Мозаично камче во Маргина

12.08.2024 02:15
Мозаично камче во Маргина

Преку сите елементи на самосвест, иако сурфајќи по маргините на културата после три децении идеолошка конзистентност и ширење децентралистички бранови за малку повисоко од вообичаеното себевреднување и културна надградба, Маргина денес е круцијален дел на културното наследство на македонското општество.

Ех времиња! Кој би рекол дека поминале 30 години! Како вчера да беше... Случајно или не, бев сведок на почетоците на Маргина, како другарка на Коља. Од денешна перспектива и после толку реализирани броеви и отпечатени тони хартија, со сигурност знам дека тоа била мисијата на Коља: и покрај сите тешкотии и неизвесности, со децении да го турка списанието коешто спојуваше светови. Одредуваше правци и даваше насоки, пред сѐ културолошки, оти во списанието не се пишуваше само за книжевност туку и за музика, уметност, фотографија, вештачка интелигенција, наука итн. За сѐ што опфаќа животот. Делувајќи од маргините на општеството, Маргина всушност стана центар за себе и по себе, станувајќи ТОЧКА околу која гравитираше речиси сета алтернативна културна сцена во тоа време (па и до ден денешен).

Се разбира, на почетокот не беше сосема така, но уште тогаш се насетуваше дека маргина-лците трасираат „пат по кој поретко се оди“ во културолошка и евентуално просветителска... смисла. Имено, содржински гледано, најпрво темите, па авторите и делата што се објавуваа и преведуваа во списанието си создадоа верна публика на која ѝ биле блиски и потребни токму тие содржини.

Ја имав таа чест да учествувам во креирањето на ликовното решение за насловната страна на двобројот излезен во август 1995 г. (сликата најгоре; заб ур.), како и да бидам преведувач на неколку интересни текстови. Ми останале во сеќавање есеите на Дубравка Угрешиќ и Жак Дерида. Го чувам бројот во кој беа објавени неколку мои раскази и песни, кога на радоста ѝ немаше крај.

Маргина не беше алтернатива за некои државни списанија во кои редовно објавувале „авторски“ текстови етаблираните книжевнички имиња од македонската писателска сцена. Во сферата за која се застапуваше Маргина беше царство за себе и им го овозможуваше комплетното чувство на креативно задоволство и уживање, како и сатисфакцијата поради интелектуалниот ангажман (читај: поврзаност со светот) на сите што на некој начин, покрај Коља, учествувале во конципирањето на списанието.

На граница на хероизам е да се успее во менаџирањето на сето тоа. Значи, не само авторските имиња што беа застапени во списанието, туку и начинот на кој сето тоа беше графички уредено, за што е заслужна „Кома“ (читај: Небојша Гелевски – Бане), а тоа е посебна приказна: станува збор за специфичен стил и вкус кој кореспондира со тековната европска,но и глобална поп-културна сцена. Списанието се трудеше концептуално да ги актуелизира тековните светски битни движења, духови, збиднувања, настани и од областа на литературата, уметноста, музиката, историјата на уметност па и политиката. Оти и политиката, ако се сфати во оригиналната смисла, е еден вид уметност, во најмала рака уметност на избегнување војна.

Генераторот на сето тоа беше Коља, кој, имајќи јасна и прецизна визија за тоа што сака, тоа и го реализираше. Се разбира, зад тоа стои истенчен естетски критериум и слух за високите уметнички достигнувања на локалната и глобална сцена. Резултатот се тие стотина броеви кои делумно се достапни и во дигитална верзија на порталот Окно кој претставува еден вид продолжение на Маргина.

Иако уште е рано за историја, Маргина без конкуренција ја пишуваше историјата на македонската културна сцена на начин човек да посака да биде вграден како мозаично камче во неа.

Слични содржини

Книжевност / Култура / Настан / Историја
Општество / Книжевност / Култура
Општество / Култура / Историја
Книжевност / Култура / Настан
Општество / Култура / Настан / Око
Општество / Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото