1009 hPa
36 %

24 °C
Скопје - Пон, 21.04.2025 18:59
Пробиотиците веројатно не се првата асоцијација кога станува збор за лекувањето алергии, но истражувањата спроведени последниве 20 години покажаа дека имаат потенцијал значително да ги намалат реакциите на луѓето на алергиите кои станаа голем глобален проблем.
Имено, истражувањата покажуваат дека околу 300 милиони луѓе во светот страдаат од астма, 200 до 250 милиони имаат алергиска реакција на некоја прехранбена намирница, додека околу 400 милиони луѓе страдаат од алергиски ринитис, односно иритација на слузокожата на носот. Во развиените земји ситуацијата е неповолна зашто секоја четврта личност во текот на животот искусува некаков вид алергиска реакција.
Најстариот и прв во низата начини за спречување алергиска реакција е избегнувањето алергени. Бидејќи тоа често е невоможно, се прибегнува кон терапии кои вклучуваат лекови од групата кортикостероиди, антихистаминици и поретко епинефрини и стабилизатори на масни клетки. Овој вид терапија спаѓа во првиот избор и е најчесто користена терапија за алергии.
Бидејќи кај одреден број луѓе претходно споменатите лекови не успеваат да ја држат алергијата под контрола, се прибегнува кон третман на пациентите кој подразбира градење толеранција на некој конкретен алерген. Третманот подразбира инјектирање на алергенот во мали дози кои постепено се зголемуваат. Покрај инјектирањето, алергените во организмот можат да се внесат преку таблети кои се ставаат под јазикот. На овој начин пациентот со текот на времето станува помалку осетлив на молекулата која ја предизвикува алергијата. Иако овој третман дал добри резултати кај алергиите на полен, прашина или убод од инсекти, не се покажал како ефикасен кога се во прашање алергиите на храна, лекови, пердуви или егземи.
Последниве децении многу истражувања испитуваат нов третман за лекување алергии со помош на пробиотици. Научниците дошле на оваа идеја по испитувањето на причините за големата зачестеност на алергиските реакции во развиените земји и земјите во фаза на економска транзиција во однос на неразвиените. Во обидите да ја испитаат и објаснат оваа појава, најголема поддршка кај научната заедница добива теоријата наречена „хипотеза за хигиената“ која е настаната 1989-та година, а нејзин творец е научникот Дејвид Страчан од Универзитетот во Лондон.
Оваа хипотеза објаснува дека заради високиот степен на хигиена на храната, како и општата хигиена, нашиот организам е лишен од висока стапка на интеракција со нечистотиите и патогените микроорганизми од надворешната средина, што создава пореметување во функционирањето на нашиот имунолошки систем.
Имено, некогаш човечкиот организам бил во константен допир со разновидната флора од надворешната средина а тоа ги активирало имунолошките клетки Тх1, додека алергиската реакција на одредени молекули од надворешната средина исто така била присутна и ги активирала имунолошките клетки Тх2. Со високиот степен на хигиена значително сме ја намалиле количината микроорганизми со кои стапуваме во контакт, што драстично го намалило нивото на имунолошките клетки Тх1 во крвта. Намалувањето на едниот тип Тх клетки довело до нарушување на односот на активните имунолошки клетки Тх1 и Тх2 во нашиот организам, а оваа состојба на нерамнотежа доведува до симптоми на алергија, кои добро им се познати на многу луѓе.
Претходно објавените студии покажале дека бактериите кои се населуваат во нашиот интестинален тракт имаат големо влијание на односот на клетките Тх1 и Тх2. Двете претходно споменати сознанија ги поттикнале научниците лекот за изразените алергиски симптоми да го побараат во промена на микрофлората на интестиналниот тракт кои сочинуваат разни видови микроорганизми.
Бројните студии спроведени ширум светот докажале дека пробиотиците од групата Лактобацили, Стрептококи и Бифидобактерии имаат позитивен ефект на имунитетот доведувајќи до промена на односот на Тх1 и Тх2 клетките како и до зголемено создавање бутирати, молекули кои ја смируваат инфламацијата. Бидејќи микрофлората во интестиналниот тракт многу се разликува помеѓу различните единки во рамки на популацијата, влијанието на пробиотиците на нашиот организам ќе биде различно. Затоа препорака на научната заедница е квалитетот на експериментите да се подобри со значајно зголемување на бројот на испитаниците.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://naukakrozprice.rs/
Слики: Rogan Brown (The Human Microbiome)