1022 hPa
93 %
3 °C
Скопје - Чет, 23.01.2025 10:59
Сцена од претставата „Дождлив ден во Гурлич“
Фото: Нада Жганк
(Кон претставата „Дождлив ден во Гурлич“, по текст на Милан Рамшак Марковиќ, во продукција на Прешерновиот театар од Крањ и во копродукција на Градскиот театар од Птуј, а во режија на Себастијан Хорват. Главни улоги: Алјоша Треновшек, Весна Пернарчиќ, Дарја Рајхман, Борут Веселко, Миха Родман.)
Навидум лесниот разговор и лежерното секојдневие можат да донесат бура која на прв поглед е невидлива, но го разјадува семејството како канцер. Пиесата на Милан Рамшак Марковиќ „Дождлив ден во Гурлич“ има ненаметлив дијалог во чии пори тлее недоразбирањето и социјалниот раскол како подло и намерно запалено оганче. Овој текст се развива како надоаѓачки сив облак, тивко и непречено, за подоцна да постане бура која ќе ја збрише личноста на Петер, но и на неговото семејство. Додека ја гледате претставата се прашувате дали е ова семејна драма или е социјална парабола која никако да се одвои од реализмот преминувајќи кон еден многу чуден и интересен минимализам.
Драмата која ја развива Рамшак Марковиќ, згазувајќи врз темелите на семејството на Петер и Ингрид, навлегува и во социјалните трауми на современото словенечко, или можеби кое било општество. Овде не станува збор за транзициони сосотојби и контексти, туку едноставно за семејна драма која се развива од вечера на два брачни пара во анемозитет кога ќе се открие дека бразлетната на тетката на Петер ја нема. Оваа состојба се развива временски и напред и назад, довлечкувајќи ги на сцена ликовите од минатото, но и ликовите од сегашноста заедно со нивните трауми. Концептот на Хорват е, како што споменав погоре, крајно минималистички. Тргнувајќи од вгнездувањето на актерите во публиката, па сè до блискоста на реквизитите и актеркската игра, доаѓаме до констатација дека тој минимализам има една чудна, благо аспурдистичка суштественост, не заради брачниот бродолом, туку заради Кафкијанските ретуширања на сцените што го разгоруваат заплетот. Хорват ги седнал и ги доближал актерите многу блиску до нас, наметнувајќи една претпоставка дека универзалноста на современиот мит не треба да ја бараме назад, во историјата, туку во нас, во нашите сеќавања, во нашите потиснати желби, едноставно во нашиот неизживеан живот. И успева во тоа: она од што се плашевме не се случи, а тоа е сувопарноста, а се случи една сценска игра која наликува на реализам, но ја чувствуваме како интерпретација на она што се случило во нашите животи и со време се обидуваме да направиме своја приказна од сето тоа. Во тие тенки нишки на реинтерпретирање на семејните и социјалните трауми се крие тој суптилен апсурдизам кој е голема благодат во оваа претстава. Всушност, тука се крие и спецификата на режисерското видување на Хорват – во различните вистини на ликовите и приказната кои се заплеткани во нешто што Јонеско го нарекува „сомнителна колективна вистина.“
Сцена од претставата „Дождлив ден во Гурлич“
Фото: Архива на театарот „Прешерн“ во Крањ
Во овој концептуален корпус најгустото ткиво се актерите. Актерската игра е она најбесценетото во целата претстава. Таа го води концептот, а ја подгрева и нејзината мултизначност. Алјоша Треновшек својот Петер го одигрува со голема доза на емотивност, но и со голема егзактност во актерската игра. Совршено добро одиграната недоумица и небрежност се јадрото на неговиот лик кој импонира токму со својата доследност и транспарентност. Овој актер ја носи траумата на своето недоразбирање како неочекуван товар кој додека минува низ сите премрежиња повремено го потиснува до премреност. Неговиот израз има една многу благородна динамика која постанува динамика на целата претстава. Тука е и Весна Пернарчич која очајната Ингрид ја отвора со исто толкава доза на емотивност, но таа тоа го прави на малку посуптилен начин навлегувајќи во една рационализација која плени со својата полнозначност. Една од неизбежните координати на оваа претстава е и клошарот/филозоф Јокел на Борут Веселко, една многу интересна фигура во чии Бекетовски резонирања се крие социјалниот немир на претставата. Неговите монолози се возбудливи и предизвикувачки, а неговиот актерски сензибилитет влијателен во координирањето на двата света во претставата: интимниот и социјалниот. Многупати го споменуваме „социјалниот“ момент кој, се чини дека е обвивката на овој мошне интересн проект. Како резигниран продукт токму на тие социјални недоумици се ликовите кои ги толкува Блаж Сетникар: Инспекторот, Келнерот, Чефур, Ловецот, Ахмед, Продавачот и Мицке – сите различни, но еднакви во својот очај и депласираност. Овој актер прави сјајна диверзификација на сите овие ликови, а таков е и младиот Миха Родман кој од друга страна игра ликови чија стаменост е крајно кршлива, една многу интересна глазура на хипокритични ликови како што се Таткото на Петер, Детективот, Полицаецот и Младичот во барот. Секако, како една од најзначајните улоги е онаа на Дарја Рајхман која ги игра Марта и Маруша, чистачката и уличарката, минорни карактери од кои оваа извонредна актерка прави вистински бравури. Што се однесува до актерската игра, би можеле да забележиме дека Хорват во својата подела комбинирал ликови (освен главните) кои се слични во својата карактерологија и ликови кои се дијаметрално различни, но со ист социјален статус. Во оваа карактерна конципираност на претставата имате впечаток дека дејствието се развива со еден Линчовски шмек каде сите се препознаваат едни со други иако не се сретнале во ниедна прилика. Таа зачудност е уште едно многу мудро одвојување на самата драма од прегратките на реализмот.
Секако дека една од најважните компоненти во целата претстава е визуелниот, каде што сценографијата на Игор Васиљев во голем дел сме самите ние, публиката, надоградена со елементарните компоненти на ентериери и екстериери. Оваа оваплотеност на публиката со сценографијата е длабоко закотвена и во костимографијата на Белинда Радуловиќ која е во еден многу современ, но приземен колорит и која, на некој начин допринесува публиката да биде релевантен дел од дејствието на самата претстава. Овде ќе напоменеме дека музичката илустрација на Драго Ивануша е сугестивна и до крај компатибилна со сè она што значи визуелизација и актерска обоеност.
„Дождлив ден во Гурлич“ е претстава за очајот на современите недоразбирања и за тензиите што ги пребаруваме во својата интима за да го разрушиме нашиот дом. Сè што се изградило, неодложно треба да се руши, за врз тоа минато да се изгради друга сегашност и сè така во круг. Оваа претстава на Себастијан Хорват предупредува на погубноста на тие кругови кои се секогаш исти и секогаш опасни и ги отвораат погрешните мемории од кои најмногу страдаат оние што се нашата иднина – децата. Невидливите капки од дождот кој секогаш со себе носи депресивност се претвораат во солзи што овие ликови ги голтаат и не покажуваат дека нивната несреќа е тука, заедно со нашата. Тука започнува колективната трагедија на современииот човек.
Сцена од претставата „Дождлив ден во Гурлич“
Фото: Архива на театарот „Прешерн“ во Крањ