1016 hPa
87 %
11 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 05:59
Томислав Марковиќ е гостин на книжевниот фестивал Друга приказна.
Хади Матар со нож го нападна писателот Салман Ружди и му нанесе неколку убодни рани, што е многу радикален облик на книжевна критика. Во име на Бога. Банатскиот Владика Никанор повика на вооружена борба против припадниците на ЛГБТ популацијата. Во име на Бога, православието, традиционалните вредности и останатите свети нешта. Патријархот на Руската православна црква Кирил ги благослови масакрите над невините цивили во Украина, за него уништувањето градови и убивањето деца е света војна. Во име на Бога, православието, традиционалните вредности и останатите свети нешта.
Во Авганистан талибанскиот режим тероризира сè живо, особено жените. Исто така во име на Бога. Неодамна, Меѓународниот суд на правдата во Хаг ги отфрли приговорите на Мјанмар за тужбата во која се наведува дека оваа држава е одговорна за геноцидот над муслиманското етничко малцинство Рохинџа. Убивани се во име на будистичкото божество, иако Буда баш и не планирал основање религија, но кому му е гајле, важно е да се најде добра причина за колење.
Причини за убивање
Верскиот фанатизам, фала за прашањето, е жив и здрав, за разлика од оние кои овластените Божји пратеници ќе ги означат како непријатели, безбожници, бласфемирачи, еретици, навредувачи на нежните верски чувства. Ништо ново, колењето на оние кои веруваат поинаку или воопшто не се наклонети кон верувањето секогаш било дел од стандардната религиска пракса. Не е тешко да се пронајде причината за таманењето други човечки битија, само ако човек има желба и волја.
Се убивало и за многу помалку, да речеме - заради една единствена буква. Аријанците биле сурово прогонети зашто верувале дека второто лице на светото Тројство, Синот Божји - е суштински сличен на Отецот, што на грчки се нарекува омиусиос. Заговорниците на никејскиот Симбол на верата, пак, сметале дека Синот и Таткото имаат иста природа, суштина, значи дека Синот е суштински идентичен со Таткото, на грчки - омоусиос. Затоа следбениците на буквата омикрон ги уништувале поборниците на буквата јота каде и да ги сретнеле. Додуша, ни аријанците не им останувале должни на правоверците, кога имале прилика за тоа. Божјата заповед „Не убивај“ редовно завршувала на истото место како и будистичкиот принцип за ненасилство кај мјанмарскиот свештеник Ашин Вирату - на ѓубриште.
Би било нечесно за насилничката пракса да се прозиваат само верските организации. Не е воопшто неопходно светото нешто во чие име убива човекот да биде со религиозен карактер, убијците сосема добро се снаоѓаат и без Бога. Еве, кинескиот режим ефикасно ги истребува Ујгурите без мешање на религијата. Во име на атеизмот и комунизмот со капиталистички лик. Сталинистичкиот режим испрати милиони сопствени граѓани во логорите на смртта без помош од небесата. Во име на посреќна иднина на целото човештво и комунизмот со човечки лик. Нацистичкиот режим истреби милиони луѓе во име на расата, повисока и надчовечка, и за малку ќе го освоеше целиот свет и сите нас, припадниците на пониските раси, ќе нè претвореше во свои робови.
Во име на сè и ништо
Важно е само да се пронајде добра идеја, концепт, замисла, идеолошка приказна, што било што може да послужи како изговор за сместување на човечките битија во гроб, потоа сè се случува само по себе. Со добра организација, силна војска и пропаганда на која редовно наседнуваат масите - колежот се наметнува како логичен расплет на настаните. Дури не е ни неопходно обожувањето на избраното свето нешто да заврши со некаков масовен конфликт или војна, доволни се и локални погроми, лов на вештерки, поединечни напади, акции со ограничен домет. Важно е само жарот на омразата кон блиските да се разгорува во срцата кои чукаат за колективната апстракција.
Во име на нацијата, државата, патриотизмот, одбраната на нашите вредности, заштитата на нашиот начин на живот и нашата автономна култура, во име на кралот, царот, освестениот поредок, во име на слободата, во име на народот, во име на демократијата, во име на опстанокот, во име на партијата, фракцијата, во име на возвишените идеали, во име на животниот и духовниот простор, во име на цивилизацијата, во име на заостанатоста, во име на правоверието, во име на татковината, во име на славното минато, во име на светлата иднина, во име на револуцијата, во име на реставрацијата, во име на животот, во име на смртта, во име на децата и семејството, во име на нормалноста, во име на пристојноста, во име на колективот, во име на сè, сешто и ништо.
Практично, изборот е бескраен, речиси и нема апстракција или химера во чие име не би можело да се приколе некое конкретно, живо, реално постоечко човечко битие. Како што рече еден помалку познат поет: „Секоја идеја која става нож под грло / Куршум во цевка, глава на трупец / Секоја идеја која раздвојува / Глава од труп / Е наша идеја водилка / Нашето начело е - куршум в чело / Не вреди да се плаче над разнесениот мозок / Секоја идеја е доволно добра / За неа да се убијат неколку милиони човечки битија / Српство, југословенство, мршојадство / Идеја за нож, идеја за идеја, идеја за жица / Не поставуваме прашање / Правиме масовни гробници“. Или, како што би рекол еден познат кантавтор, Дамир Авдиќ: „Во име на таткото за народот за Бога / за химната за знамето сечие / против ближниот свој“.
Книжевни и други свети нешта
Џиновската доза омраза, бес, гнев, големата лутина и сличните чувства можат да предизвикаат и уште побенигни идоли од горенаведените, зашто улогата идол може да значи сешто. Против Борис Дежуловиќ беше покрената цела хајка само заради неколку критички забелешки на сметка на Белград кои ги кажа во едно интервју. Се покажа дека и главниот град на Србија е нешто свето што не може да се чепка, забрането е да се има негативно мислење.
Светислав Басара помина низ топол медиумски зајак зашто во еден роман за Десанка Максимовиќ пишуваше на начин кој овдешните љубители на поезијата кои знаат три стихови од две нејзини песни го сметаат за непримерен, а ажурните Заветници дури успеаја да ја спречат и промоцијата на книгата во Аранѓеловац. Андреј Николаидис неодамна не баш пофално се изрази за Његош и Андриќ, па социјалните мрежи се вжештија од праведничкиот гнев на разни експерти за книжевност и нација.
Не беа баш толку радикални како критичарот што го чита Ружди со ладно оружје, но сепак сметаат дека не може секој да ги толкува нивните идоли како што сака и дека на таквиот треба да му се одземат некои награди, да го отстранат од институциите и да му забранат да учествува во јавниот живот. Брзо се покажа дека и надлежните органи кои се задолжени да се грижат за културата внимателно ги следат анонимните објави на социјалните мрежи, па му се придружија на хорот бранители со освестени вредности во чие име треба да се прогонуваат писателите. Што би му направиле на Владимир Набоков ако случајно беше жив, заради есеите во кои остро го критикуваше Достоевски, не смеам ни да помислам. Среќа што умре навреме.
Отстапување од замислените норми
Образецот секогаш е ист: ќе прогласиш нешто (што и да е) за свето, а потоа секој што ќе се осуди да не му се поклони на твоето божество го распнуваш, дифамираш, мразиш, проколнуваш, го прогласуваш за предавник, еретик, непријател, автошовинист, багра и со мирна совест му подготвуваш отстрел. Бизарен концепт, дури и комичен преку секоја мера на пристојност, но функционира веќе илјадници години. Оној што не верува во боговите во кои верува мнозинството, оној што ќе се осуди да размислува со сопствената глава и да чувствува со сопственото срце, наместо да го свитка грбот пред колективните приказни, станува легитимна мета.
Просто е неверојатно зошто луѓето биле изложувани на малтретирање и насилство. Младите биле претепувани зашто носеле долга коса, тинејџерите редовно ги тепале зашто се облекувале како панкери, девојчињата кои не ја слушаат Цеца - не ги канат на роденден и ги исклучуваат од друштвото, оној што не верува дека Новак Ѓоковиќ е божество - тие ја заслужуваат сета омраза од овој свет, оние што мислат дека државата не треба да го финансира професионалниот спорт - тие се предавници на сè што ни е најсвето, ако јавно се побуниш против државната одбрана и заштитата на кирилицата - не ти гинат грст закани со смрт и осакатување, ако напишеш дека нашите народи и народности не се ништо посебно, дека се, така да се каже, медиокритети на земјината шара, што покажуваат и нашите досегашни скромни историски резултати - ќе предизвикаш бран омраза, бес и праведнички гнев...
Оној што за милиметар ќе отстапи од замислените норми ризикува врз себе да го навлече гневот на дежурните заштитници на блиското светилиште. Сè може да биде свето освен живиот, емпириски човек, освен човечката личност и нејзината слобода да го доживува светот на својствен начин.
Остави го раат ближниот свој
Светоста на човечкиот живот е сосема заборавен поим, ако нашиве култури некогаш и знаеле за него. На тоа се обидуваше да потсети полскиот поет Тадеуш Ружевич, откако во Втората светска војна се изнагледал смрт, страдање и ужаси. „Старицана што / на ортомче влече коза / попотребна е / и подрагоцена / од седумте светски чуда / оној што мисли и чувствува / дека таа е непотребна / тој е убиец“, пишуваше Ружевич во песната „Во средиштето на животот“.
Можеби Ружевич сепак е премногу радикален, премногу потсетува на Божјата заповед „Љуби го ближниот свој“, заповед која е речиси невозможно да се спроведе на дело, како што ни покажуваат последниве неколку илјади години историја. Можеби малку поскромен пристап, прилагоден на реалната човечка состојба, би дал подобри ефекти. На пример, заповедта која има некакви шанси би можела да гласи: Остави го раат ближниот свој.
Туку, кога сме веќе кај полската поезија, страшно многу ме нервираат луѓето кои не признааат дека Вислава Шимборска е голема поетеса. Знам некои кои дури и се трудат да продрат во светот на нејзината поезија, но едноставно не им оди, не им е близок тој дистанциран, ироничен израз, полн со благост и љубов за постоечкиот свет. Немам нималку разбирање за нивното неразбирање, па ми доаѓа да им фрлам некоја фатва или анатема. А во име на што вие би ги таманеле своите ближни?
Слики: Conrad Haberland
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.zurnal.info