Вистинската порака на театарот

12.08.2024 12:08
Вистинската порака на театарот

(Кон 41. издание на Меѓународен театарски фестивал во Алмада, Португалија, 4-18 јули, 2024 година).

Некаде на другата страна на реката Тагус, од Лисабон, преку мостот „25 април“ од каде што се гледа грандиозната статуа на Исус Христос којашто Португалците ја нарекуваат Cristo Rei, нешто малку помала од онаа над Рио де Жанеиро, се наоѓа градот Алмада, прекрасно гратче кое дише со благонаклоност и добродетел, град од каде што на десетина километри се наоѓа Атлантскиот брег, а на некои педесетина километри и фантазмагоричната „Уста на ѓаволот“, велелепна природна реткост.

Токму во ова гратче веќе четири децении се развива еден од најинтересните театарски фестивали кој во сите свои четири децении ги дочекал големите театарски дела на Лик Бонди, Питер Штајн, Оскарас Корпуновас, Петер Задек, Питер Брук, Роберт Вилсон, Бено Бесон, Роже Планшон, Роберт Лепаж, Томас Остермаер, Диклан Донелан и други значајни светски режисери и на својата публика (која патем е од сите страни на светот) му пренесол интересни и длабоко аналитични видувања на класичните и современите драмски текстови. Својата петта деценија, овој прекрасен театарски фестивал ја започнува повторно на почетокот на јули, со исто така интересн театарски репертоар кој вклучува не само големи театарски имиња, но и различни жанровски определби и различни стилови и начини на мислење.

Деветнаестте претстави, меѓу кои и претстава на градскиот театар „Јоаким Бените“ на Алмада зборуваат за сеопфатноста на театарскиот фестивал кој грижливо ги одбрал оние театарски настани кои го одбележале моментумот меѓу двата фестивали. Претставите кои доаѓаа од Шпанија, Португалија, Италија, Франција, Либан и Велика Британија зборуваат за траумите, социјалните страдања и за недоразбирањата на ововременските политички турбуленции, за непостојаноста на човековиот род, но и за транспонирањето на класичните јадра во денешно време, нивните пораки и симулакруми.

Она што остава неизбричлив впечаток се новите дела на големите магови на светскиот театар, а тоа се Роберт Вилсон, Питер Штајн, како и на Самуел Ашаш и наговата претстава во продукција на театарот „Буф ди Нор“ од Париз основан од големиот Питер Брук. „Релативна смиреност“ е претставата на Роберт Вилсон и Лусинда Чајлдс, еден вид навраќање на она што овој голем режисер и големата кореографка го правеле пред четириесет години и што било предвесник на апокалиптичното во човечката цивилизација, инспирација која овие двајца големи уметници ја добиле по стивнувањето на ововременската пандемија и при тоа преобликување со нова визуелизација, кореографска и актерска изразност, создадоа дело кое импонира со својата симболика, но и со танцувачката умешност, со далечните асоцијативности; дело базирано на музичките дела „Раст“ на Џон Гибсон, „Суитата на Пулчинела “ на Игор Стравински, „Светлина преку водата“ на Џон Адамс (музичко дело кое тој го пишувал посебно за Лусинда Чајлдс), како и на Дневникот на Нижински.

Сцена од претставата „Sans Tambour“ на театарот „Des bouffes du Nord“ на Питер Брук, Фото: Жан Луј Фернандез

Овој комплекс од апсурдистички интерпретации на дневникот на Нижински (во интерпретација на бугарскиот актер Александар Аспарухов) помешани со клаустрофобичната, но исклчително комплексна кореографија во трите дела од овој триптих, кореографија која се отвора како лепеза, а која потсетува на безизлезот на цивилизацијата, создаваат чувство на осаменост чија смиреност е затишје пред бура. Вилсон и Чајлдс предупредуваат дека човековото недоразбирање станува вирус за којшто нема лек и сето тоа на еден магичен и многу суптилен начин, отворајќи круцијални прашања. Оваа претстава е копродукција од неколку театри од Италија и Франција, а е продукција на Change Performing Arts oд Италија.

Она што одушеви токму на средината од фестивалот е претставата „Без тапан“ во продукција на театарот „Буф ди Нор“ од Париз во режија на Самуел Ашаш, актер, драматичар и режисер, дело кое тој би го нарекол музички театар, но е еден вид на хибрид на мучичкиот театар со оној реалистичниот кој полека се претвора во фарса. Имено, расколот во семејството музички одлично интерпретирано од пет музичари се претвора во вистинско рушење на куќата и во разделба која е болна и непростлива. Музиката и актерската игра во оваа претстава соврешно се вклопуваат и во драматургијата, но и во режисерката концепција која реализмот го подразбира само како алатка, а емоцијата и страста ја изразува преку музичките изрази. Оваа претстава покрај театарот „Буф ди Нор“, за свој копродуцент ја има и театарската трупа „Ла Сурде“. Тука би ја споменале и исклучително интересната кореодрама на Јозеф Наѓ „Полна месечина“ во продукција на Биро Плато од Париз, претстава која е посветена на африканските ритуали и архетипови, но е и дел од трилогијата која започнала со кореодрамата „Ома“ во 2021 година. Јозеф Наѓ, во својот добро препознатлив начин на промислување се занимава со гестот, со ритуалноста и со минимализмот во физичката експресија создавајќи дело кое е интересно и од аспект на истражување, но и од уметнички аспект. Овој театарски проект е копродукција на повеќе француски театри и центри.

Конечно, Питер Штајн повторно се враќа на овој голем фестивал со извонредната режија на трите едночинки на А.П. Чехов „Просидба“, „Мечка“ и „За штетноста на пушењето“ под заеднички наслов „Криза на нервите“, отворајќи го минималистичкото ткиво на овие многу популарни едночинки на Чехов. Во неговото видување реализмот е еден вид на суптилно навраќање кон гротеската во која добро познатите ликови на Ломов, Смирнов, Попова и Наталија Степановна звучат универзално, со целата своја ригидност и дисфункционалност. „Кризи на нервите“ е претстава која нѐ носи онаму каде што се крие инспирацијата на самиот Чехов, отркивајќи ги современите супстанци на неговите реплики и ликови. Претставата е во продукција на театарот „Тиефе“ од Милано, но и во копродукција со театарот „Бјондо“ од Палермо.

Мадалена Крипа и Алесандро Сампаоли во претставата „Crisi di nervi“, во режија на Питер Стајн. Фото: Томазо Ле Пера

Секако дека она што импресионира во ова издание на фестивалот во Алмада се и продукциите од Португалија, пред сè продукцијата на театарот „Јоаким Бените“ по драмскиот текст на Александар Зелдин, „Зад грижата“ во режија на уметничкиот директор на фестивалот Родриго Франциско, претстава која остави голем впечаток најмногу заради актерската игра и заради актуелноста на социјалниот аспект на вработените и нивните менаџери. Оваа камерна претстава е слика на една бруталност која е одлично опишана во драматиката на Зелдин, но уште подобро режирана од страна на Родруго Франциско.

Фестивалот во Алмада донесе и други интересни театарски проекти како што е дуодрамата на Оливие Пи „И сега, госпоѓицата Нож е во врска...“ во која тој се појавува и како режисер и како драматург, а и како актер, една чудна кабаретска изведба. Тука е и монодрамата на Ханане Хаџ Али „Џогирање“, како и монодрамата „Меѓу редови“, драмски текст и режија на сегашниот директор на Авињонскиот фестивал Тијаго Родригеш, во изведба на Тонан Квито, која ја анализира релацијата меѓу авторот и актерот, а и многу претстави базирани на современи и класични драмски текстови.

Овој фестивал е препознатлив по концептот на заедништво кое е од особено значење за театарот воошто, па претставите се одвиваат на три прекрасни сцени: онаа во училиштето Д. Антионио да Коста, во театарот „Јоакин Бените“, како и во велелепниот центар „Белем“ во Лисабон, а повремено и во центарот „Ромеу Кореа“ во Алмада. На маргините на фестивалот се случуваат восхитувачките музички настани кои ја разубавуваат секоја вечер по изведбите, а тука се и продуктивните разговори со уметниците на претставите меѓу кои најимпресивна беше средбата со Енда Волш, ирскиот драматичар, авторот на мјузиклот „Еднаш“, на култната дуодрама „Диско свињи“, како и на мјузиклот на Дејвид Боуви „Лазарус“.

Со еден збор, меѓународниот театарски фестивал во Алмада е средба со мигот на вистинскиот театар кој го опколува светот. Тој е слика на она што театарот сака да го каже сега и овде, порака која се провлекува низ сите концепти и согледби, предупредување, а можеби и порив за размислување што понатаму со нашиот универзум, зошто сме биле во нашето минато и каде одиме со нашата иднина. Издание кое нè наведува да го слушаме, да го читаме, да го гледаме и да го метаболизираме театарскиот момент.

Сцена од претставата „Релативна смиреност“ на Роберт Вилсон и Лусинда Чајлдс.Фото: Луси Јанш