човечка цивилизација, од камената доба до атомската бомба - на задоволство на капиталот. Не е само Рио Тинто. Вредноста на акциите на Rheinmetall, најголемиот германски производител на оружје, е зголемена за 523 отсто од почетокот на војната во Украина. Има купувачи. Хрватска веќе го решава својот демографски проблем со набавка на нови борбени авиони, тенкови и топови. Ако Србија може да стигне до Токио, Хрватска може да стигне и до Тајван. Зашто таму, а не кај Бихаќ, денес се брани antemurale christianitatis, во војната на нашето западно добро против нивното Зло. Сабјата на Бан Јелачиќ е свртена уште еднаш, овојпат во правец на Москва, Техеран и Пекинг. Со мала помош од Можемо!
Да бидеме искрени, руското гомно, како, на крајот на краиштата, кинеското, иранското, гомното на Хамас, смрдат и со право ни се гадат. Но, западно евроатлантското мириса прекрасно и се сербира со сите пет Мишелинови ѕвездички. (...)
Дали е тоа фашизам? ... Антифашизам секако не е. Досега Зелените едногласно ги изгласаа во Европскиот парламент сите резолуции за таканаречената европска култура на сеќавањето, кои под поимот тоталитаризам ги обединуваат и изедначуваат историските искуства на фашизмот и комунизмот. Последната од нив, „За важноста на европското сеќавање за иднината на Европа“, од 19 септември 2019 година, го гледа „заедничкото европско наследство“ во „злосторствата извршени од комунистички, нацистички и други диктатури“ и предупредува дека „во јавните простори на некои држави-членки сè уште постојат споменици и меморијали (паркови, плоштади, улици) кои ги глорифицираат тоталитарните режими“. Резолуцијата, исто така, потсетува дека „неколку европски земји ја забраниле употребата и на нацистичките и на комунистичките симболи“. (...)
Слики: Тони Хамел
Извадок од подолг текст; оригиналниот текст: H-alter, 08.08.24.