1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 05:59
На 21.08.2024, повеќе медиуми известија за најновите статистички податоци за просечната (нето) плата, а темата „минимална плата“ се најде во фокусот на медиумското внимание по барањето на синдикатите (ССМ) за исполнување на ветувањето за зголемувањето на минималната плата на најмалку 450 евра.
Но, како и многу пати претходно, и овој пат медиумите не известија за најновите статистички податоци за реалната нето – плата, иако податоците за „реална нето-плата“ се составен дел од месечните соопштенија за „Просечна месечна исплатена нето-плата по вработен“ на Држaвниот завод за статистика.
Известувањата и анализите за реалната нето – плата се неопходен услов за да се оцени учинокот на претходните влади и нивните ветувања за зголемување на животниот стандард. И учинокот на новата влада на Христијан Мицкоски, чија програма како приоритет има „квалитетен животен стандард“, ќе се оценува и врз основа на податоците не само за номиналната просечна плата, туку и за реалната просечна плата, кои се теми од јавен интерес.
Зошто немаше известувања за разликата помеѓу „номинална“ и „реална“ нето – плата?
Како што укажуваат некои економски експерти, „неправењето разлика меѓу номиналните и реалните податоци“ при „Споредување на просечната плата низ годините“, води кон несоодветни споредби и манипулативно презентирање. За да се избегне можноста граѓаните да бидат доведувани во заблуда при споредба на податоци за платите треба да се користи „Реална или вистинска вредност“, односно, „кога номиналната вредност ќе ја корегираме според стапката на инфлацијата на соодветната валута“.
Токму затоа, не само за економистите, туку и за новинар(к)ите, работниците и граѓаните треба да се поважни податоците за просечната реална нето-плата, кои исто така се дел од соопштенијата на Заводот за статистика. Особено затоа што номиналната плата може да се зголеми, а реалната плата да се намали, како што имавме случај во претходното соопштение за мај 2024, кога „Просечна исплатена месечна нето-плата, во денари“ во однос на претходниот месец беше 100.4, а „Реална нето-плата“ беше 99.6.
Меѓутоа, во соопштението за јуни 2024, „Просечна исплатена месечна нето-плата, во денари“ во однос на претходниот месец беше 101.7, а реална нето плата беше 101.9.
Следствено, насловот „За еден месец просечната плата се зголеми за 14,8 отсто“ не ја поминува проверката на факти. Како што соопштија повеќе медиуми во насловите, зголемувањето „14,8 отсто“ е кога ќе се направи споредба за една година, а не за еден месец.
Иако повеќе медиуми известија, а некои медиуми и го акцентираа во наслови зголемувањето „14,8 отсто“ за една година, ниту еден медиум не извести за реалната нето – плата, односно, за нејзиното зголемување од 11,2% за една година.
Токму затоа, препорачливо е и новинар(к)ите да прават разлика помеѓу „просечната номинална нето-плата“ или „Номинална нето-плата“ и „реална нето-плата“, и да почнат редовно да ја известуваат јавноста за „реалната нето-плата“, која ја зема предвид и стапката на инфлација.
Колку се зголемила „реалната нето-плата“ во последниве седум години?
Последното соопштение на Државниот завод за статистика за јуни 2024 ни дава можност за споредбени анализи за движењата на „номиналната нето-плата“ и „реалната нето-плата“ од јуни 2017 до јуни 2024. Првата Влада на Зоран Заев беше конституирана на 31.05.2017, а првата владина седница предводена од премиерот Мицкоски беше на 28.06.2024, така што периодот јуни 2017 – јуни 2024 може статистички да се пресметува како период на економски ефекти од одлуките на владите предводени од СДСМ.
Ако внесеме соодветни податоци од соопштенијата на ДЗС за секој јуни од 2017 до 2024 година, ќе ја добиеме следнава Tабела 1 за разликите помеѓу Номинална нето-плата и Реална нето-плата, во однос на истиот месец претходната година:
Се разбира, прво што паѓа во очи во табелата е дека има големи разлики помеѓу „номинална нето-плата“ и „реална нето-плата“, во однос на истиот месец претходната година. Тие разлики се највоочливи во јуни 2022, кога иако номиналната нето-плата пораснала за 10.9%, имало пад на реалната нето-плата за 3.1% во однос на јуни 2021 година. Да потсетиме, на пример, на еден напис од 28.11.2022, ПЛАТИТЕ ЈА ГУБАТ ВРЕДНОСТА, растот на просечната е ирелавантен, неопходни се мерки за зачувување на животниот стандард, каде што економистот Здравко Савески појаснува дека „иако просечната номинална плата во септември 2022 се зголемила за 13 отсто, тоа е тотално ирелевантно за работникот што ја земал таа плата, бидејќи неговата реална плата во истиот период паднала за 5 проценти“. Проверката на податоците од ДЗС укажува дека навистина, „Просечна исплатена месечна нето-плата, во денари“ за месец септември 2022 била 112.8, а „реалната нето-плата“ била 95.00, односно, дека „паднала за 5 проценти“.
Но, медиумите имаат должност да известуваат за реалната нето-плата и кога се намалува и кога се зголемува. На пример, Табелата 1 недвосмислено покажува дека имало раст на реалната нето-плата во последниве седум години (јуни 2017-јуни 2024), и покрај реалниот пад во 2022 година. Според податоците на ДЗС, во 2022 имало пад на 2.9% на реалната нето плата во однос на претходната година, но, во 2023 растот на реалната нето-плата бил 5.1%, во 2021 2.3%, во 2020 6.5%, во 2019 3.1%, во 2018 4.4%, а во првите шест месеци од 2024 растот на реалната нето-плата е 11%.
Сето тоа го наметнува заклучокот дека платите пораснале не само во номинален, туку и во реален износ, односно, дека е подобрен и животниот стандард на граѓаните. Оттаму, тврдењето на министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска од 12.08.2024 дека „Ние сега во овој период, преку инфлацијата, плати – инфлација – плати, направивме животниот стандард на луѓето да е многу полош отколку што беше претходно“, е фактички непоткрепено, имајќи ги предвид официјалните податоци на ДЗС.
Како што истакна и експертот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт на 18.08.2024, „Просечната плата порасна од околу 22.000 денари на средината на 2017 година, на околу 41.000 сега. Точно е дека и цените многу пораснаа во ова време, ама дури и кога ќе се коригира за нивниот раст, просечната плата порасна за околу 30 проценти во реален износ.“
Колку и дали се зголемила „реалната нето-плата“ во периодот од јуни 2010 до јуни 2017?
Податоците на ДЗС за реална нето-плата, кои датираат од 2010 година, ни овозможуваат да направиме споредба со периодот од последниве седум години, со седумте години претходно, и да ја добиеме Tабела 2 за разликите помеѓу категориите Номинална нето-плата и Реална нето-плата, во однос на истиот месец претходната година од јуни 2010 до јуни 2017 година.
И во оваа табела, прво што паѓа во очи е дека има големи разлики помеѓу „номинална нето-плата“ и „реална нето-плата“, во однос на истиот месец претходната година, а дека во една година (јуни 2012) имало пад дури и на номиналната нето-плата. Податоците на годишно ниво за „реална нето-плата“, во однос на претходната година, за 2010 се 101.4, за 2011 се 97.6, за 2012 се 97.1, за 2013 се 98.4, за 2014 се 101.5, за 2015 се 102.7, за 2016 се 102.2, за првите шест месеци од 2017 се 101.3.
Иако и во овој период медиумите главно известуваа за статистички информации за „номиналната нето-плата“, во архивите можат да се пронајдат и наслови кои сведочат за медиумски интерес за состојбата со реалните нето – плати.
Во архивите можат да се пронајдат анализи од 2014 година, кои укажуваат дека „во изминатиов период имаме значителен пад на реалните нето-плати“ (Пораст на плати од над 60% е шарена лага!). Врз основа на овие заклучоци за реалните нето-плати, Самоил Малчевски, во ноември 2014 година истакнува дека „навистина е крајно нелогично години наназад државата да бележи пораст на бруто-домашниот производ и да расте нејзината задолженост, а притоа ниту да имаме значителна изградба на капитални објекти, ниту да имаме пораст на стандардот на граѓаните“.
И во написот од 25.02.2016 „Просечната плата речиси го достигна нивото од 2009 година“, се укажува дека „Податоците на државниот завод за статистика покажуваат дека реалната плата во изминативе шест години е намалена за половина процент“, како и дека „Реалната плата се намалуваше во 2011, 2012 и 2013 година, додека во последните две години расте.“
Навистина, податоците од Табела 2, и податоците на годишно ниво, сугерираат дека немало забележително зголемување на реалната нето-плата од јуни 2010 до јуни 2017 година, како што имало во периодот од јуни 2017 до јуни 2024 година (види Табела 1).
Без официјалните податоците за реалната просечна плата, не може да се оценуваат ветувањата во врска со животниот стандард
Се разбира дека медиумите не треба да бидат ограничени само на статистичките податоци на ДЗС, и дека можат да прават и други споредби во врска со платите и животниот стандард, како на пример споредбите на платите (и минималната плата) и синдикалната кошница. На пример, во написот „Растот на платите ја губи трката со синдикалната кошница“, се изведуваат заклучоци дека „растот на платите ја губи трката со растот на потрошувачката кошница“, врз основа на споредба „јунска кошница со јунска просечна нето-плата“. Исто така, сосема се умесни и укажувањата дека покрај податоци за номиналната и реалната плата, треба да се земаат предвид и дополнителни статистички показатели за средна плата или медијална плата, како и за родовиот јаз во платите.
Меѓутоа, овие дополнителни податоци и споредби, не ја намалуваат важноста на официјалните податоци за реалната просечна плата, кои даваат основа за извлекување на подолгорочни заклучоци. Податоците за реалната просечна плата, кои се содржани во месечните соопштенија на ДЗС од 2010 година, се податоци од јавен интерес, и тие не треба да бидат игнорирани од страна на медиумите, како што беа игнорирани досега.
Тие податоци дефинитивно треба да се земат предвид кога ќе се анализира учинокот на новата Влада, која како прв приоритет во својата програма има „квалитетен животен стандард“, односно „примарна цел и приоритет на Владата во периодот 2024 – 2028 година е зголемувањето на животниот стандард на граѓаните во Македонија“. Оваа примарна цел на Владата не може да се оствари без зголемување не само на номиналната просечна плата, туку и на реалната просечна плата. Токму затоа, медиумите и новинар(к)ите треба да известуваат и за официјалните податоци за реалната просечна плата, без кои не може да се оценуваат политичките ветувања за зголемувањето на животниот стандард на граѓаните.
Извор: https://ima.mk/