1022 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:59
Маријана Чанак е гостинка на фестивалот Друга приказна.
Седи во собата што ја избрале за неа уште пред да се роди. Наведната над книгата, го придржува лицето со дланките. Се досадува, масата е ниска и нема простор да млати со нозете, ниту да се залула на столицата. Книгата ѝ се гади под прстите, хартијата е рапава и жолта, речениците се мртви, а црно-белите слики на одвратните војсководци предизвикуваат мачнина во неа. Се замислува себеси на утрешниот час како пркосно одбива да ја пишува задачата, како ја истресува содржината од училишната торба во корпата за ѓубре и заминува.
– Каде мислиш дека одиш?
– Да живеам!
Тогаш сфаќа дека таа всушност не знае што значи да се живее, па повторно го нурнува носот во книгата. Зема линијар и пенкало со повеќе бои и почнува да ги подвлекува речениците. Место да ги издвојува клучните зборови, подвлекува сè по ред, онака како што чита, зашто ништо од таа книга не е важно. Од буквите гледа решетки, заробена е во четивото и гнев ѝ врие во стомакот. Подвлекува жестоко и грубо, хартијата се кине под пенкалото. На маргините испишува омраза и презир. Се расплакува од гнев, водата од очите му го наквасува лицето на војсководецот и тоа се распаѓа како ’рѓосан метал. Мислите повторно ѝ талкаат, таа лебди над училницата и застанува на задната клупа. Таму каде што ги сместуваат багабонтите и пробисветите, неписмените и отфрлените, бунтовниците. Со нив сака да биде. Замислува дека се бакнува со еден од тие момци. Замислува дека ги бакнува сите момци одеднаш, таа е дел од кланот, а кланот ќе го запали училиштето. Кога пожарот ќе стивне и димната завеса ќе се спушти, не гледа понатаму. Не знае како изгледа денот потоа.
– Замолчи и направи што ти е кажано! – си вели и си ја удира главата со книгата.
Сфаќа дека побрзо би било ако подлегне, ако ја откине лекцијата од кориците, ја соџвака и ја пушти директно во крвотокот. Утре беспрекорно ќе повтори сè што проголтала, како да ѝ е грижа, како лажното знаење да ја возбудува повеќе од самиот живот. Си ветува себеси дека ќе издржи и дека сè ќе биде поразлично кога ќе заврши училиштето, кога ќе може самата да ги избира својот ден и своите книги.
– Каков ден ќе биде тоа! – размислува возбудено. – Повозбудлив од авантуристички роман!
Се замислува себеси возрасна. Има помалку од триесет, оти луѓето на триесет се веќе стари, дебели и грди. Има, на пример, дваесет и три или и пет. Можеби е мажена. Да, зошто да не! Го гледа својот сопруг како спие на стол додека таа избезумено смука околу него и прибира сè што треба да се исчисти, испере, исуши, испегла, закрпи, зготви, подгрее. Тој ништо, спие. Но, барем не ’рчи. Еден негов чорап се заглавил во правосмукалката. Го гаѓа со чорапот. Тој уште спие. На нерви ѝ оди нејзиниот сопруг. Нема ништо лошо во тоа, сите велат дека најмногу ти одат на нерви тие што ги сакаш. Таа ужасно го сака својот сопруг. Му се раздра в лице и го разбуди. Тој само ја погледна, а потоа се префрли од столот на креветот. – Што ти е, жено? – промрмори зачудено. – Постојано незадоволна... што сакаш од животот? Таа го погледнува како што денес гледа во војсководците и продолжува да чисти. Ужасната, сфаќа дека ѝ е досадно исто како и сега.
* * *
Седи во изнајмена соба. Престојот таму ја чини пет евра на ден. Заработува по седум евра дневно, под услов да има работа. Во последните два месеци има среќа, работи во државна служба, па добива дури и патни трошоци, иако не користи никаков превоз. На замена е, штом некој од колегите ќе замине во пензија или ќе умре, ќе ја примат трајно. Помладите колеги ја бодрат велејќи: – Сите така се занесувавме на почетокот, не грижи се, ќе помине. Колку побрзо се ослободиш, толку полесно ќе ти биде! Не знае како да попушти, па ја советуваат:
– Најважно ти е да се мирни на час! Поради директорот, знаеш. Нема тој да проверува што си ги научила, но ќе чуе ако прават врева.
– Јас имам договор со нив: петнаесет минути да ме слушаат и запишуваат што кажувам, а останатиот половина час можат да излезат надвор. Добро за сите!
– Ништо нема да ти читаат, само да знаеш. Пуштај им филмови, тоа им го задржува вниманието.
– Кога ќе ги испрашуваш, не ограничувај се само на материјалот, така никој нема да ја помине годината! А што ќе ти е пак да ги гледаш? Прашувај ги додека не најдеш нешто што знаат! Јас, на пример, барам да направат десет склека за поминување, ако веќе не знаат да кажат ништо за струјното коло. Јасен ти е системот?
– Ова е добра работа, особено за жена. Одработуваш четири часа, тоа не е ништо, па имаш време да им се посветиш на домот и на своите. Нели е така?
Не знаеше, бидејќи сè уште нема ни куќа ни свои, иако наближува кон триесеттите. Барем не е дебела, и не е погрда од што била во пубертетот. Ако е сè толку добро како што велат, зошто на работа оди со цигли во стомакот? Тој товар ѝ е потежок од сите книги што ги има прочитано.
– Каква иронија – му вели на својот долгогодишен дечко – целиот живот чекам да заврши училиштето, а потоа се вработувам како наставничка!
– Што се чудиш? – ја гледа со неразбирање. – Па тоа го заврши! Што мислеше дека ќе работиш?
– Мислев дека ќе се бавам со научно-истражувачка работа.
– Постојано нешто не ти е по ќеиф. Знаеш ли колку луѓе би убиле за работата што ја имаш? Три месеци годишен, еј! Каде другаде го има тоа?
Таа го тргна погледот и не му одговори. Мисли дека до првиот годишен ќе соѕида гробница со циглите што ѝ се натрупуваат во стомакот. Неблагодарна е, се срами од своите желби и од себеси.
– Морам да одам дома, мама вика на ручек. Ајде, разведри се малку и биди добра! – ѝ рече тој, површно ја бакна, ниту в образ, ниту во усните, па поита дома.
Таа останува сама и слободна да ја замисли иднината со него. Има помалку од четириесет, зашто луѓето во четириесеттите се ожебавени, збрчкани и исцедени како суви смокви. Има, на пример, триесет и три или и пет. Можеби родила деца. Да, зошто да не двајца синови, синовите полесно се одгледуваат отколку ќерки. Ги гледа своите две момчиња како се фрлаат по собата, низ чии ѕидови претекуваат играчки. Газат со нозете на подот како да се потковани, се гаѓаат со лего-коцки, кинат сликовници, урлаат. Им приоѓа да ги смири, но тие воопшто не ја гледаат. Им се загледува во малите пркосни лица и забележува дека никој од нив не личи на неа. – Сè сте повлекле на фамилијата на татко ви – вели вомјазено, а постариот ја погодува со пластична коцка насред левата веѓа. Помалиот се тркала од смеење. Мажот ѕирнува низ вратата: – Одам на вечера кај мама, се гледаме подоцна. Бидете мирни! Таа си ја протри веѓата, им се закани на момчињата, па ги моли, се обидува да ги поткупи, а потоа поразена сфаќа дека не може да ги контролира, исто како што денес не може да ги контролира децата што ѝ се доделени во училиштето.
* * *
Седи во собата што ќе ја исплаќа наредните дваесет години. Тогаш ќе има речиси шест децении и недоволно работен стаж за пензија. Судејќи по сè, нема да биде ничија баба, иако многумина така ќе ја ословуваат. – Педесеттите се новите четириесетти! Четириесеттите се триесетти со искуство! – повторуваат затегнатите дами во рекламите за препарати против стареење. Ги мрази тие госпоѓи и ги смета за празноглави, а сепак со сите сили се труди да биде како нив. Еднаш месечно ја фарба косата, два пати годишно ги избелува забите. Три пати неделно оди на јога и со секој здив ги пцуе предците и потомците на инструкторката. Се храни по строг режим, се држи настрана од сè што е слатко и вкусно, попрво ќе умре од глад отколку да касне по шест часот попладне. Најобилно се храни преку кожата, ноќе и дење. Се ужаснува од прејадување на прослави, па затоа и ретко слави нешто. Да имаше мачка, ќе го славеше нејзиниот роденден бидејќи деликатесите за мачки не ги намамуваат луѓето. Би сакала својот простор да го дели со некое животно, но не се осмелува, бидејќи мачките можат ненадејно да заминат, комшиите трујат туѓи кучиња, желките умираат од очни болести, гулабите ја валкаат терасата.
Ѝ стигнува порака: – Да одиме на по едно црно? Ја крева маицата и си го мери стомакот. Ако е доволно рамен, ја прифаќа поканата. Истото сценарио со години. Редовно ѝ се јавува секоја среда, велејќи: – Среда е наш ден! Тој бира време, таа избира место, за да не залутаат некаде кај што излегуваат нејзините ученици. Седнуваат подалеку од шанкот, тој нарачува темно пиво, таа вино. Зборуваат шкрто и се гледаат двосмислено. Тој ја плаќа сметката, остава дарежлив бакшиш, ја вози дома. Пред нејзиниот влез вешто ја фаќа за вратот и почнува да ја бакнува. Со другата рака ги раскопчува панталоните, а потоа ѝ го нурнува лицето во скутот и грубо ѝ ја мрси косата. После веќе не ја бакнува. Се закопчува набрзина и со крадечки чекори влегуваат во нејзиниот стан. Маневрира со нејзиното тело како Кама сутра да му е вградена во челото. Никогаш не користи заштита, никогаш не ѝ овозможува кулминација, секогаш исчезнува взори. Сето тоа е подобро од ништо.
Додека избира облека, парфем и накит, таа мисли на денот кога телото ќе престане да ја мачи со страста, а умот со желби. Мисли на денот кога веќе нема да има очекувања, стремежи и грижи, бидејќи малку работи доаѓаат допрва, а уште помалку се повлекуваат. Староста наеднаш ѝ се чини како спас. Се замислува себеси стара и дементна. Одамна веќе не ги брои годините. Телото ѝ е како кора од дрво, суво, избраздено и трошно. Никој не ја забележува, невидлива е дури и за себе. Кога застанува пред огледалото, гледа само испарување кое го замаглува секое нејзино сеќавање на животот. Не си го знае веќе ни сопственото име, ниту дали е жена или птица. Ја исполнува дотогаш непознато чувство, некое неименувано задоволство, блаженството на заборавот. Животот, конечно, е неизискателен и едноставен. За такво чувство вредеше да се роди.
Слики: Maeve van Klaveren
Превод: Љупка Евроска
Извор за текстот: https://astronaut.ba/proza/marijana-canak-sutrasnja-secanja/
Маријана Чанак (1982, Суботица) пишува проза. Студиите за литература ги завршила на Филозофскиот факултет во Нови Сад. Ги објавила книгите: Улични продавачи на улици (Ulični prodavci ulica, 2002), збирката раскази Прамајки (Pramatere, 2019; второ, проширено издание 2023), романот Клара, Клариса (2022, во најтесен избор за наградите НИН и Витал), и збирката раскази Пат од црвена тула (Put od crvene cigle, 2023). Двократна е добитничка на наградата „Лаза К. Лазаревиќ“ за најдобар необјавен расказ на српски јазик. Нејзините раскази се преведени на германски, англиски, албански и македонски јазик. Живее и работи во Нови Сад.