1014 hPa
60 %
21 °C
Скопје - Вто, 09.06.2026 21:59

Со месеци се обидував да го откријам насловот на приказната и името на нејзиниот автор.
Во август 2019 го сретнав поетот Сено Мусабеговиќ, па отидовме на кафе во еден од рестораните крај книжарата Бајбук, и разговаравме. Можеби оти зборував за враќањето дома, тој се присети на еден дамнешен разговор од детството, во кој неговиот татко Садо, по неделниот ручек, на собраните околу масата им ја спомнал приказната за војникот, како идеален синопсис за филм кој би требало да биде снимен. Сено бил дете, но приказната му оставила впечаток, па ја памти, еве, до денес. Не можевме да утврдиме како се вика приказната и кој би можел да биде нејзиниот писател. Приказната зборува за војник вратен од војна кој открил дека родителите му се убиени, а сите работи од куќата украдени. Војникот тогаш тргнал по селото да го собира она што било негово. Во куќите на селаните наоѓал слики, маси, грамофон, чаршафи извезени од неговата мајка... Сè вратил. На празните ѕидови во куќата имало бели квадрати, така што секоја слика го пронашла своето место според мерата на својот отисок во времето. И кога сè било на своето место, тој излегол надвор, од џебот извадил кибрит и ја запалил куќата.
Залудно, велам, се обидов да откријам кој ја напишал приказната. Не знам зошто тој податок ми беше важен. Понекогаш се среќавам со својот професор Марко Вешовиќ, па шетаме и разговараме за книжевноста. Тој кој, мислам, прочитал сè, не можеше да се сети на приказната, ни да претпостави кој би можел да биде писателот. И кога престанав да мислам на војникот кој ја запалил куќата, во својата соба меѓу книгите на полицата ја најдов Црвената коњица од Исак Бабељ (објавена во култната едиција Реч и мисао), и во неа мошне краткиот расказ со наслов Пришчепа. Пришчепа, така се вика тој Козак, паликуќа. Ете го.
.jpg)
Денес со Сено се најдовме во малиот ресторан кај Филозофскиот факултет, па му реков дека најпосле го откривме потеклото на приказната и името на авторот. Паѓаше снег, беше убаво како што само во Сараево знае да биде кога се ројат снегулките. Низ прозорецот гледавме како улицата пред ресторанот постепено побелува и се сеќававме на дамнешните настани. Еднаш тој дојде кај мене во Вашингтон, во октомври 2002 година, кога во пошироката околина на градот снајперист убиваше случајни минувачи. Таткото на Сено се јави од викендичката во Главатичево, кај изворот на Неретва, беш вознемирен и се грижеше за синот: Ми рече тогаш, доверливо: „Чувај ми го детето.“
Од ресторанот, како од дамнешно минато, излеговме на снегот, шетавме крај реката, па потоа преку мостот преминавме во Грбавица. Сакаше да ми покаже некои слики во својот стан (еден Брацо Димитријевиќ и еден Кунелис). Со лифт се качивме до најгорниот кат на солитерот и влеговме во убав, простран стан. Пред да обрнам внимание на сликите, сакав да видам како изгледа погледот од неговите прозорци и пријдов до еден од кој се гледаа мостот кој штотуку го поминавме, дрворедот крај шеталиштето и ниските згради зад крошните, бели од снегот. И тогаш се сетив дека во војната тука имаше напуштени работилници. И велам: „Ова е тој солитер!“ Со раката покажувам кон реката. Зимата меѓу 1993 и 1994 наминував таму со Бењамин Филиповиќ. Реката беше граница, а оваа грбавичка страна окупирана територија. Рано наутро кога од зградата на Телевизијата по ноќната смена се враќавме во градот, Бењамин обврзно бараше да наминеме до напуштената работилница и, криејќи се од погледот на снајперистот, да ѕиркаме во прозорците на зградата во која живееше „стара мајка“, како што тој ја нарекуваше својата баба. „Ова е таа зграда!“ Во неа сега Сено живее. Старицата живееше на еден од пониските катови, со поглед свртен кон реката. Бењамин и јас со часови седевме на мокрите цигли и чекавме зад стаклата на прозорците да се појави нејзината силуета, да ни се укаже старата мајка.
Се вратив. После многу години дојдов назад и сега го барам своето место во градот, онака како што сликата од расказот на Бабељ ја наоѓа квадратната трага на ѕидот што во меѓувреме го оставила.
.jpg)
Графики: Katja Lang
Превод: Н. Г.
Извор за текстот: Семездин Мехмединовиќ - Ово вријеме сада (2020)