1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 06:59
Пејзаж
Едно од најубавите нешта што некогаш сум ги прочитала
е онаа изјава на А.Варда:
„Ако ги отвориме луѓето, внатре ќе најдеме пејзажи“.
Затоа сега непрестајно те отворам и затворам
само за да видам како се полни месечината.
Понекогаш не те ни затворам целосно,
па од таму со денови капе вода и морам да пливам.
Заб
Слушнав како крцна и повторно
се почувствував како дете.
Забот падна, знаев дека ќе се случи,
со месеци го чекав.
Го плукнав во дланката
и одеднаш се обелодени внатрешноста
на мојот претходен заб: во средиштето
на тој мал минерален остаток
имаше дрво со раскошна крошна.
Личеше на даб со зрели корења
кои висеа на оваа страна од реалноста.
На секој допир меѓу нив
засветуваше целата просторија.
Каква несвесност сите овие години...
Нерамнини
Секојдневно се движам по ужасно нерамен град,
улиците се нерамни, тротоарите уште повеќе,
и небото делува нерамно,
атмосферата е нерамна,
звуците се полни нерамнини
и луѓето се претежно нерамни
и нивниот глас е доста нерамен,
разговорите се нерамни,
мислите уште повеќе, исто како тротоарите,
многу нерамнини,
лесно е да се сопнеш,
и да станеш нова градска нерамнина.
Цртежи: Katherine Akmulun