1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Утринава, на 85-годишна возраст почина Лазар Лечиќ, македонска и југословенска кошаркарска легенда, уникатна личност која што засегогаш ја задолжи кошарката на овие простори. Како тренер остави длабока и неизбришлива трага во кошарката на овие простори, особено во Македонија. Луциден, темпераментен и на многу начини уникатна личност, Лечиќ беше една од најомилените фигури во македонската и југословенската кошарка.
Пред пет години, во мај 2019 година во Скопје во негова чест дојдоа некои од најзвучните кошаркарски имиња во историајта на Југославија за да му одадат почит на Лечиќ во чест на неговиот осумдесетти роденден. Прославените кошаркарски имиња од поранешна Југославија на прес-конференцијата говореа за кариерата на легендарниот „Грк“.
Еве што е регистрирано од тој важен настан:
Словенецот Иво Данеу се присети на првата соработка со Лечиќ во Љубљана пред повеќе од четириесет години кога Лечиќ ја предводеше Олимпија.
„Секоја ноќ сакаше до два часот по полноќ да зборува за кошарка. По некое време му реков дека јас не можам секој ден толку доцна да останувам, а тој секогаш неуморно зборуваше за кошарката“.
Трофејниот хрватски тренер Мирко Новосел се наврати на далечната 1974 година кога се одржа Балканското првенство во Солун.
„Го повикав Лазо да биде мој помошник во репрезентација. Оттогаш трае нашето пријателство. Многу се радувам што по неколку децении се собираме на заеднички собир. Некои дури не можев да ги препознам. По долги години со задоволство повторно сум во Скопје“, рече тогаш Новосел.
Благоја Георгиевски Буштур, уште една македонска кошаркарска легенда, кој за жал почина во 2020 година и кој беше еден од иницијаторите за тогашната средба истакна дека самото доаѓање на великаните на кошарката од целиот Балкан, говори колку Лазар Лечиќ е почитуван насекаде каде што работел.
Претседателот на Олимпискиот комитет на Србија рече дека за Лечиќ не дошле само оние кои не се живи и тие кои не можат.
„Тоа говори за неговата величина. Имав можност да научам многу за кошарката од него. Тој со релативно слаби екипи им парираше на големите фаворити. Навистина, имам голема поччит кон тој човек. Ќе му доделам плаката на Олимпискиот комитет на Србија која тој ја заслужи и која не се дава на секого“, рече Маљковиќ.
На прес – конферецијата во 2019 година беа присутни и Братислав Бата Ѓорѓевиќ, Богдан Тањевиќ, Ратомир Тврдиќ… Сите тие присуствуваа и на Свечената академија по повод осумдесеттиот роденден на Лазар Лечиќ.
На академијата имаше многу емоции, навраќање на спомени, згоди и незгоди, анегдоти. Леќиќ беше удостоен од голем број на играчки и тренерски великани во браншата со кои беше огромна чест и вистинско задоволство да се биде на исто место. Душан Ивковиќ, Божидар Маљковиќ, Богдан Тањевиќ, Мирко Новосел, Иво Данеу, Рато Тврдиќ, Дамир Шолман, Никола Плеќаш, Жељко Јерков, Среќко Јариќ, Душан Радосављевиќ, Дејан Томашевиќ, Дино Раѓа, Панајотис Јанакис, Јанко Луковски беа само дел од обемниот собир на кошаркари и тренери кои оставија неизбришлива трага меѓу обрачите, но и под нив. Но, и македонски кошаркарски легенди како Благоја Георгиевски-Буштур, Васил Кафеџиски, Петар Наумоски, Перо Антиќ, Тодор Гечевски. Самото нивно присуството, но и уште на триесетината останати славни имиња на кошаркарскиот спорт во поранешната држава и во независна Македонија беа доказ за величината на популарниот „Грк“ каков што прекар носеше Лечиќ.
„Тој секогаш беше многу поразличен од сите нас, човек со многу страст и знаење, кој внесе многу живот во кошарката. Тој е нашиот идол“, кажа гостинот од Грција Панајотис Јанакис, на кого Лечиќ му беше тренер во солунски Арис.
Лазар Лечиќ е роден на 30 јануари 1939 година во Скопје и како кошаркарски стручњак се смета за творец на македонската професионална кошарка кој имаше огромна улога во излезот на македонските кошаркарски клубови во Европа во седумдесеттите и осумдесеттите години. Лечиќ е исто така заслужен за основање и организирање на младински кошаркарски училишта во Македонија и во Грција. Во текот на својата спортска одисеја има освоено многу престижни награди како „11 октомври“, „13 ноември“, „8 септември“ за животно дело во 2015 година во областа на спортот, Златна Бубамара итн. Член е на Клубот на Великаните на МОК од 2001 година.
Професионалната кариера ја почнува во Работнички во 1957 година и останува во клубот до 1962 година, пред да премине на тренерската позиција. Како играч освоил две титули во тогашната Македонска Републичка Лига во 1960 и 1961 година. Сепак, неговото вистинско влијание во кошарката се случува кога стапува на тренерската позиција.
Во 1962 година седнува на тренерската позиција во Работнички и веднаш се чувствува неговото големо влијание. Како доминантна сила во Македонија под крилјата на Лечиќ, Работнички освојува две титули во 1963 и 1964 година, а екипата се сели во Првата сојузна кошаркарска лига.
Лечиќ останува во Скопје до 1972 година, пред да се пресели во КК Борац Чачак за сезоната 1972/73, кога екипата завршува на четврто место во Првата кошаркарска лига во Југославија, настан кој остана забележан како најголемо достигнување на клубот во историјата. За следната сезона се сели во Словенија во екипата на КК Олимпија Љубљана, за да во 1975 година се врати во Работнички. Во овој период, Работнички го носи до полуфиналето на ФИБА Сапорта Купот, резултат кој претставува еден од најголемите успеси во историјата на тимот. Работнички во полуфиналето на гости губи од милански Цинцано со 24 бода разлика, а во Скопје го победува со 19. Претходно биле совладани екипи како ЦСКА Москва и Олимпијакос.
Во 1978 година Лечиќ се враќа во Олимпија каде престојува до 1982 година. После една сезона во Војводина Лечиќ се враќа во родниот град, но овој пат во клубот Скопје, подоцна познат како МЗТ Скопје. Во 1986 година, екипата предводена од Лазар Лечиќ стигнува до пласман во Југословенската Прва кошаркарска лига каде се натпреваруваат две сезони. Во 1990 година Лечиќ се сели во Грција во редовите на КК Арис каде се натпреварува во Евролигата, стигнувајќи до полуфиналето во 90/91 и четвртфиналето во 91/92. Тој исто така ја освои грчката лига во 90/91 и грчкиот куп во 91/92.
После уште една сезона во МЗТ Скопје во 1996 година го освојува Купот на Македонија. По три години мирување, во 1999 година го презема КК Никол Ферт, освојувајќи го првенството во Лигата на Македонија.
Покрај клупската кариера, Лазар Лечиќ имал и неверојатна национална кариера како тренер во Југословенската репрезентација. Неговиот најголем дострел е златниот медал од Светското првенство во Љубљана во 1970 година, како прв помошник на селекторот Ранко Жеравица. Тој, исто така, имал големо влијание и во доминантните години кога Југославија освои медали на неколку турнири како ФИБА Евробаскет, Средоземни игри и Балканско првенство. Тој ја водеше и Југославија на Европското првенство во кошарка за млади во 1971 година.
За Лечиќ е снимен единаесетминутен филм што ги следи неговите емоционални реакции и гестови на тренерската клупа. Тој е дел и од документарецот „14 гневни“, кој зборува за најдобрите тренери од просторите на поранешна Југославија.
Лечиќ едноставно беше кошаркарски генијалец, но и уникатна и неповторлива личност за која се раскажани и сѐ уште се раскажуваат многу приказни. На академијата по повод неговиот осумдесетти роденден меѓу другото кажа: „Академијата е одлична, но идејата дека поминале цели осумдесет години некако многу ми тежи. Среќен сум што овде се споивме сите, од Словенија до Грција. Фала, фала, фала, сите ве сакам“.
Извор: https://nezavisen.mk