Монах со еколошка мисија

22.08.2024 11:34
Монах со еколошка мисија

Фра Махапраном Дамалангкаро, игумен на храмот Ват Чак Даенг, со Хипо, бродот за собирање отпад на соларна енергија зад него.

Со над дваесет милиони килограми пластичен отпад што во текот на годината завршува во океаните, Тајланд е еден од најголемите светски загадувачи на морските води со пластика.

Како што се проценува, реката Чао Праја, која тече и низ главниот град Бангкок, е водечки национален виновник за тоа загадување. Реката годишно превезува околу четири милиони килограми пластичен отпад.

Очаен да ја врати реката Чао Праја во поранешната чиста состојба, еден будистички монах почнал да рециклира во својот храм на самата река јужно од Бангкок. Неодамна, за неговите напори да ја исчисти реката добива пловечки сојузник - брод за собирање отпад на соларна енергија наречен Хипо.

Во одумдесетитте години на минатиот век, ситуацијата била многу поразлична: монахот фра Махапраном Дамалангкаро се сеќава дека гледал деца како си играат во реката Чао Праја и луѓе како ја допираат водата со раце. Кога се приклучил на храмот, дваесет и пет години подоцна, нашол валкана река опкружена со ѓубре.

На крајот од секој ден будистичките монаси од храмот Чак Деанг го носат ѓубрето произведено од активностите на храмовите во центарот за рециклирање

Дамалангкаро не седел со скрстени раце, сакал да придонесе за решавање на проблемот со помош на целата заедница. Затоа во храмот изградил центар за рециклирање, кој еволуирал од собирање на само неколку шишиња до рециклирање на триста тони пластика годишно. Отпадот се користи за правење наметки за монасите кои велат дека ткаенината лесно се пере, нема непријатен мирис и е лесна на кожата.

Меѓутоа, количината на ѓубрето била поголема од онаа што можеле да ја соберат монасите и локалното население. Но, благодарение на организацијата која наоѓа решенија за загадувањето со пластика, Seven Clean Seas, тие добиле помош во таа борба.

Основачот на Seven Clean Seas, Том Пикок-Назил (во средина) и Фра Махапраном Дамалангкаро (десно), на церемонијата за лансирање на проектот Хипо во Бангкок

Кон крајот на јули, извршниот директор на организацијата Том Пикок-Назил и монахот Фра Махапрана Дамалангкаро го лансирале бродот на соларна енергија, Хипо, кој има за цел да отстрани 1,4 милиони килограми отпад од фреквентниот воден пат во текот на една година.

Отпадот после дождови и поплави од копното се влева во реките. Покрај тоа, и покрај паричните казни, поединци продолжуваат илегално да фрлаат ѓубре во Чао Праја.

Хипо е дизајниран така што подвижна лента го извлекува ѓубрето од реката, складирајќи го во контејнер под покривот. Купот шишиња, садови за храна и кеси потоа ќе бидат сортирани и рециклирани во објектот на храмот.

Тимот ќе работи осум часа дневно на бродот, но тие се свесни дека, со плимата, може да очекуваат зголемување на обемот на работа.

Спонзорството помогнало да се покријат тековните трошоци на Хипо, идните трошоци и одржување ќе се плаќаат со пластични кредити, кои компаниите можат да ги користат за да ја надоместат својата пластична стапка.

Работници волонтери/ки во Ват Чак Даенг шијат портокалови облеки за монасите од ткаенина направена од рециклирана пластика

Од Ват Чак Даенг, дел од пластиката се испраќа во фабрика за да се претвори во ткаенина. Ткаенината потоа ја шијат доброволци шивачи/ки во храмот во облеки во боја на шафран за монасите, како и ќебиња и чанти.

Дамалангкаро има нов начин да ги охрабри луѓето да им го испратат отпадот на монасите. „Луѓето можат да направат будистички заслуги со тоа што ни даваат пластични шишиња, кеси и хартија“, вели тој. Според будистичката вера, добрите мисли, постапки или дела можат да бидат еднакви на заслуги, што може да помогне да се одреди квалитетот на следниот живот на личноста.

Монасите можат да ја обновуваат повеќеслојната пластика, што се смета за предизвик за рециклирање, благодарение на новата машина која користи метод на хемиско рециклирање познат како пиролиза за да ја разложи пластиката во масло. Секој органски отпад се претвора во ѓубриво со помош на два индустриски компостери.

Хипо ја создаде последната врска во циркуларната економија на Ват Чак Даенг. Сега целта на тимот е да се произведат повеќе такви продови за да се справат со другите загадени реки на други места во Тајланд и југоисточна Азија.

Основачот на организацијата Seven Clean Seas Пикок-Назил вели дека решавањето само на реките не е решение. „Треба да работиме на брегот и во речните заедници за да се осигураме дека тие ја имаат потребната инфраструктура за да го спречат истекувањето на пластиката во животната средина на прво место“, вели тој.

Организацијата Seven Clean Seas, освен проширување на својот досег во Бангкок, планира да создаде образовни програми на локално ниво и би сакале во иднина да го понудат Хипо како пловечка лабораторија за универзитетите.

„Навистина се надевам дека еден ден ќе бидеме технолошки вишок и нема да мора да постоиме како организација и бродовите Хипо нема да треба да пловат во реката, но до тој ден ќе продолжиме да го правиме она што го правиме на најдобар можен начин“, вели Пикок-Назил.

Тајланд планира да рециклира 100% од својот отпад до 2027 година. Тоа е голем скок од сегашните 37%, а Хипо може да помогне да се постигнат овие амбициозни цели.

Фра Махапраном Дамалангкаро во преддворјето на храмот Ват Чак Даенг

Фото: Lauren DeCicca

Извор: https://www.theguardian.com

ОкоБоли главаВицФото