1012 hPa
100 %
17 °C
Скопје - Саб, 05.10.2024 08:59
Адолф Рацка е роден на 20-ти ноември 1943 година во Германија. Бил заговорник на правата на лицата со инвалидитет и одиграл клучна улога во промовирањето на правото за самостоен живот во Европа. Бил корисник на лична асистенција, аспиратор и електромоторна количка од 1961 година, кога на 17 години останал парализиран заради последици од детска парализа. Оттогаш континуирано се борел за поголема автономија и инклузија на лицата со инвалидитет.
По пет години поминати во болница во Минхен, стипендијата која ја добил во 1966 година му овозможила да се пресели на Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес. Ова искуство било пресудно во животот на Адолф Рацка, зашто таму првпат се сретнал со движењето за самостоен живот. Поддршката што ја добивал преку директните исплати за лична асистенција од германската држава му овозможила да вработи, обучи и управува со сопствените асистенти и да си обезбеди самостоен живот во студентски дом.
„Мораме да ги зголемиме напорите за да постигнеме сите - а најважно ние самите - да ја разбереме и да се поистоветиме со сопствената положба: иако можеби изгледаме, чекориме или се однесуваме поинаку, ние сме сосема обични луѓе, зашто како и сите други и ние треба да бидеме видливи заради она што сме, треба да бидеме почитувани, да бидеме сакани. Тие потреби ги споделуваме со сите и тие нè прават вистински луѓе. За да ги задоволиме овие потреби мораме да живееме, да сакаме и да работиме со пријателите и семејството во заедницата - со лична асистенција“.
Студирањето во Калифорнија длабоко влијаело на неговата визија за правата на лицата со инвалидитет и правото за самостоен живот. Кога се вратил во Европа станал водечка личност во залагањето за принципите за самостоен живот. Во Шведска ја вовел личната асистенција која стана дел од шведската реформа за инвалидност и извршил огромно влијание на животите на многу лица со инвалидитет. Во 1984 година во Шведска ја основа задругата СТИЛ - стокхолмски огранок на американското движење за самостоен живот - која вработува 1 300 лични асистенти кои пружаат поддршка за околу 200 лица со инвалидитет. СТИЛ е кратенка која на шведски јазик значи Основачи на самостоен живот во Шведска.
„Европската унија како целина и сите нејзини држави членки ја потпишаа и ратификуваа Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со инвалидитет. Според членот 19 од Конвенцијата имаме право да живееме самостојно и да бидеме вклучени во заедницата, под еднакви услови како и сите други. Општиот коментар број 5 во своите оперативни дефиниции јасно става до знаење дека резиденцијалните институции мораат да бидат затворени и заменети со услугите за лична асистенција“.
Во својот активизам за промоција на самоопределувањето и пристапноста за лицата со инвалидитет го основал и Институтот за самостоен живот во Шведска.
Поединци и организации ширум Европа го следеле примерот на Адолф Рацка и почнале да се залагаат за правата на лицата со инвалидитет и самостоен живот, како и за поддршка на лицата со инвалидитет да ја преземат контролата над сопствените животи.
„Нашите општества треба да станат попристапни. За да можеме резиденцијалните установи да ги замениме со услугата за лична асистенција, мораме да имаме попристапно сместување во заедницата. Доколку не е така многу лица со инвалидитет - дури и со лична асистенција - сè уште би биле принудени на институциите. Во домувањето ни треба универзално проектирање. За тоа мора да се воспостават градежни прописи за нова изградба и грантови за адаптација на постоечките згради.“
Придонесот на Адолф Рацка за движењето за самостоен живот е длабоко вкоренет во неговото лично искуство и неговото верување во неопходноста за самоопределување за лицата со инвалидитет.
Пионерот на движењето за самостоен живот во Европа, Адолф Рацка, почина на 21 јули 2024 година на 80 годишна возраст.