1009 hPa
41 %
31 °C
Скопје - Пон, 09.09.2024 12:59
ЧИЧКО В.
Имаше еден човек со огромен стомак. Често го прашуваа кога ќе се породи. Имаше рани по целото тело, околу кои се собираа муви. Градите му беа поголеми од градите на просечна жена. Имаше само еден чорап, искинат, низ кој се пробиваа долгите жолти нокти, и нешто како гангрена на ногата. Имаше прилично добар и силен глас додека пееше во ниедно време. Имаше краток фитиљ, висок крвен притисок и дијабетес, опструктивна пулмонарна болест, изречена казна да се лекува до недоглед, досие подебело од Библијата, долгови, и два заба во вилицата. Имаше избледена, невешто направена тетоважа на раката. Имаше познавање за сè, ги знаеше тајните на масоните, еретиците и на оние кои ги нарекувше отпадници. Имаше терапија да седатира пола Валандово. Имаше и кревет. Ништо не му фалеше на Чичко В.
РИБАТА СМРДИ ОД ГЛАВАТА
Абе која депресија, јебала те депресија, мрза си ти, те мрзи од кревет да станеш, ебате тоа мрзата, ја на твои години светот ќе го превртев. Млад, здрав, прав, убав, паметен… Депресија. Оди копај у некоја нива, па ќе видиш депресија, несоница. Депресија, не можел да спие, ташаци. Сите бе вие... сè нешто депресии, нервози, ова-она... Абе маж ли си шо си, не знам кој ве научи на тие болести. Стани бе, стани, мрзo светска. Стапот за тебе, ќутек само. Ехх да ги имав твоите години... А ти си се обесил ко тиква преку плот. Ма каква депресија, какви бакрачи, за вас само војска. Депресија пфф... Вчерашно дете, депресија... Сè ти е тоа тебе до главата.
БОЛНИЧКИ РЕШЕТКИ
Олеснителна околност е да ги гледаш решетките однадвор.
Луѓе без гревови заробени зад решетки, болни души заробени во телото, или луѓе заробени во умот.
Како сакате наречете го, ама луѓето овде им завидуваат на слободните лисја на дрвјата надвор, што се нишаат од ветрот, повеќе од Луцифер што му завидел на Бога.
Слики: Atsushi Kaga