1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 06:59
Кити О’Нил изведува сцена од Wonder Woman. Сценариото барало Wonder Woman да скокне од 12-катница. Фото: Архива Бетман
Сето она што што го правеше суперхероината Чудесна жена (Wonder Woman) на екранот, Кити О'Нил го правела во реалниот живот. Таа поставила светски рекорди, и на копно и во вода и воздух. Излетување од оган, падови, судири и експлозии биле нејзината специјалност. Легендарната каскадерка почина на седумдесет и две годишна возраст, на 2 ноември 2018 година.
На многу начини, нејзиниот живот бил понеобичен од приказните за ѕвездите на кои таа им била дублерка. Во 1976 година, Кити О'Нил станува најбрзата жена на светот, кога го поставува светскиот рекорд за возење ракетен автомобил на три тркала со просечна брзина од 512.710 милји на час. Рекордот сѐ уште не е соборен. На вода, таа станува рекордерка во возење со млазен брод (275 милји на час) и скијање на вода (105 милји на час).
Облечена во костим на Wonder Woman, таа скокнала од врвот на хотелот Вали Хилтон на воздушно перниче на тераса, а потоа го соборила сопствениот рекорд скокајќи од хеликоптер од височина од 54.864 километри. Од таа висина воздушното перниче ѝ изгледало како поштенска марка.
Кити е родена во Тексас во 1946 година. Нејзиниот татко загинал во авионска несреќа кога била дете. Пораснала со нејзината мајка, Индијанка од племето Чироки. Уште како бебе преживеала треска придружена со сипаници и заушки, кои целосно ѝ го уништиле слухот.
Стокард Чанинг и Кити О'Нил во 1979 година.
Фото: Колекција Еверет
„Мајка ми ме охрабруваше да читам од усни, но не ме охрабруваше да спортувам - тоа го направив сама”.
Била многу успешна во нуркање, а потоа за време на подготовките за Олимпијадата го крши зглобот и добива менингитис на 'рбетот. Изгледало дека никогаш повеќе нема да оди, но целосно се опоравува.
Во своите дваесетти таа двапати се соочила со карцином. Преживеала сѐ, но ѝ било кажано дека е премногу слаба за да ја продолжи спортската кариера, па почнала да учествува на трки со автомобили и мотоцикли.
Во тоа време, каскадерите биле претежно мажи, без разлика дали се работи за машка или женска улога во филмот. Со години немале формална обука ниту препораки за безбедност.
Кити О’Нил се подготвува да скокне од хеликоптер на воздушно перниче.
Фото: Џеф Ворнер
Првата асоцијација на каскадери е основана во 1961 година, а дури кон крајот на шеесеттите години почнуваат да се откриваат нивните имиња на екранот. Во средината на седумдесетите, каскадерките сè уште биле новина и нема сомнеж дека Кити О'Нил поставила нови стандарди во тој поглед.
Таа се повлекува од сцената во раните осумдесетти, исцрпена физички и ментално. Наоѓа мир во Јужна Дакота, каде што локалниот музеј има оддел посветен на нејзината неверојатна кариера.
Што се однесува до тоа зошто О'Нил била толку силна и брза и можела да издржи толку многу удари, постојат неколку можни теории. Можеби се навраќала на тоа болно рано искуство и на чувството како е да се биде глуво дете, што ѝ правело да чувствува потреба да се докажува. Таа секогаш велела дека нејзината големина многу ѝ помагала: таа била прилично ниска, што ѝ овозможувало леснотија и брзина во движењето и, како што тврдела, тоа ѝ овозможувало полесно да го издржи ударот.
На крајот на краиштата, можеби била природно бестрашна: „Не се плашам од ништо. Едноставно само треба да го направиш тоа што го сакаш! Добро е чувството кога ќе завршиш. Знаеш дека си успеал”, му вели таа на новинарот во едно интервју во 2015 година.
Кити О’Нил се потсетува на своите 22 светски рекорди. Фото: Incredible Features/mediadrumimages.com
Извор: https://www.theguardian.com