1018 hPa
86 %
-2 °C
Скопје - Чет, 19.02.2026 01:59

Кертис сега го живее животот по свои услови, правејќи го она што сака да го прави секој ден. Во интервју со Ли Сандерс, специјалист за кариера во Розвел, Џорџија, таа вели:
„ Наутро подготвувам гриз, јајца и колбаси, потоа го чистам подот. Понекогаш јадам надвор. Одам на часови по сликање. Цртам убави слики и заработувам. Одам во град и ги продавам своите дела. Одам во црква и му се молам на Бога. Високо кревам глас! Во лето одам на базен и ги спуштам стапалата во вода. Можеби еден ден ќе научам да пливам. Одам на риболов. Видов свиња и коњ на фармата. Купувам облека и обувки. Правам роденденски забави. Забавни се. Повеќе не се плашам од големи кучиња. Се чувствувам добро. Мојот живот е подобар”.
Приказната на Лоис Кертис не била отсекогаш толку светла. Оваа афроамериканска уметница со интелектуална попреченост поминала цели 18 години затворена во институција, без право на постоење.
Додека растела, Лоис влегувала во неволји, и дома и на училиште. Нејзината мајка постојано викала полиција, бидејќи Лоис често заталкувала од дома и се губела, а населбата во која живееле не била безбедно место (особено за девојчиња).
Овие инциденти завршувале така што од полицијата ја носеле Лоис во затвор или во ментална институција. Кога имала 11 години, била однесена во регионалната болница во Џорџија, каде што била третирана како психијатриска пациентка наместо како девојче со пречки во развојот. Поголемиот дел од времето во институцијата го поминувала под седативи. Била затворена до својата дваесет и девета година.
Бидејќи невидливите попречености често не се дијагностицираат, на децата и младите со интелектуална попреченост и нарушувања во однесувањето им се ускратува најосновната поддршка.
Во американските затвори денес има повеќе од 750.000 лица со попреченост. Многу од нив се функционално неписмени и Афроамериканци. Случајот Лоис Кертис го отвори патот за самостоен живот на лицата со ментална и интелектуална попреченост.
Во 1995 година, Лоис Кертис и Елејн Вилсон, уште една институционализирана жена, ја тужеле државата за прекршување на правата на лицата со попреченост бидејќи поминале години во регионалната болница во Џорџија бидејќи државата не им обезбедила фондови за самостоен живот во заедницата.
Судскиот спор стигнува до Врховниот суд, кој во 1999 пресудува во корист на жените со попреченост: непотребната институционализација, дискриминацијата и неоправданата сегрегација ги кршат човековите права.
По судската одлука, Лоис Кертис започнува самостоен живот со поддршка. Посетува часови по сликање, а заработката од продадените цртежи ја вложува во уметнички материјали. Таа често гостува на конференции за правата на лицата со попреченост ширум земјата.

Извор: https://www.respectability.org