1009 hPa
82 %
11 °C
Скопје - Саб, 06.12.2025 08:59

Истражувачите од Институтот за технологија во Масачусетс развија нова протетичка нога која може да се контролира преку мозочни сигнали. Ова е достигнување што може значително да го подобри искуството на движење со бионичка нога.
Како што е објаснето во новиот труд објавен во списанието Nature medicine, истражувачите откриле дека нивната невропротетика ја зголемила брзината на движење за неверојатни 41 отсто во споредба со контролната група која добила конвенционални протези.
Уште подобро, овој уред може да се приспособи во реално време на различни средини, како што се скали и попречени патеки. Видеото подолу, објавено од тимот истражувачи покажува колку природно корисникот се качува по скали.
„Ова е прво протетичко истражување во историјата кое покажува протеза на нога под целосна неврална модулација. Никој не можеше да го покаже ова ниво на контрола на мозокот што создава природно одење, каде што човечкиот нервен систем го контролира движењето, а не роботски контролен алгоритам”, вели Хуг Хер, директор на Центарот за бионика на Институтот за технологија во Масачусетс.
Спроведено е истражување во кое биле испитувани седум пациенти подложени на специјална операција која им овозможила прецизно да ги почувствуваат положбата, брзината и вртежниот момент на нивните екстремитети.
За да овозможат поприродно одење, Хер и неговите колеги ја смислија операцијата наречена AMI за да им овозможат на мускулите сè уште да комуницираат едни со други во внатрешноста на резидуалниот (главен) екстремитет.
Новата протетика функционира така што открива сигнали што мозокот на носителот ги испраќа до резидуалниот екстремитет. Со директно преведување на овие сигнали во движење, истражувачите открија дека искуството е значително подобрено.
„Овој труд претставува уште еден чекор напред во однос на обновувањето на функцијата кај пациенти кои страдаат од тешки повреди на екстремитетите” вели Метју Карти, вонреден професор на Медицинскиот факултет на „Харвард”.
Извор: https://futurism.com