1008 hPa
41 %
31 °C
Скопје - Пон, 09.09.2024 13:59
Томислав Марковиќ е гостин на фестивалот Друга приказна.
Непотребните да се пречкртаат
Непотребните да се пречкртаат
Со молив, пенкало, хемиско
Непотребните да се избришат
Со гума, коректор, сунѓер
Заборав
Од сите списоци
Од платниот список
Од списокот на живите
Од списокот на исчезнатите
Да им се уништи секоја трага
Да не остане ни помен на грдотијата
Премногу непотребни има на списокот
Некорисни. Неупотребливи
Одвишни луѓе. Излишници
Оние што не чинат ни за Бога ни за народот
Особено за народот. И за овластените божји дилери
Само ги јадат дрвјата и не прават ништо
Го узурпираат српскиот простор
Како духовен така и физички
Прават метеж по возилата на градскиот сообраќај
По заводите за вработување
По болничките соби
Ги заземаат местата на чесните луѓе
Ја валкаат девствената белина на општествената маргина
Измислуваат српски нацизам
И слични кукести фатаморгани
Им се ругаат на јадовите на српската душа
Изведуваат некакви перформанси
И други бесни глисти
Се откажуваат од светата српска земја
Ништо не им е свето
Се буткаат кај што не им е место
Не се добри ни за топовско месо
Тоа веќе не може да се трпи
Непотребните да се избришат
Исчезнатите
Исчезнале. Се изгубиле. Нигде ги нема.
Како во земја да пропаднале.
Без трага и глас.
Како земја да ги проголтала.
Нигде ги нема ни од немајкаде.
Нигде никој.
Изгубени.
Негде сме ги зафрлиле.
Залутале во лавиринтот на минското поле.
Се стопиле под дождот од олово.
Тркнале до логорот по цигари
и оттогаш не се вратени.
Ни живи ни мртви. Нешто помеѓу.
Постојат уште само на списоци.
Претворени во бројки и букви.
Зад нив останаа празните столици.
Празните ракави, празните ногавици.
Празните полици во домашните библиотеки.
Исчезнати. Изгубени. Нигде ги нема.
Како во книжевност да пропаднале.
Ги баравме меѓу редовите.
Во приказните магично раскажани.
Во песните што го изеле сонцето.
На внатрешната страна на ебиветрот.
Меѓу проѕирните ангели од непробојно стакло.
На отруениот врв од лудото копје.
Во сендвичот од војнички леб и волчји јазик.
Гласовите на исконот не зборуваат за нив.
Во романот-држава не примаат емигранти.
Во древните зачетоци на мракот
не се гледа прст пред нос.
Ги нема дури ни зад
решетките од живи стихови.
Под тепихот не ѕирнавме
поради алергијата на грини и прашина.
Би ги правеле и од кал,
но во моментов имаме поважна работа.
Иднината нè чека зад аголот
со ископаната секира в раце.
Кого го нема, без него се може.
Сите места се уредно пополнети.
Светот е полн како око, заокружен
како тениско топче.
In memoriam
Книжевноста е убиена во војната
Местото на злосторот уште не е познато
Сомнителни се неколку губилишта,
Неколку логори,
Извесни опседнати градови
Истрагата е во тек
Тапка во хроно-топ
Чија цевка упорно чади
Книжевноста не ја преживеа војната
Но писателите тоа не го забележаа
Беа зафатени со влезот во историјата на литературата
Во канонот на националните големини
Кои редовно стрелаат канонади
Од длабокото минато.
Продолжија да пишуваат
Романи-држави
Есеи-сложувалки
Раскази на патот кон академијата
Песни за никого
Театарски менија
Астролошки водичи
Прирачници за гатање
Како ништо да не се случило
Книжевноста гние во масовна гробница
Ѝ растат нокти и коса
Книжарите се полни со човечки отпадоци
За секого има по нешто
Епска фантастика од прадедовските коски
Чиклит со црвени нокти
Љубовни романи со милата мртва
Урбана проза со вештачки заби
Хорори од кои се дига
Покојната коса на глава
Трговијата цвета на хумка
Расте од плодната земја
Стока со врвен квалитет
Блеска од полиците
На слободниот пазар
Има место за сите деривати
На саканата покојница
Краткаја памјат и антиамин
Избор и превод: Никола Гелевски
Слики: Готфрид Хелвајн
Томислав Марковиќ (1976), пишува поезија, проза, есеи, нефикција и жанровско хибридни форми.