Веќе живееме во фашизам

13.08.2024 00:36
Веќе живееме во фашизам

На 13 јули, 20-годишниот помошник готвач Томас Метју Крукс се искачи на покривот на погонот и пукаше кон претседателскиот кандидат Доналд Трамп за време на неговиот предизборен претседателски собир во Батлер, Пенсилванија. Светот го обиколија фотографии од настанот и без потребната временска дистанца веќе изгледаат епохално, како нешто што ја дефинира ерата што доаѓа. Трамп, крварејќи од десното уво низ кое помина куршумот, пркосно ја крева раката во воздух додека тајната служба го изнесува од сцената. Во позадина се виори американското знаме, додека толпата извикува „USA! USA! USA!“

Медиумите, социјалните мрежи и секојдневната комуникација речиси инстантно станаа заситени од разните проекции за иднината: што значи овој настан за изборите, за победата на Трамп, за американското општество? Дали реакцијата на Трамп ќе се движи во правец на смирување на разгорената реторика која и придонесе за атмосферата во која овој чин ретроспективно ни се чини како речиси неизбежен, или само ќе го разгорува огнот на граѓанската војна што тлее? „Каде оди Америка?“ Американското општество пак балансира на работ на катастрофа; или како Вили Којотот сè уште продолжува да трча откако ќе го помине работ, додека во воздухот го држи само стравот помешан со незнаење и одбивање да погледне надолу и да види дека веќе одамна го нема тлото под нозете. Секако, прашање е само до кога може да потрае ваквата состојба и дали, како во случајот со Вили Којотот, е доволно Американците само објективно да ја погледнат својата ситуација и главечки да паднат во понорот?

Ако може да им се верува на американските но и на светските медиуми, разните стручњаци, историчарите и коментаторите, но и на доминантниот Цајтгајст, американското општество последниве години доживеа купишта пресвртни моменти, низа „точки“ по чие поминување ништо не требаше да биде како претходно; ни се чини дека секоја нова точка само ја поместува границата на „нормалниот“ политички дискурс во своето Друго, што и да е тоа.

Повеќето од овие моменти во политичкиот живот директно или индиректно се поврзуваат со републиканскиот претседателски кандидат и поранешен претседател Доналд Трамп: од бунтот (или државниот удар) на 6 јануари, разните судски процеси, протести и контрапротести, јавни настапи и изјави и експлозијата на насилство во Шарлотсвил во август 2017-та година, изгледаше дека Трамп со секој свој чин ја зголемува политичката улога, сè до оној што ја доведува во прашање самата американска демократија.

Ова е позицијата преку која сакаме да го промислиме сегашниот момент, со особен акцент на прашањето на фашизмот кое се враќа постојано. Прашањата поврзани со обидот за атентат постојано се формираат како прашања за иднината на американското општество, како во некаков обид за негирање и потиснување едно друго прашање: што е американското општество денес? Или, да го поставиме истото прашање на малку поинаков начин, дали се наоѓаме во опасност од фашизам или можеби веќе некое време живееме политики кои во своите цели, модели и афекти се фашистички?

Потребно е да се разликува желбата за фашизмот и реалните формации на фашизмот. Најлесен пример на желба за фашизам се книгите на Џордан Питерсон и проблемот со хаосот. Хаосот не е последица, резултат на нешто или состојба, хаосот е дел од личноста, дел од идентитетот: нешто што треба да се елиминира за да се воведе ред во психата, идентитетот, а можеби дури и општеството. Проблем е што фантазмата на фашизмот стана доминантна, додека реалните формации на фашизмот стануваат познати ретроактивно. Фашизмот има историја која го оневозможува неговото јасното дефинирање како политичка идеологија. Имаше помалку или повеќе успешни обиди за наведување на проблемите, ситуациите или одлуките кои според својата логика и смисла можат да се наречат фашистички. Во американската политика од 11-ти септември и рушењето на „близначките“ во Њујорк фашизмот (за кој администрацијата на Буш постојано беше обвинувана) полека се формираше околу идејата за одбраната, речиси романтичарска идеја за инвазија однадвор, наспроти традиционалниот фашизам кој првенствено се формираше како дискурс за внатрешниот непријател. Од сегашна перспектива разбирлива е дури и дозата меланхолија која можеме да ја чувствуваме присетувајќи се на времето на администрацијата на Буш и „Војната против теророт“ и меѓународните протести кои настанаа како реакција на инвазијата на Ирак. Сегашноста на американската политика целосно ја уништи разликата помеѓу внатрешното и надворешното, додека Војната против теророт беше еден од главните фактори во разбивањето на меѓународниот либерален поредок, чии последици сега ги чувствуваат и американските граѓани. „Муслиманската забрана“ на Трамп е само опачина на идејата која ја следи логиката на „одбраната“; Герт Вилдерс и Виктор Орбан претставуваат европска верзија на истите идеи. Со сите свои (ситни) разлики, ориентирани се кон истата група проблеми.

Потребно е да се нагласи дека настанот од 2001-та година и не е посебен во аналите на тероризмот. Европа и светот се соочуваа со тероризмот низ целата историја на 20-от век по Втората светска војна. Од антиколонијалните движења, до домашниот тероризам во Италија и Германија. Она што се промени е како државата реагира на опасноста. До 2001-та година војната против тероризмот беше локлализирана и прецизна активност, налик на бробата против организираниот криминал. Западните држави се обидуваа да го издвојат проблемот и да го санкционираат. Во осумдесеттите години се појави сосема нова политика околу решавањето на социјалните проблеми, првата беше во форма на борба против сиромаштијата, а втората беше борбата против дрогата. Америка и Велика Британија започнаа да дисперзираат политики на санкции, рестрикции и репресија. Одеднаш, борбата не беше против одредени личности, туку против одредени идеи и класи. По 11-ти септември и нападите на „близначките“ политиките на реакција на тероризмот се менуваат и така се менува и идејата за „непријателот“, која истовремено станува и поапстрактна и поконкретна. Овие политики одекнаа ширум светот каде денес преку миграциите во Европа размислуваме не кој може слободно да се движи во нашиот простор, туку кому не сакаме да дадеме пристап. Ова е желба за фашизам, ова е процес преку кој ние во Европа, Америка и Велика Британија ги промислуваме современите политички настани. Овој начин на размислување ни овозможува речиси неисцрпни извори на историски аналогии преку кои ја читаме денешницата.

Маринус ван дер Лубе е обвинет за подметнување пожар во Рајхстагот 1933-та година. Ова име и овој настан во популарната фантазија се поврзуваат со отворањето на вратата за Хитлер за освојување на апсолутната власт на крајот на Вајмарската република. Прашањето е дали постои можност за лекција од минатото? Дали Крукс и Ван дер Лубе имаат трансисториска врска и лекција за фашизмот? Одговорот е - и да и не. Фашизмот не е и не може да биде историски, фашизмот може и мора нужно да создава значења во историјата, фашизмот е реакционерен и ги проткајува сите координати на можните истории со политиките на сеќавањето кои се места на трауми, кои мораат да се ревитализираат, повратат, заземат и одбранат. Така и врската помеѓу овие две личности е фашистичка, таа претставува желба за пронаоѓање на клучот за разбирање на настаните. Така Ван дер Лубе за нас претставува почеток на нешто, отворање историска секвенца, во која Крукс е само епизода; исто како Андреас Брејвик во Норвешка, Брентон Харисон Тарант во Крајстчерч во Нов Зеланд или Стефан Балиет во Хале, Германија. Нивната желба е фашистичка, нивниот поглед на светот е мотивиран од желбата за ред и организација со помош на насилство; неорганизиран пробив на нихилизмот.

Секому е јасно дека не го проживуваме секојдневието на теророт на тоталитарните држави од 20-от век и напоменавме дека фашистичката организација е видлива ретроспективно. Треба да учиме од Делез и Гатари и да ги разликуваме тоталитаризмот и фашизмот, едното како организација на државата и општеството, а другото како организација на група артефакти и желби. Па така фашизмот можеме да го наречеме и желба за организација на нештата. Додека политичкото насилство некогаш било домен и место на моќта на Државата која го организирала и спроведувала, или чиј објект често била, сега тоа мигрираше во област на политички конфликт кој има вишок или апсолутен недостаток на политичко значење. Во светот на урнатините на неолиберализмот во кој меѓународните колективни општествени проекти стануваат сè потешко остварливи, фашизмот се враќа како нихилистички афект на уништувањето на секојдневното ниво на животот. Од друга страна, Светот, било да станува посложен или не, сигурно е поконфузен заради различните влијанија и нашата преокупација да ни стане иманентен, е простор преку кој фашистичката желба за редот и поредокот ја обликува нашата перцепција на светот и пред фашистичките политики да почнат да го обликуваат истиот тој свет; на тој начин фашизмот се покажува како специфична организација на афектите, како афективност на иднината, како афективност на 21-от век.

Проектирајќи во минатото, генерираме логика на дејствување која е неминовна, сè во име на учењето и мислата дека преку процесот на разбирање имаме можност да ги спречиме идните настани. Но, ова привидно дијалектичко минато не е ништо друго туку обид за поврзување на себеси со перципираната опасност, желба за одбрана, наместо сфаќање каде сме ние денес. Не треба да ни биде страв од фашизмот, ние веќе живееме во него.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Alexander Dubovsky

Извор: https://h-alter.org/

ОкоБоли главаВицФото