„Ноќна шума: неизвесни значења и патот низ непознатото” - изложба на Доротеј Нешовски

12.08.2024 09:52
Изложба на Доротеј Нешовски - „Ноќна шума: неизвесни значења и патот низ непознатото”

На 14 август (среда), со почеток во 20 часот, во Младинскиот културен центар ќе биде отворена самостојната изложба на Доротеј Нешовски насловена „Ноќна шума: неизвесни значења и патот низ непознатото”.

Мноштво шарени вертикали со различни висини образуваат јасни геометриски структури, но истовремено се и без форма. Некои изгледаат како бранови, некои како планини, некои образуваат форма на амфитеатар – сите заедно означуваат гужва, како фигури во толпа или дрва во шума. Сенките од овие форми изгледаат како непознати предели. Дали овие форми претставуваат вистински или замислени пејзажи? Помеѓу овие структури се наоѓаат и стаклени кутии полни со струготини од дрвени боици. Изгледаат како акумулации од неопределени остатоци од еден процес на физичко и метафоричко изострување. Врз кутиите се испишани нејасни, невозможни равенки – можеби како начин да се најде патот назад низ ноќната шума. Што всушност е шумата, ако не збир од неизвсни појави и прикази? Понатаму, низ стаклените кутии се забележуваат комплексни форми кои потсетуваат на фрагменти од кора од дрво. Овие форми висат низ просторот, поставени како истовремено да излегуваат од некоја замислена површина или да паѓаат од високо. Тука се и човечките силуети во различни положби на преобразба како фигури кои привремено го населуваат овој простор.

Својата најнова уметничка продукција, која Доротеј Нешовски ја насловува како „Ноќна шума“, е продолжување на неговите истражувачки методи долгорочно посветени на трансформативниот потенцијал на неколку едонставни формални елементи и материјали со кои работи во различни формати: дрвени боици, вертикали, сенки, транспарентни слоеви кои ја имаат главната улога и во оваа поставка. Во уметничката практиката на Доротеј тие се искористени не во нивната очигледна функција, туку како приказ на комплексни формални и метафорички структури – носители на неизвесни значења. Дрвените боици формираат микро-средини кои личат на градови или урбани објекти и формации; струготините кои произлегуваат како вишок отпаден материјал од процесот на острење на дрвените боици во овој случај нè тераат да се прашаме што (може) да се прави со акумулациите на преостанати форми и материјали. Како преку ова натрупување на значења би можеле да го формулираме сложениот однос помеѓу природните средини и човечките заедници?

Ребека Солнит [Rebecca Solnit] го споредува патот низ шумата со патот низ нашите сеќавања на минатото, заедно со предметите кои ги обележуваат овие сеќавања: „треба да можеме повторно да си го најдеме патот назад со помош на предметите што ги испуштивме по пат, како Ивица и Марица во шумата, предметите што нè враќаат назад во времето, ја поништуваат секоја загуба, патот назад од изгубените очила до изгубените играчки и млечните заби“. (Солнит, 2005: 174)

Шумата во бајките и фолклорот е неизвесно место; непознат простор исполнет со препреки, а заради тоа, таа означува и простор за иницијација или трансформација преку совладување на препреките. Шумата како наративно средство и самата преставува препрека: честопати да се стигне ненадејно во шума значи дека да се изгуби патот по кој сме тргнале. Но, заради ова, патот низ шумата претпоставува и евентуално враќање по истата линија до местото од каде што сме тргнале – овојпат променети. Патувањето низ шума во приказните честопати и некака мнемоничка алатка; метод за забележување и паметење на изминатиот пат, сè со цел истиот да може повторно да се најде во било кој момент на опасност.

Патувањето низ непознатите физички, ментални или метафорички предели ја вклучува опасноста (или можноста) ненадејно да се изгубиме. Оваа изгубеност може да биде ненамерна, но и свесна, а со тоа и трансформативна, искуствена и дидактичка. Слично како и во фолклорот, кај Данте шумата е почетокот, влезот, портата на едно неизбежно патување. „Да се изгуби патот низ град може да биде неинтересно и банално. Потребно е само незнаење—ништо повеќе“, вели филозофот-есеист од дваесеттиот век Валтер Бенјамин [Walter Benjamin]. „Но, да можете да се изгубите во град—како што можете да се изгубите во шума—тоа бара сосема поинакво знаење“.

Да се изгубите себеси: тоа сладострасно предавање, изгубени во прегратка, изгубени пред светот, целосно потопени во она што е присутно така што околината полека избледува.

Според зборовите на Бенјамин, да сте изгубени значи да бидете целосно присутни, а да бидете целосно присутни значи да бидете способни да бидете во неизвесност и мистерија.

(“...to be lost is to be fully present, and to be fully present is to be capable of being in uncertainty and mystery. And one does not get lost but loses oneself, with the implication that it is a conscious choice, a chosen surrender...”

― Rebecca Solnit, A Field Guide to Getting Lost)

И човек не се губи, туку се губи себеси, имплицирајќи дека тоа е свесен избор, избрано предавање, психичка состојба остварлива преку географијата“. (Солнит, 2005: 13)

Доротеј во својот работен и мисловен процес постојано го поставува прашањето: можеме ли да објасниме што ни се случува во уметноста? Јас тука би го додал и прашањето што како искуство ни се случува со и низ уметноста? И еден од можните одговори е оваа свесна одлука да се знаеме како да се изгубиме, за која зборува Бенјамин, а преку тоа и да бидеме подготвени да сме целосно присутни во непознати физички и метафорички предели со нејасни патеки; да бидеме љубопитни за непознатото, неизвесното и повеќезначното.

Токму уметноста како поле на комуникација и делување овозможува создавање заеднички простори каде што луѓето едни со други можат да учествуваат во колективна потрага по одговори на овие прашања.

Во оваа смисла, уметничките практики на Доротеј, а со тоа и делата од „Ноќна шума“, преместуваат различни формални квалитети од една во друга состојба, не само како можен начин да се открие непознатото, туку и како предлог да се соочиме со нашето непознавање на непознатото, а со тоа, можеби, и да се вратиме по истата линија до местото од каде што сме тргнале, но, овојпат променети.

Куратор на изложбата и автор на текстот е визуеленниот уметник Дарко Алексовски.

Референци:

Солнит, Ребека (2005). A Field Guide to Getting Lost. Њујорк: Вајкинг.

Проектот е финансиран од Prince Claus Fund Seed Award.

Доротеј Нешовски (1989, Скопје) е интердисциплинарен уметник кој се занимава со концептите за креативна спонтаност, ликовнa артикулација, социјална инклузија, педагогија и апстрахирање на релацијата галерија-публика-уметник чии интереси вклучуваат партиципативни активности, методологии на мапирањe и резонантност, вониституционално делување, истражувачки практики и детска едукација. Од 2012 година тој е еден од основачите и член на уметничката група

„ЅЕЕ“ со која има реализирано повеќе проекти. Нешовски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсекот за вајарство со под насока сценографија (2012 г.). Неговата книга „Уметноста не е тоа што сакате“, издание на Priaveteprint од Скопје, излезе од печат во 2017. Живее и работи во Скопје. Од 2015 Активно организира и конципира детски работилници во Детски Креативен Центар при МКЦ.