1009 hPa
41 %
31 °C
Скопје - Пон, 09.09.2024 12:59
Се случија севселенски проколнувања, о ереси, заради неколкуте трансродови лица на отворањето на Олимписките игри во Париз. Потоа и заради учеството на алжирската боксерка Иман Халиф, на која таблоидно ѝ ја отстрануваа долната облека и ѝ ги гледаа гениталиите, проверувајќи дали е доволно жена за тој фајт.
Негодуваше секој десничар, конзервативец и националист на планетата земја, од Илон Маск до Информативната служба на Српската православна црква.
За таа Служба сето тоа беше „скандалозен перформанс“ и „глобален тренд за уништување на пристојноста во јавната сфера“. Со други зборови, едни брадести мажи во здолништа осудуваат други брадести мажи во здолништа.
Но, постои еден соодветен концепт во општествените науки кој се нарекува - „транснационализам“. И кој, патем, нема никаква врска со трансродовите лица, туку со реалноста на современото општество. За што станува збор?
Транснационализмот се однесува на сите феномени, процеси и активности кои ги преминуваат или надминуваат националните граници, од баналниот туризам до работењето на странски универзитет. И упатува на поврзаноста меѓу луѓето без оглед на рамките на државите-нации.
Олимписките игри, Евровизија или Обединетите нации се само интернационално играње, пеење и организирање, додека транснационализмот е нешто друго.
Почнува кога многу компании или претпријатија стануваат транснационални корпорации, благодарение на глобализацијата и неолиберализмот. Тие меѓу првите функционираат на глобално ниво и создаваат мрежи за производство и дистрибуција кои не ги фермаат националните граници.
Меѓутоа, социолозите и антрополозите набрзо го обратиле (и осестриле) вниманието на глобалното движење на работната сила или луѓето. И се прашале: дали одредени лица во глобално меѓуповрзаниот свет денес стануваат - транснационални? Додека против омразените „глобалисти“ проколнуваат белосветските националисти.
Сепак, луѓето не се буки за да имаат корени, туку имаат нозе. А мозоците не се одлеваат никаде, туку остануваат вовлечени во черепите на човекот.
Меѓу првите „транснационалисти“ биле мигрантите, односно дијаспората и „расејувањата“.
Заради сè побрзите и сè поевтини патувања и лесната пишана и видео комуникација преку интернетот денес, новите „глобални гастарбајтери“ одржуваат блиски (лични, економски, културни и политички) врски со земјата на потекло, а релативно комотно се интегрираат и во земјата во која доаѓаат да живеат.
Се појавува многу пофлексибилен модел на мобилност, што во 2005 година го препознава и Глобалната комисија на ОН за миграции.
Некогашното трајно населување на мигрантите му отстапи место на образецот за привремена и циркуларна миграција.
Едноставно кажано, сиромашните италијански или ирски мигранти на почетокот од 20-от век доаѓаат во Њујорк за да останат и со задоволство да му се прилагодат на Новиот свет.
Треба да се погледне и исклучителниот краток филм на Желимир Жилник „Inventur“ („Инвентар“, 1975) за италијанските, турските, грчките и југословенските мигранти од само една зграда во центарот на Минхен. Трае девет минути, го има на Јутјуб.
Но, во 21-от век разни мигранти-стручњаци, како на пример, научници, лекари, програмери и останатиот пролетаријат од „економијата на знаењето“, заедно со таксистите, керамичарите и негувателите, денес ги одржуваат живи прекуграничните односи со своите сонародници и матичните држави.
И со задоволство се враќаат во своите татковини на лето, за да ги посетат фамилиите и пријателите и патем да си ги поправат забите. Тие се „и тука и таму“ (или „ни тука, ни таму“), а тоа ги прави - транснационални. Многу реални мигранти (но не реални бегалци и баратели на азил) постојано се мрдаат преку националните граници, па и „тука“ и „таму“ стануваат дел од нивното општествено поле. Од пораките и видео повиците на Вибер, до читањето вести и литература од татковината, денес е можно активно учество во животот, културата и политиката на матичната земја.
И тоа е клучен начин на живот и на многу „расеани Срби“. Дали „нашите луѓе“ од Виена, Минхен или Чикаго - се националисти или транснационалисти?
Слично е и во меѓународниот спорт. Србинот, Црногорец и/или Моначанец Новак Ѓоковиќ на турнирот во Монтреал го претставија како да е од Хрватска, на што тој одговори дека „нема проблем“ зашто „сето тоа е исто“.
И тоа е пример за транснационализам, пред Ѓоковиќ да се лизне во голиот национализам.
А Моника Селеш? Дали таа е Унгарка, Војвоѓанка, Југословенка или Американка? Или ги надминува овие евтини граници? Денес на Олимписките игри постои и „Бегалски олимписки тим“ (EOR) кој е составен од бегалци од своите матични земји. Чии се тие? Граѓани на светот?
Транснационализмот не е поврзан само со миграциите или меѓународниот спорт.
Во доменот на културата, разни културни пракси и идеи ги надминуваат границите и создаваат транснационални културни заедници.
Тоа ги вклучува и музиката, филмовите, модата кулинарските традиции итн. Хип-хоп музичарите од Белград, Братислава или Багдад црпат инспирација од своите колеги од Лос Анџелес, филмовите кои ги создал Холивуд (или Боливуд) подеднакво се исчекуваат во Манила и Најроби, додека јапонското суши или индиското тандури пилешко се меѓу најпопуларната брза храна во Њујорк или Лондон.
Фармерките или џинсот не се американски туку транснационален производ на еврејско-германскиот мигрант Леви Строс, од Сан Франциско па до Нови Пазар.
Транснационален е и меѓународниот организиран криминал (како и меѓународниот тероризам), кој исто така не ги ферма националните граници.
Патот на кокаинот од Колумбија, преку Дарко Шариќ, до клубовите во Берлин и Лондон е впечатливо транснационален. Истото важи и за заразните болести и ковид-19 брзо стигна од Азија кон Европа и Америка.
Неверојатно, но и вирусите не ги познаваат границите на државите нации. Во академскиот свет, транснационалните пракси и не се нарекуваат миграции туку „мобилност“, која великодушно се поттикнува за напредување во кариерата. Транснационален е и интернетот или белосветската мрежа.
Децата од таканаречените „мешани бракови“ се транснационални. Но и целата општествена реалност одамна е транснационална, само што сè уште никој не ни го кажал тоа.
Сите овие транснационални појави имаат свои историски претходници, како кампањите на христијанските мисионери, меѓународните работнички движења, џезот и рокенролот, високата мода, пиратите, мафиите, капитализмот и останатите чуми.
Општествениот живот е транснационален, а современиот систем на држави нации е историски понов. Дури и пасошите и визите се неодамнешни измислици - масовно се усвоени дури по Првата светска војна. Кога станува збор за науката, дали сè уште е разбирливо да ги истражуваме и анализираме општествата и човечкото однесување во рамки на државите или „затворените“ национални граници, економијата и културата?
Критичарите тоа го нарекуваат „методолошки национализам“. Па разни вредности (БДП, просечната пензија, чувството на среќа, па и бројот олимписки медали) комотно се споредуваат, статистички се банализираат и навивачки се рангираат, и покрај толкавата разновидност на држави нации во светот.
Па една Фиџи, една Кина, Холандија, Тринидад и Тобаго, Србија, Џибути, Чиле, Франција, Русија, Конго, Монголија и Италија влегуваат во иста истражувачка корпа. Зошто суверените држави нации се толку зачестена единица за анализа?
И зошто не, на пример, градовите? Регионите? Културите? Човечките битија?
Општествениот живот ги преминува, надминува, поврзува, поткопува, менува и трансформира националните граници. Истите оние на кои овде патетично сме им посветени според светогледот од 19-иот век. Во сè поподвижниот и помеѓузависен свет, транснационалните популации „и тука и таму“ се значаен и растечки дел на многу држави. Најпосле, мојата другарка која сега живее во Њујорк неодамна ми подари неколку прекрасни сувенири од њујоршката јавна библиотека кога дојде во Нови Сад летово (фала, Ивана!).
Оти ние двајцата и се запознавме во Библиотеката на Матица српска уште како студенти.
Дали тогаш се поважни државните граници кои раздвојуваат или е поважна транснационалната љубов кон читањето кое ги поврзува овие две институции и луѓето?
Националните и културните граници се крајно порозни или (полу)пропустливи, а транснационализмот ја означува ерозијата на овие граници и авторитетите на националните држави во човечката природа и општеството.
Затоа да ги надминеме нашите парохијални, тесногради национализми, па и баналните интернационализми, во корист на вистинскиот транснационализам. Транснароди и транснародности од сите земји, да се обединиме.
Фотографиите се од Олимписките игри во Париз, 2024
Превод: А. К.
Извор за текстот: https://www.danas.rs/