Блескавоста како ослободување

09.08.24 14:35

Декоративниот сјај или светките имаат длабока врска со квир културата и идентитетот. Појавувајќи се во драг перформансите на почетокот на 20 век, блескавиот материјал брзо се поврза со квир културата, а денес често се користи во протести и активистички кругови кои се залагаат за правата на ЛГБТК+ заедницата.

Уметникот Моисес Салазар ја пренесува оваа историја и мексиканското наследство преку портрети изработени со мешани медиуми. Претставувајќи ги безличните фигури во сјај - избор што му овозможува на секој субјект да биде сурогат за квир латинкс* луѓето - Салазар прикажува сцени на радост, самодоверба и пркос преку фигури кои се нежни, но решителни.

Портретите често имаат автобиографски наклон, кој произлегува од врската на уметникот со квир заедницата во Чикаго за која се карактеристични приказите на сопственото тело.

Потпирајќи се на занаетчиските традиции, бујната комбинација од вештачко крзно, светки и акрилна боја, втисната во рамките од хеклано предиво се надоврзува на гламурозната природа на овие дела, надополнувајќи се со инсистирањето на Салазар дека субјектите се почитуваат и слават. Во интервју за проектот „Латинкс” и за изборот на материјал уметникот вели:

„Сакам да се чувствувам гламурозно и мислам дека тоа е нешто универзално. Без разлика на полот, возраста и сексуалното изразување, сите сакаме да се чувствуваме најдобро што можеме, и токму тоа се обидувам да го изразам во мојата работа. Од деца сме учени да не се истакнуваме или да не привлекуваме внимание кон себе, но мислам дека треба да го правиме спротивното. Затоа ставам акцент на создавање тактилно искуство. Сакам моите дела да се истакнуваат и користам разновидни елементи за да го направам тоа. Јас сум тип на личност која кога би била запрашана: „Зарем не мислиш дека е премногу? ”, би одговорил на тој начин што би додал уште дваесет нови работи”.

 

 

*Латинкс (англ. latinx) е неологизам кој се однесува на луѓето со латиноамерикански културен или етнички идентитет во Соединетите Држави. Родово неутралната (-икс) наставка го заменува завршетокот (-o/-a) на латино и латина, кои се типични за граматичкиот род на шпанскиот јазик.

Извор:https://www.thisiscolossal.com

ОкоБоли главаВицФото