Премиера на документарниот филм „Патување пеш“ на „МакеДокс“

22.08.2024 09:44
Премиера на документарниот филм „Патување пеш“ на „МакеДокс“

По светската премиера, „Патување пеш“ доаѓа дома. Документарниот филм на македонската режисерка Тамара Котевска кој ја воодушеви светската публика на бројни фестивали, доаѓа во Скопје.

Тhe Walk (Патување пеш), денес (22 август), ќе ја доживее својата премиера пред македонската публика, на затворањето на 15. издание на МакеДокс во Куршумли Ан.

Документарниот филм го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка што патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, во обид да си најде дом. Филм за детската невиност и моќта на имагинацијата во време на криза. Раскажувајќи ја одисејата на Амал, преку два континента, ја пренесува судбината на бегалците низ цел свет.

Филмот се снимаше две години, на територија на повеќе од десет земји. Европска премиера ја доживеа во конкуренција на најголемиот фестивал за човекови права, во срцето на Женева, Швајцарија – FIFDH, каде имаше две проекции. А светската премиера беше во Њујорк. Ова е втор долгометражен документарен филм на нашата млада режисерка Котевска и следи после големиот успех на „Медена земја“ за кој доби три големи награди на филмскиот фестивал Санденс во САД во 2019 година, а имаше и две номинации за Оскар следната 2020 година.

Главен продуцент на филмот „Патување пеш“ е една од најнаградуваните британски филмски компании со фокус на документарни филмови, Grain Media, македонски копродуцент е ОХО Продукција, a филмот е поддржан и од македонската Агенција за филм.

Во филмот учествуваат и актерите Фидаа Зидан од Палестина и Муајад Моин од Сирија, кои ја делат истата судбина како огромен број бегалци кои изгубиле сè, вклучувајќи ги своите домови и фамилии, но продолжуваат да бараат засолниште.

По премиерата следи уникатно осмислен концерт на Дуке Бојаџиев инспириран од филмот. Концертот е поддржан од УНХЦР.