1029 hPa
86 %
-1 °C
Скопје - Пон, 20.01.2025 05:59
(Кон Хрватскиот шоукејс на Хрватското ИТИ, од 8 до 12 мај, 2024, во Загреб, Хрватска).
Хрватскиот ИТИ секоја година, под водство на динамичната и елоквентна Жељка Турчиновиќ се труди да направи пресек на театарските движења во Хрватска, на она што е најинтересно во годината меѓу двата шоукејса. Од 2005 година наваму, Хравтскиот ИТИ со овој шоукејс, веќе дваесет години ни го презентира она што е највозбудливо во театарското живеење во Хрватска.
Овојпат програмата на овој шоукејс ги вклучи претставите: „Заборави на Дулчинеа“ на културниот центар „Травно“, во режија на Ли Делонг, „Смрт на одмор“ на сатиричниот театар „Керемпух“ по делото на Жозе Сарамаго, а во режија на Кокан Младеновиќ; „Можеш да бидеш сè што сакаш“ во режија на Ивана Вуковиќ, а во продукција на театарот „Кунст“, „Хироми“, по текст и во режија на Вид Хрибар, во продукција на театарот ИТД, „Правилата се едноставни“ по текст и во режија на Марина Петковиќ Ликер, а во продукција на уметничката организација „Четирирачна“; „Sorry”, по идеја и во режија на Бобо Јелчиќ, во продукција на ХНК од Загреб; „Cabret Fatale” во режија на Матеја Билосниќ, во продукција на уметничката отрганизација „Трас студио“ и Кунст театарот и „Моите тажни монструми“ по текст на Мате Матишиќ, во режија на Вито Тауфер, во продукција на Градскиот Драмски театар „Гавела“.
Следејќи го овогодинешниот шоукејс имате впечаток дека ги следите сите театарски облици и начини на театарско живеење во Загреб. Во овој комплекс од претстави се отвора сликата на независната сцена во Хрватска, како и на онаа која е длабоко вгнездена во државните театарски институции. Овој избор нè одведе и во малите театарски сцени како што се ИТД (иако легендарна Загрепска театарска сцена), театарот „Кунст“ каде што актерската инспирација и енергија се од најголемо значење, како и во големите државни театарски сцени како што се Керемпух, Гавела и ХНК, каде што од круцијална важност се сите сегменти од еден театарски чин, добро вклопени во концептот на еден театарски режисер.
Сцена од претставата „Моите тажни монструми“ во театар „Гавела“, во режија на Вита Тауфер
Она што остави најголем впечаток е претставата „Моите тажни монструми“ на Вито Тауфер која не само што импонираше со својот длабоко доживеан и артистично совршено третиран реализам, туку нè потсети на едно промислување на театарот кое како да се изгубило во напливот на новите аспекти и начини на мислење. На ова нè потсети режисерот кој пред повеќе од три децении беше оној кој сакаше да погледне од другите страни на театарскиот израз, режисер на кого истражувањето му беше примарно, а кој во ваквите проекти навлегува од онаа страна од која заборавил да влезе сите овие години, а тоа е видливата, прочитаната и доживеаната страна, но овојпат со една друга намера: да погледне што стои внатре во ткивото на реализмот, па во некоја рака и на натурализмот.
За разлика од него, Бобо Јелчиќ нè поведе по една фарсична верзија на приказната за „Гратчето Пејтон“ со сосема поинакво видување на ликовите и настаните, во една крајно искарикирана варијанта на животот во Америка во шеесеттите години, но со едно навраќање на она што значело „нормален“ живот со низа аномалии и ситни трагедии. Некаде меѓу овие претстави се и чудната, камерна пиеса „Хироми“ на Вид Хрибар, едно суптилно трагање по љубовта, во една намислена и заумна патека, како и исклучително динамичните претстави на театарот „Кунст“ кои раскажувајќи ја приказната се обидуваат својот став кон животот да го преточат во театарски израз и сето тоа во една убава и мошне продуктивна релација со публиката.
Жељка Турчиновиќ не заборави и во оваа верзија на театарскиот шоукејс да понуди нешто ново, па така во една од вечерите можевме да уживаме во поезијата на Нина Бајсиќ од нејзината поетска книга „Песни за секој случај“ во музичка придружба на Вид Хрибар и Реа Бушиќ, настан кој некако се вклопи во целата активност на ИТИ.
Хрватскиот театар, како и сите театри по транзитивниот период ја негува и независната продукција, а и институционалниот театар. Разликата е секако очигледна, но најмногу во продукциска смисла. Енергијата е она што ги сплотува двете промислувања на театарот кој во многу нешта има европски шмек.
Сцена од претставата Sorry“ во ХНК, авторски проект на Бобо Јелчиќ