Туѓо тело

20.08.2024 08:23
Туѓо тело

 

1.

Од сите работи што ми ги подарувале а не сум ги сакала, се ѕидало моето туѓо тело како солитер. Цигла по цигла растело во некоја од преткоморите на срцето. Потоа без многу да размислувам, во еден ден, научив да викам „Фала, не“. Во мене се роди искреност и желба да ги изговарам работите такви какви што се. И солитерот се урна како кула од карти.

2.

Луѓето се мртви деца. Моето туѓо тело за кое и не знаев дека постои, се родило и растело без мојата свесна согласност. Потоа станало колекционер на мртвите тела на децата на моите ближни. Ги собирало како што се собираат значки, плочи, цвеќиња, слики, фотографии или чевли.

3.

Планетата Земја има свое туѓо тело. Се вика Пекол или вечен огaн. Далеку e од нашите очи, но е поврзано со нашите срца.

4.

Опкружени сме со туѓи тела кои немаат свои сопственици. Не припаѓаат никому. Одвреме-навреме можат да се видат како муракамиевски џогираат крај реките, седат на клупи во парковите, читаат весник, или само гледаат во точка пред себе. Или седат во кафуле и пијат различни коктели.

Но тие не се ничии. Инаку зошто би се плашеле од темнина? Зошто би ни било непријатно да остануваме сами во ноќта? Тогаш кога туѓите тела излегуваат надвор и уживаат во погледот кон месечината, а наоколу се шири миризба на исушени школки, тиња и вампири. Особено таму каде што има река.

5.

Не постои мртва природа.

Постојат туѓи тела на слики што ги цртале мртви деца. И во мигот кога никој не ги гледа (сликите) природата го покажуваат својот раскошен живот.

6.

Сѐ што знае да размислува си отишло од оваа држава. Или во друга држава или на другиот свет. Единствено моето туѓо тело не сака никаде да си оди. Се влечка по мене како сенка, а кога ќе му речам да си оди, ме боли.

7.

Кога легнувам да спијам и потсвеста воспоставува поле на безграничност, неосетно станувам едно со сѐ. Тогаш на сцената стапуваат сите инсекти присутни во спалната соба: ендогени жители на собата кои слетуваат врз заспаното тело и лазат по него како морници. Бубачките се однесуваат како астронаут кој патува низ мене како низ вселената и го користи моето тело како space shuttle.

Во мигот на будење сите нечујно и тивко се повлекуваат во нивните подземни гаражи. Се будам во креветот преклопена од падобран на туѓо тело и со чувство како штотуку да сум се вратила од другиот крај од вселената.

Слики: The Royal Art Lodge

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото